И полиција и приватно обезбедување во М-НАВ
Приватната фирма што го обезбедува М-НАВ добила нов тендер а вклучена е и полициска асистенција, по инцидентот на 4 јануари, кога луѓе од надвор упаднаа во контролната кула на аеродромот во Скопје.
Интервентна полиција и полицаец во цивилка, сега се дел од обезбедувањето на М-НАВ. Новиот тендер за обезбедување на М-НАВ е во рацете на компанијата 2СС од Кичево.
Оваа компанија и на двата тендера до сега била единствен понудувач, покажуваат податоците од Биро за јавни набавки.
М-НАВ е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај. Таа спаѓа во објект од критична инфраструктура.
Од М-НАВ не одговорија на прашањето зошто објект од големо инфраструктурно значење за државата, М-НАВ, го обезбедува приватна фирма, наместо вработени во компанијата или пак државно обезбедување.
„Ова е сериозен проблем, ние си играме држава. Не е проблем приватна фирма да обезбедува, проблемот е на друго место, проблемот е во корумпираноста, проблемот е во партизацијата, проблемот е во девастација на 30 години во безбедносниот сектор, тука е проблемот. Се однесуваат арогантно кон тој систем, го нихилизираат и го управуваат луѓе кои блага врска немаат со безбедноста, тоа е главниот проблем “ вели професор Методи Хаџи Јанев.
Фирмата 2СС Кичево, е основана од Самир Билбиловски, на пазарот котира од 2005 година. Според податоците од Бирото за јавни набавки во изминативе три години склучила договори во вредност од над 4 милиони евра.
Само во текот на изминатава година, оваа компанија склучила договори за обезбедување во вредност од 1,7 милини евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Личните карти со продолжено важење, пасошите тешко
Во овие услови нема надеж дека пасошите со старото име на државата ќе важат по 12 февруари, кога истекува рокот според Преспанскиот договор потпишан со Грција, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања на 17 декември.
Излегува дека претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски залудно си испраќаа јавни пораки кој треба или може да разговара со грчките власти за продолжување на рокот за промена на пасошите.
Сега, помалку од еден месец останува за граѓаните да си ги сменат патните исправи и да добијат нови со уставното име на државата – Северна Македонија. Но, со оглед на секојдневните турканици, тешко дека сите ќе успеат.
Тие со лични карти со старото име, може да здивнат, оти Министерството за внатрешни работи (МВР) на 16 јануари соопшти дека личните карти, како документи за внатрешна употреба, чиј рок не е истечен, ќе продолжат да важат и по 12 февруари.
Според договорот потпишан со соседна Грција, на Северна Македонија ѝ беше даден рок од пет години за граѓаните да извадат лични документи со новото име. Но државата доцнеше со издавање на документи со новото име, па немаше обрасци, па нема термини за фотографирање, со што на истекот на рокот многу луѓе се уште немаат сменети документи.
На 15 јануари, најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, поднесе иницијатива до Уставен суд со која бараат судот да ја оценува уставноста на членови од Законите за патни исправи и за безбедност во сообраќај, а додека одлучува за уставноста на оспорените членови да се запре извршувањето на Законите, со што 12 февруари како краен рок нема да важи. Но, и тоа изгледа како задоцнета и тешко остварлива варијанта.
Фиктивни фактури за „грабеж“ на државни пари
Нафтени компании преку лажни фактури сакале да ја оштетат државата за речиси три милиони евра преку наплата на поврат на Данок на додадена вредност (ДДВ) и на Данок на личен доход. Ако им успеал планот, од државата ќе наплателе 2,6 милиони евра од ДДВ и околу 309 илјади евра од данок на личен доход.
Од Управата за јавни приходи (УЈП) на 15 јануари на брифинг со новинари презентираа детали за тоа како компаниите сакале да испумпаат пари од државната каса.
Откриле дека фирмите трговци со нафта немаат бензински пумпи, немаат складишта за нафтата и дериватите, немаат залихи како што било наведено на документите и немаат лиценци за вршење на дејноста трговија со нафта. Една од фирмите немала вработени и не исплаќала плати. Првата фирма ги избришала документите од сметководство. Фирмите прикажале дека купуваат нафта од добавувачите за што имале десетици фактури на милионски суми.
Доказите што ги собрале инспекторите на УЈП потоа ги испратиле до Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Финансиската полиција. Ќе има ли обвинети и казнети, не се знае.
Еден ден пред да биде одржан брифинг со новинарите во УЈП, пратеникот од опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски обвини дека „милиони се испумпувале од фиктивни фактури, а раководството на УЈП или знаело и прикривало или целосно го уништило системот“.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа УЈП да ги каже имињата на фирмите, кои според партијата, се блиски до владејачките партии – СДСМ и ДУИ.
Многу основци немаат ни интернет ни компјутери а Министерството за образование најавува дигитализација
И додека дел од основните училишта, посебно во руралните средини, допрва чекаат инвестиции за подобрување на инфраструктурата, МОН кон крајот на минатата година, 29 декември, излезе со амбициозни најави дека од второто полугодие процесот за дигитализација во основното образование согласно новата Концепција влегува во својата втора фаза.
Оваа најава од МОН доаѓа во време кога основците цело полугодие ги немаа ниту сите печатени книги пред себе, а шестоодделенците заминаа на зимски распуст без да ги добијат учебниците по Историја и Општество, за кои е неизвесно дали ќе ги имаат и до крајот на учебната година, бидејќи за нив нема рецензенти.
Од друга страна, во второто полугодие, преку платформата nastava.mk, учениците ќе имаат пристап до дигитални учебници, кои, како што најави министерот Јетон Шаќири нема да бидат само ПДФ верзија на веќе постоечките, туку ќе содржат нови, мултимедијални содржини кои ќе треба да го збогатат знаењето на учениците.
Наставниците, пак, со помош на дигитални паметни табли ќе треба да им помагаат на учениците да добијат плус знаење и преку интерактивни содржини да им го направат учењето поинтересно.
Но, како што сега стојат работите, во многу основни училишта во државата нема ни дигитални табли, ни интернет, ниту пак учениците имаат компјутери.
„Прво имате дигитални учебници, па потоа се купува опрема неопходна за изведување на наставата, тоа за мене е многу смешно. Прво, обезбедете во секое, ама буквално во секое училиште еднакви услови за да може да се работи, бидејќи еве во скопските училишта немам сомнеж дека тоа ќе функционира супер, на пример во „ОУ Киро Глигоров“ и така натаму, но во другите училишта дури и во самите скопски рурални училишта тоа ќе оди многу тешко“, вели наставникот по Историја, Васко Гичевски.
Граѓани или поданици
Колку граѓаните се подготвени да го искористат своето демократско право и да ги променат работите? Граѓански иницијативи има, спас за Лисиче, Влае, Расадник, против рудници, загадувачи... Но колку избираат да се само поданици? Во поткастот „Зошто“ на РСЕ разговараме со активистот Никола Писарев.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5