Застој, а не блокирање на процесот на проширување е неотпочнувањето на преговори на Северна Македонија со ЕУ, а притоа во наредните месеци земјата треба да продолжи со реформите. Таков заклучок може да се изведе од пораките кои ги испратија претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли и Елен Конвe-Муре, заменик претседател на францускиот Сенат и член на Комисијата за надворешни работи кои беа во дводневна посета на земјава.
Нашата сила се состои во тоа што сите европски институции се единствени во поддршката за отпочнување на преговорите со Северна Македонија, порача Сасоли на заедничката прес-конференција со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери.
„Само се одложи одлуката и практично сигурни сме дека она што го изразија одредени држави како забелешка сигурно ќе биде надминато. Мора да продолжиме и не смее да застанеме и да запреме. Мора да продолжиме со процесот на реформи и во Северна Македонија и во Албанија, а ние во ЕУ треба да бидеме сигурни во сите оние забелешки коишто беа истакнати“, рече Сасоли.
Конве-Муре истакна дека разбира оти сигналот кој бил даден е многу негативен, но Франција смета дека сите земји од регионот се дел од европскиот континент и неопходно е ЕУ да се реформира внатре.
„Не станува збор за вето, ниту за одбивање од страна на Франција, затоа што Франција не сака да го блокира процесот, туку само се изјасни негативно во однос на прашањето, затоа што можеби денес ЕУ не е подготвена да прифати нови земји членки и неопходно е да се видат одредени критериуми кои што ќе помогнат да се пристапи кон членство и прифаќање на нови земји -кандидати“ изјави Конве-Муре во интервју за МИА, појаснувајќи го недоделувањето датум за Скопје и Тирана на октомврискиот Самит на ЕУ.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вчера во Собранието порача дека најпрво треба да се организираат добри избори со што ќе се испорача слика за Северна Македонија дека е демократска земја.
„Останува на големите политички партии да се договорат за начин на организирање на изборите. Но, исто така и да се договорат за поуспешна борба против корупцијата. Подеднакво судство кое успешно ќе се справува со корупцијата. Знам дека тоа е долг пат, но ние сме на ваша страна да ви помогнеме во тоа. Знаете дека постои тој процес на ревизија на ЕУ и доколку се дадат позитивни точки до мај и од ваша и од наша страна мислам дека ќе успееме да добиеме добри вести“, порача Тимоние.
Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот во колумна за „Ди Велт“ истакнува дека горчлив пораз е неотпочнувањето на преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Но, сега би било погрешно, да замижеме пред реалноста. Напролет, 2020 година, темата треба повторно да се најде на агендата на шефовите на државите и на владите на ЕУ. Тогаш мора дефинитивно да дадеме до знаење дека се држиме до пристапната перспектива. Понатамошни одолговлекувања би биле неодговорни. Во меѓувреме, Северна Македонија и Албанија мора ангажирано да продолжат со своите реформски напори. Тоа е најдобриот сигнал до сите скептици. Истовремено, ние во кругот на ЕУ мора да ги завршиме нашите домашни задачи и да разјасниме како може да се отстрани резервираноста на поединечни држави-членки“, пишува Рот.
ЕУ на прашањето за отпочнување на преговори со Северна Македонија и Албанија ќе се наврати во мај, наредната година, пред самитот во Загреб.