Станува збор за загадувањето кое главно доаѓа од РЕК Битола и РЕК Осломеј, бидејќи другите енергетски објекти во земјава, како топланите во Скопје или рафинерија ОКТА, или не работат, или загадуваат во рамки на дозволени граници, според активистите за заштита на животната средина.
Енергетската заедница процесот против Македонија го започнува за надминување на емисиите на сулфур диоксид и прашина во 2018 и 2019 година. Државата пред повеќе од 15 години беше запознаена со обврските за инвестиции во енергетскиот сектор, со цел емисиите да бидат намалени на нивото на земјите во Европската унија.
Затоа беше усвоен и Националниот план за намалување на емисиите - механизам преку кој големите енергетски капацитети постепено треба да ги намалуваат емисиите до 2027 година, кога според предвиденото, треба целосно да бидат усогласени со вредностите на европското законодавство.
Но, поради неисполнување на овие цели, Енергетската заедница - меѓународна организација составена од земјите на ЕУ и нејзините соседи за создавање на интегриран енергетски пазар, деновиве иницираше постапка за решавање на ваквиот спор.
Давор Пехчевски – координатор на кампањата за загадување на воздухот на Балканот на мрежата граѓански организации „Бенквоч“, вели дека ваквата состојба покажува недостаток и на волја и капацитет за исполнување на обврските за усогласување со земјите на ЕУ.
„Обврската точно е дефинарана уште во 2013 година, а познато беше дека ќе има обврска уште во 2006-2007 година. Значи, ова е долг временски период во којшто не е преземено ништо“, вели Пехчевски .
„Бенквоч“ уште минатата година објави истражување чии податоци покажаа дека термоелектраните на јаглен на Западен Балкан продолжуваат да емитуваат „неверојатно високи количини на загадувачи во воздухот“ – повеќекратно поголеми од дозволените според Националните планови за намалување на емисиите.
Пехчевски објаснува дека Енергетската заедница ја започнува постапката со барање од државите да се изјаснат како дошло до тоа да има прекршување на максималните дозволени емисии од електраните.
Освен против Македонија, Енергетската заедница отвори спорови и против Босна и Херцеговина, Косово и Србија за непочитување на законите на организацијата. Спорот против Македонија е поради надминување на дозволените граници на емисии на сулфур диоксид и прашина во 2018 и 2019 година.
Пехчевски наведува дека Националниот план за намалување на емисиите е механизам кој ги дефинира границите за тоа колку енергетските објекти во државата смеат да емитуваат загадувачи во воздухот, а дека во случајот со Македонија, дозволените нивоа на сулфур диоксид се надминати за шест ипол пати над дозволената граница.
„Ова е баш како почеток на постапката, сѐ уште нема официјален процес за казнување на државите. Ова може да се влече со години натаму“, вели Давор Пехчевски.
Тој ,сепак, објаснува дека казните од Енергетската заедница се главно симболичини, односно дека најголемта казна за државата може да биде таа на одреден период да го загуби правото на глас при носење на одлуки во Енергетска заедница.
„Меѓутоа, последиците се повеќе од перспектива на пристапот кон Европската унија, затоа што Енергетската заедница е формирана за да им помогне на земјите што не се дел од ЕУ да се приближат во енергетскиот сектор со начинот на работа на самата ЕУ“, вели Пехчевски.
Премиерот Зоран Заев минатиот месец изјави дека десулфуризација и декарбонизација на РЕК Битола се планира да биде направена во 2026 година.
Тој рече дека Владата планира во следните пет години да биде реализиран инвестициски циклус за земјата да биде „позелена“, но дека државата од „економски причини“ набавила и нова механизација за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола во вредност од 17 милиони евра. Македонија електричната енергија ја добива главно од производството на термоелектраните на лигнит во Битола и Осломеј и од големите хидроцентрали.
Според активистите, за да се постигне усогласеноста која ја бара Енергетската заедница, потребни се „огромни“ инвестиции за поставување на филтри и десулфуризација. Тие посочуваат дека обврската за усогласување на РЕК Битола заврила во јануари 2018 година, кога во комбинатот требало веќе да бидат завршени потребните инвестиции.
„До ден денес, РЕК Битола сѐ уште нема дозвола за усогласување со оперативен план. Значи они немаат ниту план како треба да се спроведат инвестиции. Сега можеби е веќе доцна, бидејќи се зборува за затворање на РЕК Битола за четири-пет години. За да се изгради десулфуризаторот, потребни се четири-пет години“, вели Пехчевски.
За загадувањето на термоелектраните во регионот, неколку еколошки граѓански организации неодамна објавија истражување во кое се наведува дека 16 електрани од Западен Балкан загадуваат со слулфур диоксид колку вкупно 250 фабрики на јаглен во ЕУ.