Достапни линкови

Држава со многу прашалници


Илустрација
Илустрација

Скопје е домаќин на министерскиот состанок на ОБСЕ, најголем дипломатски настан во поновата македонска историја. Очите на јавноста беа вперени во него, но не изостанаа и „прашалниците“ за економијата, за политичките кавги за изборите, за Вања, Блискиот Исток, за војната во Украина...

ОБСЕ, Русија и Западот...

Последниве два дена во Скопје се одржува најголемиот дипломатски настан од самостојноста на Македонија - Министерскиот состанок на ОБСЕ. Тоа беше настанот кој речиси ги засени сите други случувања.

На состанокот, меѓу другото, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и западните дипломати меѓусебно се обвинуваа за уништување на ОБСЕ. Дел од делегациите го бојкотираа неговиот говор и му порачаа на Кремљ дека војната во Украина треба да прекине. Американскиот помошник државен секретар О'Браен порача дека ОБСЕ ќе опстане и без оние кои го блокираат. Прашањето за финансиската иднина на ОБСЕ падна во сенка.

Лавров: Тие веќе создадоа европска политичка заедница без Русија и Белорусија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Што се случува на терен додека Бехтел и Енка добиваат пари за автопатите

Државата досега издвоила 11,6 милијарди денари или околу 189 милиони евра за автопатите што ќе ги гради конзорциумот Бехтел и Енка. Договорот е склучен пред осум месеци, власта досега организираше три свечености за „прва лопата“ за градба, но засега нема поголеми градежни активности. Од градежната фирма „Енка“ наведуваат дека се прават истражувања, дел од делниците имаат одобрение за урбанистичи план, а за дел процедурата е во тек.
Договорот предвидува изградба на четири делници од Коридорите 8 и 10 Д, со вкупна должнина од 108 километри.

Последната трансакција е направена на почетокот на месецот. Најголемата, пак, е од април годинава, еден месец откако Владата го потпиша договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
„Работите за топографско истражување и геотехнички истражни работи се одвиваат со брзо темпо“, информира турската градежна компанија Енка на својата веб страница на 15 ноември.

Невидливиот обвинител

Во првата година од мандатот, шефот на Обвинителството за организиран криминал, Ислам Абази, ретко се појавуваше во јавност. Одржа само една прес-конференција, а од неговиот тим најчесто испраќаа соопштенија.

Тој на чело во Обвинителството ја наследи Вилма Русковска и дојде од гостиварско Вишо обвинителство, а неговиот избор во ноември лани беше во фокусот на јавноста откако врз целиот процес имaше сомнежи за политички влијанија.

Една година, според професорот Гордан Калајџиев, е малку да се даде оцена, но тој лично не очекува ништо бидејќи смета дека и самиот избор бил пораз.

Ислам Абази
Ислам Абази

Истражување на РСЕ: Гратис софтверот за онлајн попис води до поранешна шефица на кабинет на Анѓушев

Еден ревизорски извештај го отвори прашањето. Како Државниот завод за статистика добил гратис апликација за онлајн пописот на дијаспората? На фирмата која го донирала, претходно и е одобрена финансиска помош за инвестиции, а е управувана од поранешната шефица на кабинет на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Според документите кои ги има РСЕ, интересно е тоа што на само четири денови пред да започне само-попишувањето се договараат сите услови за апликацијата, а ден пред стартот е предадена на статистика. Меморандумот за соработка е склучен на 25 февруари 2021, договорот е потпишан на 26 февруари, а записникот за примопредавање на 28 февруари. Веќе следниот ден на 1 март само-попишувањето започнува. Токму ова е исто така е спорно и за ревизорите уште повеќе што оваа апликација не влегла во јавната набавка за софтверското решение за целиот попис. Статистика една година претходно имала тендер за софтвер за попис и пронашла оператори за оваа услуга, но не побарала и софтвер за дијаспората.

Берлин или Делчево?

Со автобус, без проблем ќе стигнете до кој било град во Европа, но речиси до ниеден град во источна Македонија. Внатрешните меѓуградски линии се болна точка за граѓаните, посебно за повозрасните, кои од градовите во внатрешноста буквално се мачат да пристигнат до метрополата, но и до околните градови. Од Автобуската станица во Скопје, со која стопанисува фирмата „Руле Турс“, велат дека истокот е посебно критичен.

Руси поврзани со Кремљ вработени во највисокото европско безбедносно тело

ОБСЕ, која носи одлуки врз основа на консензус од сите нејзините 57 членки, се најде парализирана во работата поради руските вета. Поради руското противење, Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина беше прекината по инвазијата на Москва врз Украина во февруари 2022 година. Мисијата работеше осум години откако Русија го зазеде украинскиот полуостров Крим и ги поддржа вооружените сепаратисти во конфликтот во источниот украински регион познат како Донбас во 2014 година.

Во сите тие турбуленции, Радио Слободна Европа направи истражување кое покажа дека Руси поврзани со Кремљ се вработени во највисокото европско безбедносно тело - ОБСЕ.

„Најди ме“

Со надеж за среќен крај, четврти ден трае потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која исчезна во понеделникот (27.11.), околу 7.30 часот наутро, одејќи од дома накај училиште во населбата Дебар маало, во центарот на Скопје.

Додека полицијата трага по девојчето, течат подготовките и во Северна Македонија да се воведе таканаречениот „Амбер алерт“, систем за итно информирање на јавноста кога ќе исчезне дете. Кај нас ќе се вика „Најди ме“.

Поткаст „Зошто?“ - Неказнивоста најголема болка во борбата против корупцијата

Kорупција, криминал на високо ниво. Проблеми во правосудство. Ова е оценка на Европската Комисија, на САД и домашни релевантни институции. Во здравството недостигаат лекови, во образованието учебници и пред се, што бидна со она „нема правда – нема мир“ слоганот со кој шарената револуција го урна режимот на Никола Груевски. Во ова издание на Зошто разговараме со Герман Филков новинар, истражувач и сега на чело на Центарoт за граѓански комуникации.
Најновата епизода од поткастот „Зошто?“ можете да ја слушате на овој линк.

XS
SM
MD
LG