Достапни линкови

Дирк Јан Коп – Подготвени сте за преговори, не знаеме што предлага Франција


Дирк Јан Коп: Одлуката не ЕУ е разочарување, но не и драма
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:49 0:00

Дирк Јан Коп: Одлуката не ЕУ е разочарување, но не и драма

Холандија смета дека Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите. Французите зборуваат за ревизија на методите и процедурите, но ние не сме виделе некакви конкретни предлози во овој момент. Кога Французите ќе дојдат со предлози, ние ќе ги разгледаме и ќе видиме што мислиме за нив, вели холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Коп, Македонија не доби датум за преговори со ЕУ. До повторното отворање на прашањето, што може земјата да направи, а што Унијата за да продолжи процесот на проширување со земјите од Западен Балкан?

Она што се случи на последниот самит на ЕУ е разочарување, но не е драма. Она што треба да се случи е да продолжиме. Позицијата на мојата земја Холандија не е променета. Ние бевме за започнување на пристапните преговори и сè уште сме. Нашата цел, намери, проекти и процеси ќе останат исти, а тоа е да се придвижи оваа земја поблиску до ЕУ и во одреден момент да влезе во ЕУ. Тој момент претпоставувам не е толку далеку. Не зависи само од нас. Зависи и од другите земји членки. Но, важната порака во овој момент е продолжете. Продолжете со реформите. Продолжете да ја носите земјата поблиску до тој момент кога ќе може да ги започнете преговорите и што повеќе направите сега, помалку ќе треба да направите кога ќе започнат преговорите. Стартот на преговорите ќе биде само почеток на долг процес за кој ќе бидат потребни многу години. Така што јас ќе кажам не очајувајте, ќе се случи, а во меѓувреме продолжете со реформите.

Се размислува ли во ЕУ за создавање на Европска економска зона за земјите од Западен Балкан како замена за проширувањето?

Не. Ова е идеја која протече од еден тинк-тенк во Брисел, Европската иницијатива за стабилност. Не е официјална програма во кој било од главните градови на ЕУ. Но, да, овој процес веќе се одвива и не е алтернатива, туку е подготовка за ЕУ. Се вика Берлински процес, ЦЕФТА-Централноевропскиот договор за слободна трговија во кој членки се и балканските земји итн. Европската интеграција и оваа трговска интеграција и соработката меѓу овие земји ќе ги направи повеќе подготвени за влез во унијата. Знам дека има разговори за тоа. Но, јас ова не го гледам како алтернатива, туку како подготовка.

Има ли и некои други идеи за замена на процесот на проширување?

Французите зборуваат за ревизија на методите и процедурите, но ние не сме виделе некакви конкретни предлози во овој момент. Кога Французите ќе дојдат со предлози, ние ќе ги разгледаме и ќе видиме што мислиме за нив. Исто така мислам дека владите кои се инволвирани, вашата, Албанија, исто така Србија, Црна Гора ќе формираат мислење за овие процедури, но вашиот премиер веќе кажа дека тој не е против промена на процедурите кога ќе започнат пристапните преговорите. Но, според нашето гледиште, едното не зависи од другото. Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите. Тоа е нешто за што треба Северна Македонија да се подготви. Друга работа е зборувањето за нашите внатрешни процедури. Во тоа Северна Македонија може да биде набљудувач, но тоа е наша работа. Едното нема ништо со другото.

Проблем се реформите или инсистирањето на Франција за реформирање на преговарачкиот процес?

Има изрека на холандски, а тоа е дека хартијата трпи. Тоа што мора да се случи е дека многу од реформите кои постојат на хартија мора да бидат имплементирани. Мора да бидат спроведени во пракса. Мора да бидат видливи за популацијата. Тоа е процес, но според нас, тоа не е нешто што ги задржува преговорите. Има многу што треба да се направи, но ние мислиме дека Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите. Што е мотивацијата на Французите да кажат „не“ на Европскиот совет мора да ги прашате нив.

Го делите ли мислењето на Франција дека е потребна промена на процесот на проширување?

Ќе повторам. Не сме виделе конкретни предлози, така што немаме мислење. Во принцип можеби и не е лоша идеја за ЕУ внатрешно повторно да ги погледне процесите и процедурите. Но, не сме виделе конкретни предлози и ние ќе ги процениме според основаноста кога ќе ги приложат, но повторно ова нема да го смени нашето гледиште кон Северна Македонија дека Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите.

Дали со евентуалното воведување на новата методологија се става под знак прашалник процесот на проширување?

Повторно не знам што ќе содржи францускиот предлог. Но, доколку ги слушам Французите, она што најверојатно го имаат на ум е да постават повеќе услови. Но, уште поважно е да го направат процесот реверзибилен. Така што, ако отворите поглавје да речеме за владеење на правото и преговарате и се согласите, но неколку години подоцна праксата покажува дека тоа не е имплементирано да може да се навратите на поглавјето. Тоа е мислам срцето на француската идеја. Но, сè уште не сме виделе ништо конкретно. Треба да ги прашате Французите што тие сакаат.

Дали недонесувањето на Законот за јавно обвинителство реално влијаеше врз одлуката за неотпочнување на преговори?

Мислам дека не. Не. Во трансформирањето на општеството мислам дека две работи се централни. Едната е борбата со корупцијата, а другата е вистинско независно јавно обвинителство. Повторно, и овде хартијата трпи. Мора да видиме дека функционира во пракса и како тоа ќе го направите зависи од Северна Македонија. Дали ќе направите нов закон, дали ќе имате амандмани на постојниот закон или ќе поставите заштитни мерки во регулативата кои ќе мора да го спроведат законот, тоа е на вас. Ние сакаме да видиме резултати во пракса на лице место, видливи за популацијата. Да, важно е и со сегашната состојба на работите, се разбира, дискусијата е прекината и ви треба двотретинско мнозинство за нов закон. Тоа нема да биде лесно. Ние го претпочитаме постојниот закон пред високо политизиран нов закон. Постојниот закон е веројатно подобар. Ние мислиме дека е многу важно што постојните случаи се заштитени да поминат низ судска постапка и се разбира во одреден момент помеѓу сега и целосно членство на Северна Македонија, кое ќе се случи за многу години отсега, некоја регулатива или законска рамка или закон ќе мора да се направи со која ќе се осигура дека јавното обвинителство ќе биде независно. Никој не е над законот. Се работи за еднаков терен за сите.

Очекувате ли законот да биде донесен до распишувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април?

Па, каде е мојата кристална кугла? Не знам. Но, важно е дека до овој период пред изборите кои ќе бидат за половина година да се продолжи со реформскиот процес, да не се губи време. Тоа е важно. Дали тоа ќе резултира со нов закон. Не знам. Се надевам. Но, повторно за нас е поважна праксата на работите отколку правното изразување.

Колку од исходот на изборите ќе зависи евроинтегративниот процес?

Не треба. На средбата на политичките лидери која беше свикана од претседателот по Европскиот совет, сите ја реафирмираа нивната посветеност, нивната стратегиска цел за евроатланска интеграција. Сите го кажаа тоа. Доколку прават онака како што велат дека сакаат, сите ќе работат кон членството во ЕУ и тоа е она што го очекуваме. Повторно е важно што ќе се случи во пракса и се разбира мојата земја е тука да го набљудува тоа. Но, исто така сме тука да помогнеме на тој процес ако ја сакате нашата помош. Ние сме подготвени да ви обезбедиме помош во тој процес. Така што, секоја Влада која го прави тоа и сите велат дека им е стратегиска цел, ние ќе продолжиме да го правиме тоа.

Каде се пукнатините на бродот, како што изјавивте, кои треба да се затворат?

Тоа беше извадено од контекст. Мислам дека од Република. Јас зборував на средба за корупција. Ние финансиравме студија која беше спроведена од Транспаренси Интернејшнел Македонија. Ова е студија за правилата за вработување во јавната администрација. Тие ги погледнаа или ги разгледуваат сите закони и регулативи во обид да пронајдат каде е потребно подобрување со цел да се осигураат дека високите официјални лица се транспарентни и работат според законот, а не да ставаат пријатели и членови на семејството на работни места. Ова истражување е спроведено од оваа институција и ќе биде вклучено во активностите на Државната комисија за спречување на корупција и треба да води до препораки за новата антикорупциска стратегија. Тоа што го кажав е, ако имате вода во вашиот брод мора да направите две работи. Мора да почнете да ја испумпувате. Тоа е она што сега го прави Државната комисија за спречување на корупција. Тие сега идентификувале 65 случаи, така што ја испумпуваат водата надвор од бродот. Другата работа којашто треба да ја направите е да пронајдете каде протекува водата и да ги затворите отворите. Тоа е она што го прави и нашата студија. Се разгледуваат сите закони за да се пронајде протекувањето и ќе се наведат препораки за да се затворат дупките. Но, можеби е нормално за личност од мојата земја да мисли преку таква метафора. Но, оваа земја е копнена и можеби подобра метафора ќе биде: имате винарија, лозје полно со вашето убаво грозје вранец. Но, некој ги краде навечер. Државната комисија за спречување на корупција сега се обидува да ги најде крадците и да ги уапси. Но, она што нашите истражувачи го прават е да се обидат да ги најдат мерките за да го заштитат лозјето. Дали да стават огради или камери бидејќи сакате да го запрете грабежот. Но, исто така сакате да ги фатите крадците. Така што, тоа беше метафората. Мора да ја испумпате водата надвор од бродот, но морате и да ги затворите дупките.

Како ја коментирате изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров дека Договорот од Преспа нема целосно да се спроведе ако земјава не ги почне преговорите со ЕУ?

Да, она што Никола Димитров најверојатно го рече се однесуваше на техничките одредби во Договорот од Преспа кои зависат од преговорите со ЕУ. Ако зборува за техничките одредби во договорот, тој е во право. Тие ќе треба да чекаат и мислам дека на тоа мисли.

На прашањето за отпочнување преговори со Северна Македонија, ЕУ ќе се наврати на самитот во Загреб. Што ќе се случи доколку не бидат исполнети барањата за нова методологија на Франција?

Повторно, не сме виделе конкретни предлози. Нашата позиција е дека Северна Македонија е подготвена. Таа позиција нема да се смени пред следната средба. Ние ќе одиме на таа средба со таа позиција дека Северна Македонија е подготвена и дека оваа позиција не зависи од кој било договор за методите кои ги користиме во преговорите. Моето гледиште е дека тоа е посебна дискусија. Се разбира можно е дека други земји го гледаат во друго светло, дека Франција ќе го направи да зависи. Но, секако тоа е позиција која не можам да ја предвидам. Не знам, повторно каде е мојата кристална кугла?

Доколку земјава повторно не добие датум за почеток на преговори, според вас, ќе се зголеми ли евроскептицизмот?

Да, секако. Јас сум разочаран. Јас лично сум разочаран. Мислам дека оваа земја е подготвена и треба да почне. Но, повторно не треба да драматизираме. Не е драма, туку е мал застој и ќе дојде само подоцна. Можеби е мудро да не се прикачува огромно симболично значење на одредени датуми. Тоа е процес и овој процес на модернизација и реформи продолжува. Македонија прави значајни чекори. Мислам дека е навистина импресивно што се случува во оваа земја и тоа ќе ја донесе земјата поблиску и ќе дојде денот кога преговорите ќе почнат и ќе дојде денот кога Северна Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ, како што сега станувате полноправна членка на НАТО.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG