Во 40 основни и средни училишта во неколку општини во државава од второто полугодие на учебната година ќе се применува електронскиот дневник (Е-дневник) како пилот проект додека не се отстранат евентуални слабости за да биде применлив во сите училишта, најави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Пред неколку години целосно беше повлечена хартиената форма на дневникот и воведен Е-дневник, но се појавија проблеми во функционирањето - паѓање на системот, поради што податоците требаше да се воведуваат постепено и во периоди.
По реакции на наставниците, повторно беше воведен хартиениот дневник, а воедно почна и ИПА-проект за креирање нов електронски дневник.
„Новиот Е-дневник ќе биде поажуриран, полесно достапен и пристапен. Во претходните три месеци имаше презентација на електронскиот дневник до сите наставници во основно и средно образование и од тие наставници произлезе дека новиот Е-дневник е поподготвен од претходниот Е-дневник“, најави Шаќири.
Министерот додаде дека МОН обезбедило база на податоци подобра од претходната база во стариот дневник, а истиот ќе се воведува етапно како пилот проект во неколку училишта ширум земјава во второто полугодие.