Достапни линкови

Немаат клупи, а не пак дигитални табли и учебници


Дигитални учебници во Северна Македонија
Дигитални учебници во Северна Македонија

За дигитализацијата потребни се лаптопи, таблети, компјутери за сите ученици, но најголем дел од основните училишта се далеку од подготвени. Од вкупно 966 училишта услови има само во 45, но и таму недостастува опрема, а Министерството за образование најави дигитализација во второто полугодие.

Во многу училишта нема клупи и табли, па дигитализација е последно нешто на што помислуваат. Таков е примерот и во седумте училишта распространети во повеќе села во општина Студеничани, кои го носат името „Алија Авдовиќ“. Студеничани е рурална општина во скопскиот регион. Во повеќето од тие училишта училниците се како од средниот век, подот е со даски, нема струја и постојано е ладно, опишува за РСЕ директорот на овие училишта Мустафа Регаип. Греењето е на дрва, во училниците има ќумбиња, а за подобрување на состојбата се чекаат донации од родителите на учениците.

„Во овие училишта нема ниту интернет врска, така што засега не може да се зборува за дигитализација“, објаснува Мустафа.

Во селото Цветово учат 110 ученици, во девет паралелки, во две смени. Учениците за една недела треба да се вратат во училишните клупи и да го почнат второто полугодие. А од второто полугодие, според Министерството за образование и наука (МОН) треба да почне дигитализацијата во училиштата.

Бидејќи од подрачните школи во Цветово има најмногу ученици, Мустафа вели ќе поднесе барање до МОН да се обезбедат барем основните средства за таму да се започне со процесот на дигитализација. Но, како што вели, јасно му е оти периферните училишта се секогаш запоставени и дека добивањето помош ќе оди бавно.

Училиштата во другите села пак, пред се оние во Црн Врв, Елово и Малчиште, се уште немаат ниту елементарни услови за настава, па планираат да собираат пари од родителите.

„Во Елово и Црн Врв се помали училишта, овде имаме по 20 ученици, а тука инфраструктурата прво е проблем – немаме клупи, табли, значи основни елементи. За ова ќе зборуваме со родителите, ќе бараме донации од нив за прво да се средат овие работи, па потоа ќе видиме“, додава Мустафа.

Од сите овие училишта единствено модернизирано е училиштето „Алија Авдовиќ“ во село Батинци, поточно во населеното место Љубош, каде како резултат на дотации од МОН од пред еден месец, има и една дигитална табла преку која наставниците ќе може да предаваат, два проектори и 16 компјутери.

Но, Мустафа истакнува дека е неопходно да се подобри состојбата и во останатите училишта, бидејќи засега таму е невозможно да се замисли дигитализацијата.

Дигитализацијата почнува од второ полугодие?

И додека дел од основните училишта, посебно во руралните средини, допрва чекаат инвестиции за подобрување на инфраструктурата, МОН кон крајот на минатата година, 29 декември, излезе со амбициозни најави дека од второто полугодие процесот за дигитализација во основното образование согласно новата Концепција влегува во својата втора фаза.

Оваа најава од МОН доаѓа во време кога основците цело полугодие ги немаа ниту сите печатени книги пред себе, а шестоодделенците заминаа на зимски распуст без да ги добијат учебниците по Историја и Општество, за кои е неизвесно дали ќе ги имаат и до крајот на учебната година, бидејќи за нив нема рецензенти.

Од друга страна, во второто полугодие, преку платформата nastava.mk, учениците ќе имаат пристап до дигитални учебници, кои, како што најави министерот Јетон Шаќири нема да бидат само ПДФ верзија на веќе постоечките, туку ќе содржат нови, мултимедијални содржини кои ќе треба да го збогатат знаењето на учениците.

Наставниците, пак, со помош на дигитални паметни табли ќе треба да им помагаат на учениците да добијат плус знаење и преку интерактивни содржини да им го направат учењето поинтересно.

Дигитални учебници во Северна Македонија
Дигитални учебници во Северна Македонија

Покрај дигитални табли и интернет врска во училиштето, за реализација на овој тип настава, потребно е учениците пред себе да имаат компјутер, лаптоп или таблет за да можат успешно да го следат она што наставникот им го прикажува.

Дигитализацијата годинава е пкланирано најпрво да започне за учениците од четврто, петто и шесто одделение, а во иднина ќе продолжи етапно да се реализира и за останатите одделенија.

Колку училиштата се подготвени за дигитална настава

Министерот Шаќири одговарајќи на новинарско прашање при презентацијата на дигиталните учебници призна дека голем дел од основните училишта се уште не се подготвени, истакнувајќи дека во наредниот период МОН ќе се насочи токму кон тоа сите училишта полека да ја добиваат потребната опрема.

Според неговите зборови, 45 основни училишта во земјава, од вкупно 966, како што покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика од почетокот на минатата учебна година, се подготвени за процесот на дигитализација од второто полугодие.

Но, и за во овие 45 училишта во иднина да се одвива дигитална настава во сите одделение, Шаќири нагласи дека има уште многу да се работи, односно дека и таму се уште недостига опрема.

Со донации до дигитализација

Хуманитарната организација „Донирај компјутер“ веќе седум години ги обезбедува училишта ширум земјава, собирајќи половни компјутери и ИТ опрема, која пред да ја донираат по потреба и ја поправаат.

Борче Стаменов кој ја води оваа организација во интервју за РСЕ во август минатата година, појасни дека тој и неговиот тим опремиле 30 училишта со донации од над 2.500 компјутери.

Стаменов истакна дека најмногу потреба има во руралните средини.

Борче од „Донирај компјутер“: За 2 години сите може да имаат компјутер
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:12 0:00

„Самата наставничка што се јави од школото ни рече: Имаме час по информатика, а децата уште немаат видено компјутер, не знаат како изгледа тој компјутер“, раскажа Стојменов без да открие за кое училиште станувало збор.

Тој истакна и дека потреба од ваква опрема има речиси во сите школи, а имало и многу примери каде ниту наставниците немале компјутери, а не пак учениците.

МОН со поддршка од Светска банка ги опремува училиштата

Во МОН прашавме како ќе се реализира дигитализацијата ако најголем дел од училиштата и натаму не се подготвени, а оттаму посочија дека со надворешна поддршка веќе инвестирале во повеќе училишта и дека овој процес интензивно ќе продолжи и во наредниот период.

„Во првото полугодие обезбедивме ИТ опрема со која повеќе основни училишта во државата, зависно од приоритетноста на потребите, добија нови персонални и преносни компјутери, печатари, скенери, 3Д скенери, проектори, опрема за презентација на настава, смарт табли... Со поддршка од Светска банка во 41 училиште ја модернизиравме постоечката ИТ и мрежна инфраструктура“, стои во одговорот од МОН, од каде додаваат и дека за актуелната 2024 година општините ќе располагаат со повеќе пари кои тие ќе ги трансферираат до своите училишта.

„Буџетот на МОН постојано расте, така што се зголемуваат и средствата кои се наменети за општините. Во 2024 година зголемувањето на овие средства е за 15% споредбено со лани, така што општините ќе имаат повеќе пари, меѓу другото и за дигитализација на образованието“, посочуваат од МОН.

Дигитализацијата ќе оди тешко, скептични се наставниците

Во училиштето „Славко Лумбарковски“ во општина Новаци веќе има две смарт табли, има интернет врска и има основни услови за во прво време да се започне со овој тип на работа, но потоа ќе мора сите училници да се опремат ако сакаме оваа настава да биде сериозна, вели наставникот по Историја, Васко Гичевски.

Според него, проблемот лежи во тоа што „во земјава има училишта кои се распаѓаат, други во кои нема интернет, а ние зборуваме за целосна дигитализација“.

„Дигиталните учебници генерираат една нееднаквост меѓу учениците, ние треба да разбереме дека немаат сите деца исти услови дома, а немаат ниту сите училишта исти услови во Македонија. Значи и ова што го имаме кај нас нема да биде доволно за оваа дигитализација, ќе треба уште да се купи, а тие набавки одат многу тешко, бидејќи општината вели чекаме од МОН, од МОН велат општините сами да се средат, а училиштата сами по себе воопшто немаат ниту буџети за тоа, бидејќи најголемиот дел од буџетите одат за плати. И на крај, им остануваат околу 500 евра, со кои сијалици не можете да купите, не па нешто друго“, вели Гичевски.

Според овој историчар, дигитализацијата во земјава започнала „погрешно и наопаку“.

„Прво имате дигитални учебници, па потоа се купува опрема неопходна за изведување на наставата, тоа за мене е многу смешно. Прво, обезбедете во секое, ама буквално во секое училиште еднакви услови за да може да се работи, бидејќи еве во скопските училишта немам сомнеж дека тоа ќе функционира супер, на пример во „ОУ Киро Глигоров“ и така натаму, но во другите училишта дури и во самите скопски рурални училишта тоа ќе оди многу тешко“, додава Гичевски.

За разлика од овој пример, основното училиште „Рајко Жинзифов“ во село Драчево во Скопје, има дури пет дигитални табли, но и овде, кога би се случила целосна дигитализација ќе треба уште многу да се вложува, објаснува тамошниот наставник по географија Томислав Гиевски.

„Во „Рајко Жинзифов“ имаме пет дигитални табли, а паралелно држиме настава од прво до деветто одделение поделени по 4 паралелки, значи тоа се 36 класа, тоа пак значи од дека шест класа само еден ќе може да користи дигитална табла и тоа е отежнувачки процес ако треба меѓу себе вработените да се договараат - денеска јас ќе ја користам, утре ти, и нема механизам како да се направи одредено средство што е потребно за работа како да го делат луѓе“, објаснува Гиевски.

Гиевски - Наставник во основно има потпросечна плата
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:00 0:00

Гиевски е скептичен и дека дигитализацијата ќе се спроведува на „вистински начин“.

„Ако наставникот преку „Гугл“ им покаже одредена карта или одредено видео и само да им го пренесе на децата, тоа е далеку од воспитно-образовен процес со користење дигитализација“, потенцира Гиевски.

Нов Е-дневник како пилот проект во 40 училишта во второто полугодие

Покрај дигиталните учебници, во второто полугодие во 40 основни и средни училишта во земјава како пилот-проект ќе биде воведен нов електронски дневник, најави ресорниот министер пред крајот на минатата година.

Пред неколку години целосно беше повлечена хартиената форма на дневникот и беше воведен Е-дневник, но се појавија проблеми во функционирањето - пад на системот, поради што податоците требаше да се воведуваат постепено и во периоди. Од тогаш, електронскиот дневник функционира со сериозни системски проблеми.

„Најголемиот проблем со Е-дневникот се случува кога 30.000 просветни работници истовремено го користат дневникот за спуштање на оценки, затоа што тој систем е направен за да опслужи многу помала бројка, и овде треба МОН да направи систем кој истовремено ќе може да ги опслужи сите 30. 000 работници. Системот најмногу се преоптоварува на крај на полугодие или на крај на година кога сите наставници треба да ги внесат оценките“, објаснува наставникот Гиевски.

Сега, Шаќири најавува постабилен систем за кој ветува дека нема да ги има старите проблеми.

„Мислам дека во тие 40 училишта каде што ќе го воведеме Е-дневникот како пилот-проект ќе знаеме каква е разликата и што треба да се работи понатаму“, изјави Шаќири најавувајќи ја и оваа промена.

Второто полугодие започнува на 21 јануари кога за дел од основците ќе стапат во сила овие новости, а актуелната учебна година наместо на 10 јуни ќе заврши на 17-ти истиот месец, бидејќи годинава за првпат е воведен пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 5 мај.

XS
SM
MD
LG