Недоволно образовни асистенти, бавна проценка, неподготвени училишта, се само дел од пречките со кои се соочува инклузивното образование во земјава. Законот за основно образование донесен пред скоро три години, ги постави новите темели на системот на инклузија, но нештата бавно се движат напред.
Шест месеци чекала комисиска проценка за својот второоделенец, како услов за државата да му обезбеди образовен асистент, раскажува Елена Јакимовска Павлевска, мајка на двајца близнаци од кои едниот со аутизам. По една и пол година минати во училишна клупа Јакимовска Павлеска е револтирана од тоа како се спроведува инклузивното образование.
„За каква инклузија зборуваме кога моето дете е во училиште метро на метро со 26 деца, а моето дете е со ауистичен спектар и сензорни нарушувања. Моето дете не сака да оди во училиште има блокада, му сметаат гласовите и тоа што училницата е малечка и тој нема простор, за каква инклузија зборуваме“, прашува Јакимовска Павлевска.
Видете и ова: Пеејќи ја „Неправда“, лицата со Даунов синдром пуштија глас за прaвдаИ Димитар Даскалов има близнаци кои годинава тргнале во основно училиште. Едното од нив е со атипичен развој. За него успеале некако да добијат термин за комисиска проценка, а потоа и образовен асистент на почетокот на септември. По еден месец во школо, и наставникот, и асистентот, а и стручните служби во школото, не успеале да најдат начин како да соработуваат со детето.
„Во цел тој месец од училиштето, од наставничките и асистентот многу често се јавуваа, на неделно ниво 3-4 пати, можеби и секој ден, да дојдеме да го земеме порано детето, односно дека не може никој да се справи со него, дека не само во училница, туку и во школски двор да го задржат. Неколкупати има избегано, еднаш дури и на паркинг, надвор од училишниот двор“, раскажува таткото кој и самиот работи како наставник.
Видете и ова: Ембла се врати кај соучениците, но каде се другите деца со Даунов синдромКако родител на три деца, и сопруга која исто така е вработена со полно работно време, во договор со школото дошле до соломонско решение. Детето, кое и онака тргнало со една година задоцнување на училиште, пак да се врати во градинка. Па да се проба одново, догодина, кога веќе ќе има 8 години, па градинките нема да имаат законска можност за негово згрижување.
„Но прашањето сега е што доколку многу тој не напредува. И сега со речиси 8 години го пуштаме повторно со асистент и повторно ги имаме истите сцени, истата ситуација? “, загрижен е таткото.
Нов почеток на инклузивно образование
Новиот Закон за основно образование ги постави темелите на системот за целосна инклузија на децата со посебни образовни потреби. Тоа значи дека ако досега родителот можеше да одбере дали своето дете ќе го запише во редовно или специјално училиште, законот ја укинува оваа можност од следната учебна 2022/2023 година.
Ова значи дека сите идни првачиња ќе мора да се запишат во редовните школи. За таа цел, од тековната учебна година, државата ја презема обврската да им обезбеди образовни асистенти на сите деца кои ќе имаат потреба од нив. За првпат платите на образовните асистенти се беа ставени во буџетот, а специјалните основни училишта кои сега станаа основни училишта со ресурсен центар, добија речиси милион евра за вработување 500 образовни асистенти. Услов да се стане образовен асистент беше да се има диплома за дефектолог, педагог, психолог, но тука влегоа и струки како социјален работник или наставник. Огласот беше објавен непосредно пред почетокот на учебната година, а избраните кандидати добија седумдневна обука, малку онлајн, малку со физичко присуство.
Родителите чии деца имаат потреба од образовен асистент, како Даскалов и Јакимовска Павлевска реагираат дека има проблем и со недостиг на асистенти, но и со нивна соодветна едукација.
Видете и ова: Приказни на луѓе со посебни потреби и „обични“желбиЕлеонора Наумоска веќе 4 години работи со атипични деца во редовните училишта. Иако е дипломиран дефектолог, забележува дека и неа и било потребно дополнително учење пред да влезе во училницата.
„Не е лесно да си образовен асистент, прилично е тешко“, вели Наумоска.
Првите три години нејзиниот мал хонорар бил обезбеден во рамки на проекти кои ги спроведуваат општините. Од септември, за првпат има статус на вработена со полно работно време, но со договор на една година.
Вели дека сега кога е внатре во системот, поблиску ги гледа неговите недостатоци.
„Сметам дека не ни се спремни училиштата. Прво немаме ние инфраструктура, немаме стручен кадар. Не ги кривам наставниците, за некои работи не се тие криви затоа што имаат 30 деца во одделението и децата се различни. И на наставниците треба да им се даваат обуки, не треба да се обуки од 2 дена, затоа што со обука од 2 дена не се учи апсолутно ништо. Еве јас дипломирав (дефектологија) 4 години завршив, и пак ми фалеа некои знаења зошто немавме пракса“, заклучува Наумоска.
Не сака да ја коментира спремноста на другите образовни асистенти, но она што и пречи во законското решение, е што на еден асистент може да му доделат и повеќе деца со атипичен развој. Ако имаат поголеми потреби, забележува таа, невозможно е асистентот успешно да работи со нив.
„Во клас со 30 деца, прво, второ трето нека се, да имаш 3 деца со посебни потреби, а во школото дефектологот е само 2 дена, а немаш ни материјал, наставничката што попрво да направи, дали за другите деца, дали за децата со посебни потреби... и реално настанува општ хаос“, вели асистентката.
Видете и ова: Борбената Пепелашка во количкаСите деца на нова проценка
Откако започна реформирањето на системот за инклузивно образование, сите деца со атипични потреби кои во изминатите години одеа во редовно училиште требаше да минат нова проценка на нивните способности. Напливот во новоформираната Служба за функционална проценка на деца и млади попозната под скратеницата МКФ почна лани во февруари бидејќи оваа проценка стана услов за доделување образовен асистент. Елена своето дете го пријави веднаш, но чекаа повеќе од шест месеци за да стигнат на ред. Ова значеше и дека нејзиниот син со аутизам тргна во второ одделение без асистент.
Некаде кон средината на декември, листата на чекање се уште беше огромна.
„Врз основа на податоците кои се добиени од Комисијата за проценка , на листа за чекање се вкупно 540 деца, од кои повеќето се деца со проблеми во учењето, не се сите деца со попреченост со потреба од образовна асистенција“, одговорија тогаш од МОН.
Сега, притисокот попушти, тврди Горан Петрушев, раководител на МКФ. Ако до неодамна, проценката на способностите на атипичните деца се правеше само во Скопје, службата отвори свое одделение и во Битола, Струмица, Гостивар, а наскоро и во Штип.
„Никој не губи бидејќи ние сме во контакт и со училиштата и со ресурсните центри. Ние добивме некои списоци и од училиштата и сите тие ученици коишто имаа посериозни попреченост, ние ги проценивме. Притисокот кон телата за проценка е намален, бројката е помала , некаде можам да кажам дека во сите тела има некаде 30 -40 деца што тековно се проценуваат, така да не е тоа нешто големо. Малку е поголема бројката во скопскиот регион, затоа што досега телата што беа во Скопје, проценуваа од цела Македонија, така што тука уште имаме поголема гужва, но не е и таа бројка голема. Се работи за 70-80 деца“, тврди Петрушев кој укажува дека зависно од способностите, не значи дека за секое дете треба да биде обезбеден посебен образовен асистент.
Во однос на бројките, досега вели дека препорачале асистенти за околу 600 основци. На ниво на држава, пак според податоците од МОН ангажирани се вкупно 500 образовни асистенти во основните училишта. Во исто време, оваа учебната 2021/22 година, во основните училишта се вклучени вкупно 911 ученици со посебни образовни потреби.
Видете и ова: Повеќе наставници, а помалку ученици„Вработување на нови образовни асистенти зависи од бројот на ученици кои имаат добиено мислење за потреба од образовна асистенција. Секако дека се размислува и на оспособување на наставниот кадар да може да обезбедува поддршка на учениците со попреченост кои се вклучени во редовниот образовен систем. Врз основа на податоците кои ги добивме од Комисијата за проценка, се работи за ретки случаи за кои откако ќе добијат информација веднаш добиваат приоритетен термин за проценка“, е ставот на МОН.
Петрушев се надева дека во септември ќе имаат точна проценка за тоа на колку деца ќе им требаат асистенти и потсетува дека веќе сите првачиња со посебни образовни потреби настава ќе следат во редовните училишта.
„Сега останува да се прифати тоа, да се овозможат соодветни услови, значи да се овозможи поддршката. Значи ние џабе ќе ја направиме функционалната проценка ако немаме сервиси на поддршка, ако немаме соодветна поддршка детето да можеме да го вклучиме“, додава Петрушев.
Дополнителен проблем е и инклузијата на децата во средно училиште. За тоа треба да се менува Законот за средно обраование, па додека се чекаат законските измени образовните асистенти средношколците се уште се бараат преку проекти. Во средно, инклузивна настава следат 312 средношколци. Според статистиките на МОН, за нивните потреби, во соработка со УНДП, се ангажирани 52 образовни асистенти во 16 општини.
Со новиот Буџет за 2022 година пак обезбедени се вкупно 3,5 милиони евра за финансирање на образовната асистенција.
Додека системот се подготвува за целосна инклузија 25 години откако воопшто беше воведена инклузијата во училиштата, родителите на атипичните деца немаат време за чекање. До година синот на Димитар кој беше вратен во градинка ќе мора да тргне во прво одделение, во редовно училиште.
„Не можеме веќе нигде да го враќаме, не можеме да отсуствуваме од работа, што понатаму? Едноставно како да нема дополнителни решенија, а цело време се настојува на терминот инклузија на овие деца, а тоа се практикува на минимумот потребно“, заклучува таткото.