Изјавата на премиерот Зоран Заев дека само тој е Бошко Буха во државата ја предизвика креативноста на луѓето на социјалните мрежи, кои вријат од досетки и мемиња со кои го споредуваат Заев по познатиот југословенски партизански херој. По најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ќе објави нови „бомби“, Заев го повика да пријави до институциите и рече дека „Бошко Буха во државата е само Зоран Заев“.
Луѓето на социјалните мрежи прашуваат, ако Заев е Бошко Буха, кој е неговиот Сирогојно.
Премиерот Зоран Заев, тогаш како лидер на опозицијата, во 2015 година почна да објавува нелегално снимани телефонски разговори, или таканаречени бомби“, кои доведоа до пад на владата на Никола Груевски. За нелегалното прислушување се обвинети поранешни функцинери од Управата за безбедност и контраразузнавање.
Бошко Буха е партизански народен херој, кој загинал на 17 години во 1943 година. Познат е по неговите бомбашки напади врз германските бункери. Митот за Бошко Буха во поранешна Југославија се засилува по прикажувањето на филмот и телевизиската серија Бошко Буха во 1978 година на Бранко Бауер, со тогашните големи ѕвезди Марко Николиќ и Љубиша Самарџиќ. Главниот лик го толкува Иван Којунџиќ, а ликот на неговиот партизански другар Сава Јовановиќ Сирогојно го толкува Драган Бјелогрлиќ.