Достапни линкови

Со датум од ЕУ или не, реформите мора да продолжат


Македонско знаме и знамиња на ЕУ
Македонско знаме и знамиња на ЕУ

Северна Македонија да ги продолжи реформите, иако земјата е подготвена за почеток на преговори со ЕУ, вели холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп. Според упатените, прашањето кое останува отворено во евроинтегративниот процес е Законот за јавно обвинителство.

Разочарување, но не и драма. Вака ја коментира холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп одлуката на ЕУ да не и се додели датум за преговори на Северна Македонија на самитот во Брисел минатиот месец. Во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе се емитува в недела и кое е прво на амбасадорот откако ја презема функцијата од неговиот претходник, тој вели дека на земјата сега и останува да ги продолжи реформите. Амбасадорот Коп порачува и дека Холандија останува на позицијата оти Северна Македонија е подготвена за почеток на преговори со ЕУ.

„Она што се случи на последниот самит на ЕУ е разочарување, но не е драма. Она што треба да се случи е да продолжиме. Позицијата на мојата земја Холандија не е променета. Ние бевме за започнување на пристапните преговори и се уште сме. Нашата цел, намери, проекти и процеси ќе останат исти, а тоа е да се придвижи оваа земја поблиску до ЕУ и во одреден момент да влезе во ЕУ. Тој момент претпоставувам не е толку далеку. Не зависи само од нас. Зависи и од другите земји членки. Но, важната порака во овој момент е продолжите. Продолжете со реформите. Продолжете да ја носите земјата поблиску до тој момент кога ќе може да ги започнете преговорите и што повеќе направите сега, помалку ќе треба да направите кога ќе започнат преговорите. Стартот на преговорите ќе биде само почеток на долг процес за кој ќе бидат потребни многу години. Така да јас ќе кажам не очајувајте, ќе се случи, а во меѓувреме продолжете со реформите“, вели Јан Коп.

Отворено прашање кое остана во однос на напредокот на патот кон отворањето на пристапните преговори со ЕУ е Законот за јавно обвинителство, вели Ардита Абази Имери од Институтот за европска политика.

„Мислам дека ќе треба да се направи исчекор во оваа насока за ние да покажеме дека сме посветени на реформите, како на надворешен план, исто и на внатрешен план. Секако од страна на ЕУ останува да се отвори дебатата, за како понатаму да се реформира процесот на проширување, кои има некои недостатоци, коишто ние како граѓански сектор сме правеле анализи дека ЕУ инвестира во Западен Балкан, меѓутоа реални и вистински резултати недостасуваат во одредена мера. Затоа ние како граѓански сектор сме покажувале дека овој процес треба да се реформира и сега ЕУ треба да ја отвори оваа дебата, меѓутоа овој процес треба да оди паралелно со отворање на пристапните преговори со Албанија и со Македонија“, вели таа.

Се уште нема конкретни предлози од Франција за реформирање на процесот на проширување, додава амбасадорот Коп. Во трансформирањето на македонското општество, според него, две работи се централни, а тоа е борбата со корупцијата и вистинско независно јавно обвинителство. Тој порачува дека ЕУ мора да види оти тоа функционира во пракса, а како ќе биде спроведено зависи од земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG