Достапни линкови

Избори и партии и сè е можно


Илустрација - пратеник во македонското Собрание
Илустрација - пратеник во македонското Собрание

Пет месеци пред најавените предвремени избори за во април 2020 година почнаа прегупирањата на политичката сцена. Според аналитичарите, партиите сакаат да го зголемат својот кампус, а пратениците да дојдат на подобитно место на кандидатската листа.

Прегрупирања пред избори во обид партиите да освојат глас повеќе, а пратениците да фатат подобро место на кандидатската листа - вака аналитичарите ги толкуваат случувањата во македонскиот парламент пред најавените предвремени парламентарни избори на 12 април.

Осумтемина независни од ВМРО-ДПМНЕ ги напушти пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, кој, пак, за потпретседател на Собранието го поддржаа СДСМ и ДУИ. Другите од групата исклучени од опозициската партија лани откако гласаа за уставните измени, сега се среќаваат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Сегашните прегрупирања се фаќања подобри позиции за претстојните избори, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

„Тие се случуваат во сегашното собрание, но во основа се проекција на политичка моќ за претстојните парламентарни избори. Во тој контекст треба да се гледаат прегрупирањата, не се тие идеолошки или, условно речено програмски, туку се работи за прагматични распоредувања на позиции пред претстојните парламентарни избори“, вели Арсовски.

И според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу се е можно кога се во прашање парламентарни избори кога, како што вели, сите се трудат да го зголемат својот кампус.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ проценило дека со нивното враќање ќе има придобивка во смисла на бројки тогаш е можно да ги прими и да се надмине спорот што го имаа. Од друга страна и во интерес на групата независни е да се врати во јадрото и да си обезбедат евентуални позиции во идниот парламент“, вели Муслиу.

Инаку, дека имало средба со Мицкоски потврди и пратеничката Емилија Александрова, која е една од исклучените. Таа запрашана за евентуално повторно вклучување во ВМРО-ДПМНЕ во свое лично име, одговори дека „сите разговори вредат“. Мицкоски, пак, уште пролетта остави отворена врата за нив, одговарајќи потврдно на прашањето дали постои шанса осумте пратеници да се вратат.

Од владејачкиот блок засега ЛДП и ДОМ најавија дека ќе размислат дали ќе одат во предизборна коалиција, најавувајќи дека ќе ја чекаат и разврската на преговорите за една изборна единица. Некои опозициски партии на Албанците веќе најавија можност за соработка. Претседателот на Беса Биљаљ Касами изрази подготвеност за соработка со Алијансата за Албанците на Зијадин Села, но засега нема ништо официјализирано.

„Албанските политички партии ќе сторат се во зависност од нивните интереси да се здружат за да му го нарушат приматот на ДУИ“, вели Муслиу.

Касами, пак, веќе се сретна и со Мицкоски, но без најава за предизборна коалиција. Можноста за таква опција меѓу СДСМ и ДУИ, пак, деновиве ја отфрли вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.

Варијантата да се формираат нови партии кои потоа би влегле во предизборна коалиција со поголемите и така би обезбедиле добитно пратеничко место,според аналитичарите не е толку очекувана, оти времето што останува до избори е кратко за етаблирање на нови партии.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG