Поништувањето на лустрацијата значи уривање на целиот правосуден систем, реагира поранешниот претседател на Комисијата за лустрација Томе Аџиев откако Владата испрати до Собранието предлог закон за огласување ништовност на постапките и последиците од лустрацијата. Аџиев вели дека оваа постапка не го изненадува, ама го загрижува, затоа што со ова власта остава простор во иднина секоја власт да си носи и урива системски решенија со кои дополнително ќе се разниша правосудството.
„Нека му ја мислат тие што се денеска на власт што прават со системот, заради задоволување на тесни интереси рушат цел систем, утре некој ќе му текне ќе донесе закон за поништување на некоја судска пресуда каде што вие имавте спор за вашата недвижност, и ќе ја изгубите куќата затоа што на некој му се бендисала вашата куќа. Страшни работи се овие, не се свесни овие што прават со правосудниот систем“, обвинува Аџиев.
Аџиев по завршувањето на мандатот претседател на Комисијата за верификација на факти, беше осомничен во еден предмет на Специјалното обвинителство именуван како „Моќник“, според кој на барање од пратеникот Антонијо Милошоски спровел лустрација на судија од Кичево. Случајот „Моќник“ СЈО го објави во март минатата година и се однесува на вкупно 13 лица, меѓу кои пратеникот Антонијо Милошоски, неговиот татко и тогашниот градоначалник на Општина Македонски Брод.
Доколку Собранието го изгласа новиот предлог закон, што вчера беше усвоен на владина седница стануваат ништовни сите решенија на Комисијата за верификација на фактите, што беше формирана во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која е коалициски партнер и во новата власт. Дополнително луѓето кои беа опфатени со лустрацијата ќе имаат право и на обештетување од државата.
Аџиев смета дека гарнитурата наследници на лустрираните „ кодоши и наредбодавци“ се сега во институциите и со ова бараат да си го измијат образот.
„90 проценти од тие предмети, жртвите на тие дејанија си ги имаат досијата дома, си знаат кои биле кодоши, и тоа не можат да го избришат од меморијата. Ме чуди уште една работа, како не му падна на памет да ги поништат досиејата, и тоа можеше да се случи, да му падне на памет на некој многу мудар“, вели Аџиев.
Поранешната судијка во Стразбур Маргарита Цаца Николовска вели дека владиното предлог решение не претставува уривање на системот туку само надградување на претходниот закон со кој беше прекинат процесот за лустрација, но во него не се опфатени оштетените.
„Во едно сум сигурна, дека последиците од лустрацијата која предизвика штета кај многу луѓе треба да се санира. Друго е прашањето за начинот на санирање на тие последици. Ние имаме постапки пред управен суд каде што е утврдено дека лустрацијата кон одредено лице не била во ред, условно решено. И што со таа постапка, завршила постапката или треба комисијата да ја разгледа повторно а таа е укината, но што со тие предмети?“, вели Николовска.
Премиерот Зоран Заев во синоќешното обраќање на социјалните мрежи по владината седница наведе дека со ова се отстрануваат последиците врз луѓето кои биле жртви на овој процес.
„Нарачаните процеси од т.н. лустрација ќе останат само лоша меморија од времето на режимот“, напиша Заев на Фејсбук.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски смета дека со предлог-законот за поништување на лустрацијата кој вчера помина на влада, СДСМ се става во заштита на кодошите.
„Сметам дека тој процес беше потребен, беше праведен, многу жртви во годините на комунизмот настрадаа, наши дедовци наши прадедовци основачи на ВМРО-ДПМНЕ, но не и само ВМРО, туку и други интелектуалци, луѓе, слободно мислечки демократи кои што сакале демократски систем и сметам дека најмала сатисфакција за тие луѓе што можеше да се случи е да се знае кој неправедно ги кодошел и зошто ги кодошел,“ изјави Николовски.
Во 2015 година по предлог на група пратеници од ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ процесот на лустрацијата се прекинува, односно се стопираше. Причината за тоа, дел од аналитичарите ја бараа во критиката од Брисел, додека владејачкото мнозинство се правдаше дека мисијата е завршена, односно дека се искоренети од јавната служба поранешните соработници на тајните служби.
Според претходниот закон луѓето кои добиле решенија за лустрација од Комисијата им се забрануваше јавна функција во период од пет години. Процесот на лустрација е оспоруван од самиот негов почеток, а лустрацијата се најде и во последниот извештај на Прибе. За ВМРО-ДПМНЕ тој закон претставуваше расчистување со темното „удбашко минато“ на државата, додека пак СДСМ лустрацијата ја толкуваше како прогон на политички неистомисленици. Во лустрациската битка беа опфатени и ДУИ и ДПА, но комисијата не одлучуваше за нивните предмети затоа што досијата кои никнуваа по дворови за Али Ахмети, Муса Џафери, Фазли Велиу биле фотокопии, по што следуваа и истраги за фалсификување документи. На листата на лустрирани се најдоа професори, режисери, пратеници и судии.
Експертите и поранешните разузнавачи со години укажуваа дека проблематични се и документите кои ги имаат институциите за соработката со тајните служби, а ги користи Комисијата за верификација на факти, затоа што, како што изјави во една прилика поранешен директор на разузнувачката служба, речиси половина од тие белешки се неупотребливи, а нивната веродостојност не е проверена.