Достапни линкови

Кој е виновен што кривата на наталитетот оди надолу?


Илустрација
Илустрација

Според груба пресметка, околу 80.000 жени се отселиле од земјава помеѓу двата пописа, а околу 128.000 деца растат во странство, вели Јане Крстески, социолог специјализиран за демографија. Според официјалните бројки наталитетот во земјава продолжува да оди надолу.

Бројот на родени во земјава паѓа. Во 2022-ра се родиле 3,1 % помалку деца во споредба со 2021-ва. Ова го покажуваат новите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Дека наталитетот години во низа е во слободен пад укажува споредбата на бројките кои ги забележува ДЗС.

Според Јане Крстески, социолог специјализиран за демографија и советник за пописи на население, домаќинства и станови во ДЗС, за падот на бројот на новороденчињата во демографска смисла одговорни се два главни фактори. Првиот е промената во бројноста на женското фертилно население, кое во демографска смисла ги вклучува сите жени на возраст од 15 од 49 години.

Ова население во периодот помеѓу Пописот 2002 и Пописот 2021 се намалило за околку 110.000 жени, и дополнителnо уделот на ова население во вкупното население опаднал од 25,8% на 22,4%, што, вели тој, е јасен показател за пад во потенцијалот за раѓање на населението во наведениот период.

„Фрапирачки е податокот дека женското население на возраст од 0-29 кое во Пописот 2002 брои 440.681 лица за по дваесетина години според Пописот 2021 кога овие лица имаат од 20-49 години нивниот број да изнесува 360.109. Иако станува збор за груба споредба, таа сепак покажува дека во Пописот 2021 недостасуваат 80.572 жени кои се во фертилен период, а биле дел од населението во Пописот 2002. Со оглед на тоа што смртноста во овие години е релативно мала, таа има занемарливо влијание во ова промена на бројноста на жените. Според ова, може со сигурност да се заклучи дека во периодот помеѓу двата Пописа од земјата се отселиле околу 80.000 жени кои во Пописот 2002 биле на возраст од 0-29 години“, вели Кртески.


Како втор фактор, социологот го наведува одложувањето на раѓањето на првото дете. Тој додава, ова значи дека просечната возраст на жените првородилки секоја година расте. Ваквата ситуација го намалува временскиот период кој жените го имаат на располагање за да родат второ, трето па и повеќе деца пред да се соочаат со одредени попречувања предизвикани од нивната возраст.

Од социолошки аспект, вели, објаснувањето на падот на бројките е многу посложен бидеќи одлуката за се роди дете или колку деца да се родат е условена од социо-политичките случувања во кои жената и треба да ги одгледува.

Јане Крстески, советник за пописи на население, домаќинства и станови во ДЗС
Јане Крстески, советник за пописи на население, домаќинства и станови во ДЗС

„Многу веројатно е дека оние 80.000 жени кои се отселиле во странство, таму ги родиле своите деца. Доколку ја искористиме вкупната стапка на фертилитет од 1.6 (2021), според груба пресметка, тогаш излегува дека околу 128.000 деца се родени и раснат во странство. Секако дека е предизвик без сериозна социолошка анализа да се лоцираат токму оние социо-политички случувања кои биле пресудни овие жени да не сакаат да ги родат и одгледуваат своите деца овде, туку заминале во некоја друга земја“, додава Крстески.

Според него, истиве овие фактори влијаат и на одлуката за одложување на раѓањето на првото дете кај жените кои решиле да ги родат и одгледуваат своите деца овде. Но, кај оваа група жени треба да се лоцираат причините поради кои ја оддолговлекувале одлуката за првото раѓање.

„Овде можеме да зборуваме за конфликт помеѓу широко-приватните вонбрачни врски на партнерите и сѐ уште силното влијание на традицијата која условно осудува раѓање на вонбрачни деца. Можеме да зборуваме за времето потребно за младите да ги исполнат своите планови и очекувања и слично пред да влезат во брак и да станат родители. Можеме да зборуваме и за економската сигурност и висината на примањата на родителите и така натаму. Но, ако сакаме прецизно да се лоцираат сите тие фактори наместо да се води таканаречена паушална расправа од која се носат таканаречени паушални заклучоци и решенија, потребно е да се изработи одржливо решение како да се надмине оваа состојба со намалувањето на бројот на раѓања“, посочува советникот за пописи на население во ДЗС.

Како основен предуслов за такво решение Крстески го гледа спроведувањето на едно обемно социолошко истражување во кое ќе се вклучат социолози со потспецијалности за секој сегмент од општествениот живот. Овие резултати треба да бидат водилки во креирањето на идните решенија и политики. Само така може да се направи сериозен исчекор надвор од спиралните текови на демографските движења кои неминовно водат кон сѐ подрастично намалување на населението, а со тоа и бројот на раѓањата, дециден е социологот Крстески.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, во годишното обраќање во Собранието на 22-ри декември 2022, оцени дека намалувањето на популацијата е опасност за македонската национална безбедност.

„Резултатите од пописот оваа година само ни потврдија дека најголемата опасност за нашата национална безбедност, останува да биде – демографијата. Во емигрантска Македонија, за жал, секогаш имало повеќе Македонци и македонски граѓани, отколку во татковината, но, поради немаштијата и невладеење на правото „белата чума” продолжува да ја десеткува нацијата. Ние можеме да ја броиме и додаваме и дијаспората и да се залажуваме дека нѐ има повеќе, но, суровата вистина е дека според проекциите на Обединетите нации до 2050-та, доколку се задржат овие трендови, во земјата ќе имаме само околу еден милион жители од двата милиони колку што бевме кога ја конституиравме државата“, изјави тогаш Пендаровски.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG