Достапни линкови

Секое четврто семејство зимоска грее само едно сопче


Илустрација
Илустрација

Над 35 илјади корисници на социјална помош и околу 9400 стари лица без пензии и без имот добиваат по 1000 денари месечно од државата за да може да си ги подмират сметките за греење. Од Здружението Вистински дела на љубезност, со години им помагаат на луѓето од ранливи категории, а веќе една година се дел од проектот Плати сметка. Според податоци на Евростат скоро 25 отсто од Македонците изјавиле дека не можат соодветно да ги загреат своите домови.

„Самохрана мајка со болен син се без струја повеќе од 6 години.“

„Семејство со 3 деца, мажот се разболува и заглавуваат во долгови. Поради немање средства, не можат да ги платат сметките и струјата им е исклучена.“

„Самохран татко живее со својот син кој е одличен ученик. Таткото има минимални примања и непостојана работа. Имаат преголем заостанат долг кој е поделен на рати со цел да не им биде исклучена струјата.“

Ова се само дел од приказните на луѓето на кои Здружението Вистински дела на љубезност и платформата Ways to help се обидуваат да им помогнат за да им се платат сметките за струја.

Тони Станковски од Здружението „Вистински дела на љубезност“ за РСЕ вели дека со години им помагаат на бездомници и на социјално загрозени семејства и поединци, а од пред една година стартувале и со идејата „Плати сметка за друг“. Станува збор за платформа преку која може да се плати сметка за луѓе од ранливи категории. Засега на луѓето кои се во нивната база им помагаат преку целата година, но како што вели Станковски, потребата за помош е поголема и, според неговото мислење, нема организација која може да ги покрие сите граѓани кои се во ризик на сиромаштија.

„Правиме детектирање на семејствата каде што е најпотребно и помошта е еднократна за плаќање на сметки. Има семејства кои од различни причини во текот на годината имаат голем број собрани сметки, некои имаат и повеќе од година дена што не им се платени. На некои им е исклучена струјата, знаеме дека после три неплатени сметки се исклучува струјата, така што гледаме максимално да помогнеме на што е можно повеќе луѓе“, вели Станковски.

Тој вели дека се сретнале со најразлични приказни.

„Најтажно, најсензитивно е кога ќе видиме во некои семејства каде што им е исклучена струјата, во период во зимските месеци кога е ладно и немаат за греење, или кога во некои семејства има некој болен член на кој му е потребна дополнителна нега освен основната потреба да има струја, храна и вода. Секое решавање на некои од тие проблеми ни дава повеќе ветар во грб за да продолжиме понатака и да ја анимираме ова активност за да поттикнеме што е можно повеќе луѓе и донатори да се вклучат и да помогнат“, вели Станковски.

Според податоците на Платформата „Ways2help“ за една година се платени 1119 сметки, а имале 1077 донатори. На ваков начин им помогнале на 159 семејства да си ги платат сметките.

ЕВН не смее да им ја исклучува струјата на ранливите потрошувачи поради неплатени сметки за декември, јануари и февруари. Граѓаните од овие категории можат сметките да ги плаќаат на рати. Тие се ослободени и од обврската за плаќање на надоместок за повторно приклучување. За нив важи и поволноста да не се исклучуваат за неплатена фактура која не е доспеана минимум 60 дена, одговорија од ЕВН на прашањата на Радио Слободна Европа.

„Годишната потрошувачка за електрична енергија на ранливите потрошувачи не треба да надминува 3.600 kWh. Со цел користење на поволностите, овие корисници треба да се обратат до Корисничките енерго центри на ЕВН Македонија со соодветна документација. По разгледување на целокупната документација за исполнување на условите, корисниците се евидентираат во ЕВН како ранливи потрошувачи на електрична енергија“, одговорија од ЕВН.

Според истражување на The Climate Herald загрижувачки голем дел од населението во Македонија се соочува со енергетска сиромаштија. Според податоци на Евростат за 2018, скоро 25 отсто од Македонците изјавиле дека не можат да ги загреат своите домови соодветно, во споредба со просекот на ЕУ од 7,3 проценти.

Државата им дава на примателите на гарантирана минимална помош по 1000 денари плус месечно за покривање на трошоците за греење во текот на шест месеци во годината, кога е грејна сезона(од октомври до март). Според податоците што Министерството за труд и социјална политика ги достави до РСЕ, бројот на корисници/домаќинства на оваа социјална заштита изнесува 35.281.

За време на пандемијата со ковид-19, Владата со Уредба донесе промена на Законот за социјална заштита за време на вонредната состојба со која се овозможи примателите на минимална помоши и оние кои останале без работа за време на пандемијата до март до декември 2020, да може секој месец да го добиваат додатокот за покривање на трошоците за енергенси, односно да се добива помош и за месеците од април до септември.

Помош од 1000 денари добиваат и стари лица, кои согласно Законот за социјална сигурност за старите лица немаат пензија, приходи по други основи и нема имот на свое име и имотни права од кое може да се издржуваат. Тие добиваат парична помош во висина од 6000 денари, плус 1000 денари во тек на грејната сезона за покривање на трошоците за греење. Оваа социјална помош ја користат 9.446 корисници, ни одговорија од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

„Министерството за економија согласно Закон за енергетика подготвува Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за чија цел е формирана и работна група составена од претставници на министерства, институции и невладиниот сектор. Во моментот заедно со „Енергетската заедница“ се изработува студија за заштита на ранливи категории на домаќинства врз основа на која до крајот на оваа година ќе се предложат соодветни решенија за сите земји потписнички на договорот на Енергетската заедница“, одговорија од МТСП.

Од Министерството велат дека откако ќе биде готова анализата, ќе се постават критериумите и врз основа на нив ќе се утврди листата на опфат на лица кои влегуваат во категоријата. Потоа ќе се направи финансиската проценка и ќе се достави предлог ставка за оваа намена во буџетот на државата.

Регулаторната комисија уште минатата година иницираше да се зголеми опфатот на луѓе кои ќе добиваат субвенции за трошоците за греење.

Цената на струјата расте на светските берзи. Но, премиерот Зоран Заев уверува дека цената за домаќинствата засега нема да расте.

„Државата ја држи стабилна цената на струјата за домаќинствата, затоа што нашиот модел е либерализација со постепено отворање кон граѓаните. Во моментот, државата има обврска да обезбедува околу 60-70 проценти од струјата, а останатите до 100 проценти ги субституираме“, изјави премиерот Зоран Заев.

Станковски од Здружението вистински дела на љубезност вели дека ги советуваат луѓето како подомаќински да трошат струја.

„Се советодавни разговори за да им укажеме на семејствата на некои добри навики за да може во следниот период да не генерираат нови долгови, да водат повеќе сметка и подомаќински да се насочат“, вели тој.

Цената на струјата се зголеми во август лани за 7,4 отсто. Уште едно зголемување имаше во јули, но за да се намали ударот врз граѓаните, владатаго намали ДДВ-то за струјата од 18 на 5 отсто, со што сметките останаа непроменети. Но, намалувањето на додадената вредност ќе важи само една година, до крајот на јуни 2022. Потоа ДДВ-то постепено ќе се зголемува за да се врати на ставката 18 отсто, што значи дека во 2023 сметките за струја ќе бидат повисоки.

И додека граѓаните засега може да бидат мирни, стопанството алармира дека многу е погодено од повисоката цена на струјата и дека тоа ќе доведе до поскапување на многу продукти.

Од Владата велат дека состојбата будно се следи и дека ако треба, државата ќе интервенира.

Сѐ поскапата струја, луксуз за социјално загрозените семејства
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:20 0:00

Сѐ поскапата струја, луксуз за социјално загрозените семејства

Додека цените на електричната енергија и гасот се зголемуваат во Шпанија, многу социјално загрозени семејства се борат да ги платат сметките.

Гоце Атанасов

Педесет и тригодишната Марија Хесус Галего, која живее со своите четири деца во населба за работничката класа во Мадрид, се обидува да заштеди енергија.

„Машината за перење се вклучува навечер и тоа на кратка програма и пониска температура за да заштедите енергија. Морам да заштедам на сѐ, бидејќи сѐ станува поскапо“, вели Галего.

Таа зеде заем за да купи апарати за домаќинство со ниска потрошувачка, во обид да ги намали сметките за комунални услуги. И кога децата не се дома, таа ги исклучува светлата и наместо тоа користи свеќи. Семејството живее со 1.200 евра месечно како надоместок за невработеност и пензии за сирачиња.

„Не одиме во кино, не одиме во трговски центри, не можеме да јадеме надвор“, рече таа.

Сметките за гас на Галего изнесуваат над 100 евра на секои два месеци и таа има субвенциониран договор за електрична енергија.

Енергетските аналитичари велат дека зголемувањето на цените е предизвикано од ограничените снабдувања со природен гас, повисоките трошоци за дозволи за емисија на јаглерод и во некои случаи, помалите залихи на енергија од ветер. За да го ублажи зголемувањето, шпанската влада предводена од социјалистите го укина данокот од 7 отсто за производство на електрична енергија што се пренесуваше на потрошувачите и ја намали посебната тарифа за енергија за потрошувачите на 0,5 проценти од 5,1 проценти.

Наталија Фабра, професор по економија на Универзитетот Карлос Трети, вели дека Шпанија добива голем дел од својата енергија од обновливи извори, што ги намалува трошоците за снабдување со електрична енергија.

„Но, тие пониски трошоци не се претвораат во пониски цени за потрошувачите, бидејќи плаќаме цела електрична енергија по цена на гасот“, објасни таа.

За некои, пристапот до електрична енергија е прашање на живот и смрт. Марија Николаса Сабариего, која има 51 година, користи апарат за дишење најмалку осум часа дневно поради проблеми со нејзиниот респираторен систем.

„Оваа машина е она што ме тера да дишам“, вели таа.

Минатиот јуни, снабдувачот со електрична енергија ѝ се закани дека ќе ја прекине струјата, откако не можеше да ги плати сметките - нешто што го избегна по долготрајната бирократска битка. Но, таа е загрижена за тоа како ќе се снајде во постудените месеци, кога ѝ треба повеќе струја.

„Ноќе, јас само ја користам светлината на телевизорот и одам во кревет со светлината на мојот мобилен телефон. Што ќе правам оваа зима? Не знам, немам идеја“, вели Сабариего.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG