Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 10 април, 2021
Како најсиромашна членка на ЕУ, Бугарија е зависна од јаглен. Земјата се подготвува да ги трансформира своите застарени и високо загадувачки централи на јаглен за да ги исполни новите зелени барања на Унијата, но експертите предупредуваат за потенцијални ризици, вклучително и корупција.
Со своите оџаци кои испуштаат опасен чад, бугарската електрична централа на јаглен „Бобов Дол“ го симболизира типот на индустрија што ЕУ има за цел да ја отстрани - и пречките со кои се соочува во нејзината зелена транзиција.
Критичарите стравуваат дека 10 милијарди евра од фондовите на зелената транзиција на ЕУ може да станат жртви на широко распространетата корупција во Бугарија.
Еколозите велат дека од Европската унија мора да исчезне јагленот до 2030 година за да ги исполни своите климатски цели. Унијата има за цел дотогаш да ги намали емисиите за 55 проценти. Единаесет земји на ЕУ ветија дека ќе ја исфрлат електричната енергија на јаглен до 2030 година.
Бугарија, која испушта 4,3 пати повеќе стакленички гасови од просекот на ЕУ, не е меѓу нив. Земјата многу се потпира врз јагленот за затоплување на домовите, а 60 проценти од производството на електрична енергија во зима доаѓа од централите на јаглен. „Бобов Дол“ работи од 1970-тите, вработува 850 лица и учествува со околу четири проценти во енергетското снабдување на Бугарија.
„Дефинитивно имаме грижи“ за тоа дека фабриката треба да се затвори, вели извршниот директор на Бобов Дол, Љубомир Спасов, додавајќи дека неговата цел е да „задржи максимален број на работни места.“
„На прашањето дали сме загрижени дали централата треба да се затвори, да, дефинитивно. Бидејќи барањата низ цела Европа и директивите се такви што тие сакаат овој тип на централа, оние на јаглен, да престанат да работат од 2025 година, до 2030 година.“
Негов приоритет е да го задржи отворен објектот од 630 мегавати во близина на Софија, и за таа цел тој размислува за природен гас или дури и централа што работи на соларна енергија. Централата годинава ќе достави апликација за дел од 10 милијарди евра од средствата на ЕУ наменети за зелени проекти.
„Зло“ на корупцијата
Поранешниот премиер на Бугарија Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ, го поддржуваа Зелениот договор на ЕУ, но тој повика на поголема помош за земјите од источна Европа кои зависат од јаглен.
ГЕРБ, сепак, не ја направи оваа тема приоритетна во својата предизборна кампања, иако неодамнешните анкети покажаа дека две третини од Бугарите поддржуваат затворање на постројките на јаглен.
Бугарија не успева делумно затоа што избраните функционери се „плашеа да се занимаваат“ со оваа тема, рече Марија Трифонова, доцент на одделот за индустриска економија и менаџмент на Универзитетот во Софија.
По бранот огромни протести против корупција, кои започнаа минатото лето, борбата против митото беше многу поголемо прашање. Невладината организација Транспаренси Интернешнл ја рангира Бугарија како најкорумпирана од сите држави на ЕУ.
Христо Иванов, лидер на малата опозициска партија „Да, Бугарија!“, се грижи дека зелените субвенции на ЕУ може да завршат во џебовите на бугарските олигарси.
„Шеесет проценти од (финансирањето од ЕУ) мора да се инвестира во (јавна) инфраструктура, секторот кој најмногу страда од овие зла“, рече Иванов, поранешен министер за правда, кој фрустрирано се повлече од функцијата во 2014 година и оттогаш стана еден на најискрените активисти против корупцијата во земјата. Иванов вели дека една централа (не е Бобов Дол) која може да добие пари за зелена транзиција е во сопственост на истакнат, политички добро поврзан олигарх.
Загадени реки
Еколошките активисти велат дека преминот од загадувачките извори на енергија е одамна задоцнет. Десислава Микова од Гринпис Бугарија наведува дека „Бобов Дол“ ги контаминирал локалните реки и биле забележани и вишок нивоа на испарувања што можат да предизвикаат кисели дождови.
„Без соодветен датум за укинување на јагленот и план за праведна и фер енергетска транзиција, луѓето овде сè уште се заложници на дилемата што ги става во многу лоша состојба - дилема помеѓу работните места и чистиот воздух, меѓу работните места и здравството, помеѓу работните места и здравата иднина.“
„Мојот автомобил е валкан наутро, дури и ако го имам измиено еден ден претходно“, вели еден селанец кој побара да биде анонимен поради страв од одмазда.
„Во 21 век, да имате таков загадувач во вашиот двор - тоа не може да биде добро“, вели тој.
Предлогот на ЕУ
Европската унија планира да обележи некои централи како одржливи инвестиции, покажа нацрт документот што го виде Ројтерс, по првичниот предлог да им се одбие зелената етикета кој наиде на реакција од некои земји-членки.
Новиот предлог на Европската комисија ќе ги класифицира постројките на гориво што произведуваат енергија плус греење или ладење како зелена инвестиција доколку бидат исполнети строгите услови за емисии.
Целта на ЕУ е да насочи повеќе капитал во еколошки проекти за да помогне да го исполни својот план за брзо намалување на емисиите на стакленички гасови кои предизвикуваат климатски промени.
Но, планот е заглавен во спорови меѓу земјите на ЕУ за тоа како да се третираат инвестициите во природен гас, принудувајќи ја Комисијата да го препише својот првичен предлог од ноември.
Природниот гас, фосилно гориво, произведува отприлика половина од емисиите на јаглен диоксид (СО2) од оние од јаглен. Затоа Полска и Германија планираат да користат гас за да се одвикнат од загадувачкиот јаглен.
Како и да е, гасот не е ослободен од емисии и се поголема е загриженоста дека протекувањето на потентен метан што ја загрева планетата може да ги поништи придобивките од префрлувањето на гас од јаглен.
Група од 10 земји на ЕУ, вклучувајќи ги Бугарија и Полска, ја повикаа Комисијата да ја означи енергијата на гасот како зелена давајќи им на централите изводлив праг што може да го исполнат. Државите, вклучително Данска и Шпанија, сепак го предупредија Брисел да не го ослабува својот првичен план за одбивање на зелена ознака на гасот.
Термоелектраните на Западен Балкан
Македонските власти во февруари 2021 година објавија дека процесот на енергетска транзиција е веќе започнат, најавувајќи низа инвестиции во обновливи извори на енергија, како и во гасификација.
Емисиите на сулфур диоксид и прашина од енергетскиот сектор во земјава, во моментов се над дозволените граници според Националниот план за намалување на емисиите. Тоа се случува главно од работата на термоелектраните на јаглен РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Поради загадувањето на енергетскиот сектор во земјава, европската Енергетска заедница неодамна отвори спор против Македонија. Така е бидејќи не се исполнети обврските од законите донесени според Договорот со Енергетска заедница со кој земјата до 2018 година требаше да го намали загадувањето од електраните на јаглен преку инвестиции во технологија за десулфуризација и постепено да се движи кон целосно затворање на електраните.
Ваков договор за почитување на националните планови за намалување на емисиите, потпишаа и Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Но, наместо намалување, податоците покажуваат дека нивните термоелектрани ги зголемуваат емисиите на сулфур диоксид и прашина.
Термоелектраните на јаглен РЕК Битола и РЕК Осломеј се меѓу најголемите загадувачи во регионот, заедно со оние во „Тузла“ и „Станари“ во БиХ, постројките во Косово, термоелектраната „Пљевља“ во Црна Гора, Костолац и Колубара во Србија.
Овие електрани се меѓу 16 во Западен Балкан кои загадуваат колку вкупно 250 во ЕУ, според од истражувањата кои неодамна ги објавија неколку граѓански организации од ЕУ и регионот. Нивните проценки се дека овие термоелектрани се одговорни за 3.900 предвремени смртни случаи годишно.
Во истражување во кое се анализира како електраните на јаглен во Западен Балкан ги прекршуваат законите за аерозагадувањето и што владите прават во врска со тоа, мрежата граѓански организации „Бенквоч“ посочува дека на земјите уште од 2005 година им се познати обврските за намалување на загадувањето од енергетскиот сектор.
Но, наместо намалување, емисиите на сулфур диоксид и прашина повеќекратно се над дозволените граници дефинирани во националните планови за намалување на емисиите, наведува „Бенквоч.“
„За 2018 година вкупните емисии на сулфур диоксид од Националните планови за намалување на емисиите се 603.988 тони, повеќе од шест пати повисоки од максималниот плафон од 98.696“, се вели во истражувањето на „Бенквоч.“
Задоцнета модернизација на РЕК Битола
Модернизацијата на термоелектраната на јаглен во Битола, македонските власти планираат да ја направат во следните пет години со цел намалување на загадувањето - процес кој според еко-активистите е задоцнет.
Актуелната власт на почетокот на годинава најави реконструкција на електростатските филтри и целосна десулфуризација на комбинатот во следните пет години. Но, истовремено, беше истакнато дека ископот на јаглен во РЕК Битола ќе продолжи.
„Поконкретно, плановите се до 2026 година да биде заменет првиот блок на најголемиот енергетски капацитет во земјата РЕК „Битола“ кој работи на јаглен, со фотонапонска електрана. До 2026 година РЕК „Битола“ ќе го исклучи првиот блок кој работи на јаглен за да го замени со когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати, за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола“, изјави македонскиот премиер Зоран Заев.
Според активистите, овие планови се задоцнети. Тие велат дека за да се постигне усогласеноста која ја бара Енергетската заедница, потребни се „огромни“ инвестиции за поставување на филтри и за десулфуризација.
Давор Пехчевски од мрежата граѓански организации „Бенквоч“ вели дека обврската за модернизација на РЕК Битола завршила во јануари 2018 година, кога комбинатот веќе требало да ги има направено потребните инвестиции.
„До ден денес РЕК Битола сѐ уште нема дозвола за усогласување со оперативен план. Значи они немаат ниту план како треба да се спроведат инвестиции. Сега можеби е веќе доцна, бидејќи се зборува за затворање на РЕК Битола за четири-пет години. За да се изгради десулфуризаторот, потребни се четири-пет години“, вели Пехчевски.
И покрај заложбите за остварување на „Зелено сценарио“, властите објавија дека државата ќе набави нова механизација за ископ на јаглен за РЕК Битола во вредност од 17 милиони евра. Земјата електричната енергија ја добива главно од РЕК Битола, а градот е меѓу најзагадените во Македонија.
Македонија неодамна донесе нова Стратегија за енергетика според која во следните две децении државата треба да ги затвори сите термоелектрани на јаглен и да направи транзиција кон обновливи извори на енергија.
Според властите, енергетската транзиција во земјава веќе се одвива преку инвестиции за гасификација, изградба на ветерни паркови во Богданци и Миравци, планираната изградба на фотонапонски централи на местото на термоелектраната РЕК „Осломеј“ и реализација на капиталната инвестиција за хидроцентралата „Чебрен“.
Во Стратегијата за развој на енергетиката е предвидено дека до 2040 година државата ќе ги намали емисиите на стакленички гасови од најмалку осум проценти во однос на 2005 година, до над 60 проценти за остварување на најдоброто „Зелено сценарио.“
Македонија е меѓу земјите од регионот кои на крајот на минатата година ја потпишаа Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан, со која се обврзаа да спроведат исти мерки за борба против загадувањето и климатската криза како земјите членки на Европската унија.