Дечиња од три семејства кои биле иселени во западноевропските земји, но одлучиле да се вратат назад, се нови ученици во Општина Ново Село. Едно од нив е меѓу 39-те првачиња кои вчера (2 септември) првпат седнаа во училишните клупи, додека останатите се запишани во повисоки одделенија. Бројот на првачиња во Ново Село е за три дечиња поголем во споредба со лани.
Но, ова е само една светла точка во егзодусот со кој се соочува оваа општина изминатата деценија.
Ново Село е општината во која во последните десет години има најголемо намалување на бројот на основци – за 57 проценти, покажува анализа на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) врз основа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Видете и ова: Почнува учебната година за 245 илјади основци и средношколциКај средношколците, пак, рекордер е Пехчево каде нивниот број се намалил за речиси 83 отсто.
Загрижувачки се информациите и на ниво на цела држава. Само за десет години вкупниот број на ученици во основните и во средните училишта во Северна Македонија е намален за 27 илјади односно за 10 отсто.
Поалармантна е ситуацијата во однос за средношколците. Ако во учебната 2014-2015 година имало 84 537, во минатата имало 67 278 што е за над 17 илјади или 20 отсто помалку. Во основните школи, пак, бројот на ученици е намален за околу 10 илјади. Пред една деценија имало 182 124, додека во 2023-2024 основците броеле 192 165 деца.
„Во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во 9 други општини, надвор од Скопскиот Регион“, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Опаѓачки тренд има и годината. Ако се погледнат бројките што ги сподели Министерството за образование и наука (МОН), вчера школската година почна за околу 245 илјади основци и средношколци што е за околу четири илјади помалку од лани.
Безработицата ги брка луѓето на Запад
Намалувањето на бројот на деца се совпаѓа и со трендот на иселување. Таков е случајот и со споменатото Ново Село. Во пописот во 2002 таму биле запишани 11.567 жители, а во 2021 имало 6.972 или за речиси 40 отсто помалку.
„Ова се должи најмногу на можеби тешките услови за работа, немањето доволно индустрија во нашата Општина и најголем дел од граѓаните го избираат својот пат кон западните европски земји како Италија, Германија и Швајцарија“, вели градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов за Радио Слободна Европа.
Прогнозите се песимистички и за следните години. Општината дава по 8.000 парична помош за новороденчиња, па на тој начин го следи и трендот.
„За жал и тој податок е многу мал, во 2023 се имаат родено само 32 бебиња. Така што тој тренд на намалување сè уште продолжува, споредено со соседните општини сме со три до четири пати помали бројки отколку во соседните општини како Босилево, Василево …“, додава Божинов.
Видете и ова: Училниците се празнат, сè повеќе македонски деца се раѓаат во странствоКако што покажува анализата на ЦГК, со неславните бројки Ново Село го следат општините како Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево, каде основците се намалени за третина. За една четвртина, пак, паднал бројот на ученици во основните училишта во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово.
Кога се во прашање средношколците, по Пехчево следат Врапчиште, Ѓорче Петров и Боговиње каде намалувањето е за околу 60 отсто. Во Крушево и Македонски Брод, пак, бројот се преполовил во последната деценија.
Струмица, покрај Скопје, единствен поголем град со повеќе основци
Скопските општини и Градот Скопје како целина, се меѓу ретките каде има зголемување на бројот на деца во основните школи, покажува анализата на ЦГК. Од нив, се истакнуваат Карпош и Бутел каде бројот на основци за десет години се зголемил за 2,5 односно 2 илјади односно за 56 и 59 отсто.
„Надвор од Скопје, зголемување имало во девет општини, но во сите заедно имало само илјада ученици повеќе сега отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9 отсто“, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Ваквиот тренд во Струмица продолжил и годинава. На територијата на Општината вчера школската година започна за 4 921 основци и 1.504 средношколци во споредба со лани кога имало 4 920 односно 1 476.
Видете и ова: Кој е виновен што кривата на наталитетот оди надолу?Вчера прв училиштен ден таму имале 451 прваче, но очекувањата на локалната власт се дека бројот ќе се зголеми за 80 до 100 првачиња во текот на септември бидејќи не сите семејства биле во државата. Како што велат, претежно се семејства од турска националност односно фамилии кои се на одмор или на сезонска работа.
Трендот на зголемување, според струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, се должи на миграцијата од околните општини.
„Растот се должи на населувањето од околните општини во Струмица заради подобрите услови и во образование и во самата Општина. Зборувам за инфраструктурата, а и самите образовни институции ни се далеку посредени. На пример, Општина Струмица нема училиште кое не е реконструирано или целосно реновирано, не постои такво и во градот и во населените места“, вели Костадинов за РСЕ.
Кога се во прашање средношколците, пак, само неколку општини може да се пофалат со позитивен тренд – зголемување има само во седум општини од кои пет во Скопје.
„Четири од општините со зголемување се оние во коишто во последните десет години се отворило средно училиште, а претходно немало со што може да се оправда зголемениот број на ученици. Ако се изземат овие општини, бројот на ученици во средно е зголемен само во 3 општини во земјава и тоа: Аеродром, Центар и Богданци“, констатира Центарот за граѓански комуникации.
Помалку ученици, а повеќе наставници
И додека на ниво на цела држава се бележи пад на бројот на ученици, анализата покажува оти расте бројот на наставници во основното образование.
Податоците говорат оти во последната учебна година имало 1 203 наставници повеќе отколку пред десет години, односно нивниот број е зголемен за седум проценти додека бројот на ученици е намален за пет отсто.
Во средните училишта, пак, бројот на наставници се намалил за речиси пет проценти, но таму намалување на учениците е за дури 20 отсто.
Видете и ова: Егзодус во образованието-минус ученици, „вишок“наставнициЗа ова се свесни и самите наставници. Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, во неделното интервју на РСЕ посочи дека соодносот наставници наспроти ученици во земјава е еден наставник на девет ученици во земјава, додека во ЕУ пропорцијата е 1:19. Меѓутоа, Неделков нагласува дека не значи оти половина се вишок туку на ова придонесува и тоа што има рурални средини во кои мора да има наставници.
За оние што се вишок, синдикатот со МОН разговараат за две мерки.
„Мерките кои се предвидуваат е да се забави трансформација на работни договори кај вработените. Тоа значи секаде онаму каде што е релативно мал бројот на учениците да се забави да по природен пат на некој начин со самото одлевање или одење во пензија да се формираат паралелки како никој не би останал технолошки вишок“, рече Неделков во интервјуто за РСЕ.
Втората мерка, пак, посочува тој е онаму каде има поголем фонд часови, наставниците од иста или соседна општина да доаѓаат да предаваат во тоа училиште.
Егзодусот што изминатата деценија се случува во македонските училишта се отсликува и во податоците за населението. Последниот попис во 2021 година покажа дека од претходниот попис во 2002, вкупното население е намалено за 185 834 лица, или за 9,2 проценти.
Видете и ова: Северна Македонија ќе загуби половина милион жители за 50 годиниПодатоците од 2021 покажаа дека вкупното население изнесувало 2 097 319 лица, од кои 1 836 713 живеат во државата.
Според проценките кои минатиот месец ги објавија и Обединетите нации, се предвидува дека во следните 25 години Северна Македонија ќе изгуби околу 300 000 жители. Такви се прогнозите и за сите земји од Западен Балкан, каде вкупно според ОН, населението ќе се намали за три милиони до 2050 година.