Синот на поранешниот висок функционер на ДУИ Муса Џафери, Аријанит Џафери, во центарот на Скопје пред бројни очевидци го тепаше директорот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Аматерската видео-снима на која се гледа дел од нападот брзо се прошири на социјалните мрежи.
МВР соопшти дека младиот Џафери „во целост го признал делото“ и оти против него ќе биде поднесена кривична пријава за насилство. Според Кривичниот законик, ако биде прогласен за виновен може да добие казна затвор од 3 месеци до 3 години.
Дел од граѓаните, алудирајќи на поранешни слични случаи, се сомневаат дека воопшто ќе има одговорност за случајот. Во март 2018 година беше објавено дека функционерот на ДУИ Беќир Асани нападнал полицајка која се обидувала да го крене неговиот непрописно паркиран џип од пред трговскиот центар Мавровка, но Министерството за внатрешни работи потоа соопшти дека полицајката сама се удрила во пајакот. Дел од граѓаните на социјалните мрежи прашуваат да не испадне дека Бислимоски сам се удирал во тупаниците на Џафери.
На повидок е среќен крај. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека напаѓачот му се извинил на Бислимоски.
Повозрасните се потсетија и на еден стар скеч од популарните К-15.
Причина за нападот е тоа што Регулаторната комисија за енергетика на 23 септември започнала постапка за одземање на лиценцата на фирмата на Џафери „У Пауер“. Постапката е отворена врз основа на пријава од МЕПСО, од каде алармирале дека фирмата „У Пауер“ ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит.
Дел од граѓаните коментираат дека не може да се очекува борба против криминалот и корупцијата, ако државата не ги заштити токму тие кои се борат.
Други саркастично забележуваат дека Македонија е оаза на мирот.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека нападот врз Бислимоски нема да смени ништо во начинот на кој постапува Комисијата и оти тие постапуваат според законот и ги водат постапките „врз основа на силата на аргументите, а не на физичка сила“.