Достапни линкови

Една може и сама, ама мора да помогне и државата


Не е воопшто лесно да се биде самохран родител во општество како нашето. Самохраноста е исполнета со немоќ, ограничености, неможности, мултиплицирана виктимизација и од страна на државните институции, и од општеството, и на работното место, и во приватните односи, вели Дороти Пачкова од „Една може“. В недела „Една може“ го организира првиот протестен марш во земјава посветен на самохраните мајки.

Системот сега не ги препознава еднородителските и самохраните семејства како посебна категорија, па за да остварат какво било право на социјална помош или друг вид на помош за децата, треба буквално да немаат ништо на свое име, вели Дороти Пачкова, директорка на „Една може“ и експертка по родови науки. Организацијата за родова еднаквост и женски права „Една може“ затоа бара самохраните мајки да бидат видливи за системот.

„Единствено мал број на жени самохрани мајки може да користат какви било социјални бенефиции од државата. Нема никаков посебен додаток за самохраност, нема училиштен додаток, нема семеен додаток. Една самохрана мајка да оствари каква било социјална мерка не треба да биде вработена, не треба да има ништо на нејзино име, не треба да има ниту движен, ниту недвижен имот, практично да биде бездомничка“, вели Пачкова во разговор за РСЕ.

Социјален додаток не може да земат нити оние самохрани родители кои имаат најниски плати. Тие можеби може да земат детски и училиштен додаток, кој севкупно е 1700 денари, вели таа.

„Ако тоа дете нема втор родител кој би плаќал каква било издршка, тие 1700 денари не ја покриваат ни хранарината во училиште затоа што хранарината во просек се движи од 2500 до 2900 денари месечно за дете во основно образование“, вели Пачкова.

Дороти Пачкова, директорка на „Една може“ и родова експертка
Дороти Пачкова, директорка на „Една може“ и родова експертка

Таа додава дека во друштвена заедница како нашата, самохраноста е исполнета со немоќ, ограничености, неможности, мултиплицирана виктимизација и од страна на државните институции, и од општеството, и на работното место, и во приватните односи.

„Не е воопшто едноставно“, додава таа.

Дека воопшто не е едноставно да се биде самохран родител се сложува и Хатиџе Исмаили. Таа повеќе од 10 години е самохран родител на двајца близнаци.

„Не сум имала некој бенефит од државата затоа што сум вработена. Ако си вработена, независно од тоа колкави се примањата, не можеш да добиеш ништо. На пример сум конкурирала за децата да добијат детски додаток, но барањето ми беше одбиено поради тоа што сум вработена. Да не зборуваме за други бенефиции, имам слушнато во европските земји дека самохраните мајки имаат бенефиции, но јас не сум имала никакви бенефиции, ни како самохрана мајка, ни како мајка на близнаци“, вели Исмаили.

В недела „Една може“ го организира првиот протестен марш во земјава посветен на самохраните мајки. Од паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје ќе протестираат до Министерството за труд и социјална политика кое се наоѓа на помалку од еден километар оддалеченост. Повод за маршот е одземањето на децата на една од нивните членки.

„Трагичната приказна каде што ѝ се неправедно одземени децата врз база на фалсификувани документи и корупција и мито, кои за жал ги има во нашите институции. Па така членките се солидаризираа кога ја дознаа нејзината приказна и мноштвото од нашето големо членство кое брои над 5000 самохрани мајки беа убедени дека мора да го направиме овој протест. И без оглед дали има политичка клима и политичка волја за да се случува ова, ние решивме да бидеме тука за нашето членство, како и секогаш“, вели Дороти Пачкова.

Таа посочува дека барањата им се исти со години. Тие бараат да се зголеми социјалната помош, детскиот и образовниот додаток да постои за сите деца од еднородителски семејства, а бараат и социјалните центри да постапуваат согласно законските правила кога се одлучува кому ќе му припадне детето и по која основа. Бараат да им се помогне на самохраните мајки да им се реши станбеното прашање преку давање на социјални станови или преку давање на станбени кредити без камата и без учество, а исто така и да се создадат механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки.

„Самохраните родители живеат кај своите изворни семејства, живеат во своите детски соби, живеат со други семејства по ист покрив, а така ги таргетираат како едно домаќинство, па ги мерат приходите на сите кои се во таа заедница па повторно не можат да ги остварат своите социјални права“, вели Пачкова.

Во земјава нема база на податоци за точниот број на самохрани родители, па затоа од „Една може“ бараат да има и архив на еднородителски семејства, самохрани мајки и деца кои користат услуги на Центарот за социјални работи.

И Хатиџе Исмаили вели дека треба да им се помогне на самохраните родители да дојдат до сопствено живеалиште.

„Ние самохраните мајки потешко може да земеме кредити и потешко може да ги плаќаме и потешко после се тера месецот до крај. Никој не ни помага за станови, нема социјални станови“, вели таа.

Од Министерството за труд побаравме став за барањата на самохраните родители, но одговор не добивме.

Во земјите членки на ЕУ, четири проценти од семејствата се еднородителски, според податоците на Евростат за 2020. Но уделот на самохрани родители варира од земја во земја. На пример највисок е процентот во Шведска каде 34 отсто од семејствата со деца се еднородителски, а во Хрватска, пак, само пет проценти од семејствата со деца се еднородителски.

Примерите од странство покажуваат дека државите им даваат бенефиции на самохраните родители. Освен паричните надоместоци, децата имаат приоритет за запишување во градинка, центрите за згрижување им излегуваат во пресрет на самохраните родители, добиваат надомест за домување, имаат даночни олеснувања, родителите имаат право на дополнителен годишен одмор.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG