Достапни линкови

Грешници со мирна совест


Никој не е безгрешен, но некои грешки се со сериозни последици. Што испушти да каже претседателот Пендаровски? Зошто расте евроскептицизмот? Ќе има ли пензии за идните генерации? Зошто младите стануваат се понеписмени? 

Што не кажа претседателот Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците?

Во неговото, како што рече, последно обраќање во Парламентот, во овој мандат, оставајќи простор за кандидатура и за втор мандат, претседателот Стево Пендаровски прилично реално ги отслика состојбите во државата. Сепак, некои теми прескокна, а за себе рече дека не бил безгрешен, но, немал лоша намера и оти совеста му е мирна.

  • За својот мандат изјави: „никогаш не договарав тендери и провизии, не вработував роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските немам побарано посебен третман“. Но, не кажа кој договарал тендери и провизии и вработуваше роднини, пријатели и сопартијци.
  • За корупцијата рече дека се стекнува впечаток дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Додаде дека отпорот да се реформира правосудниот систем лежи во спрегата меѓу политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите, која во изминатите децении, создаде атмосфера во која се разви ендемска корупција која ја загрозува виталноста на државата. Но, не се изјасни зошто не се спротистави на измените во Кривичниот законик со кој се намалија казните за злоупотреби на службената положба на функционерите.

Неговиот сегашен предлог - веднаш по изборите да се спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај политичарите, што би значело дека за секој, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка, е добар. Тоа требаше одамна да се направи.

  • За преговорите за членство во ЕУ претседателот оцени дека неспорно е дека не си ја завршивме домашната задача, усвојување на уставните измени, со кои Бугарите треба да влезат во Уставот. Државата мора да остане на патот на европските интеграции, без разлика кој и да ја раководи, рече Пендаровски. Но, како да го заборави извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, во кој имаше сериозни критики и за неспроведување на реформите, злоупотреби на европското знаменце, корупцијата, судството...

„По изборите, без оглед како ќе одлучат македонските граѓани, две работи се клучни за државата - одржување на стабилни меѓуетнички односи и западната ориентација во надворешната политика“, заклучи Пендаровски. Со ваквиот став, барем декларативно, се согласуваат сите релевантни политички субјекти во државата.

Мирна ли им е совеста на политичарите за растот на евро-скептицизмот?

„Европска иднина, поблиску од кога било“, е слоганот со кој почнува новата кампања на Владата, со цел јавноста да биде информирана за конкретните придобивки од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ. Ќе чини 355.000 евра. Претходно, кампањата „Ние сме Европа“, чинеше 80.000 евра. И пред тоа имаше разни кампањи.
Резултатот е следен: За речиси деценија, за една четвртина е падната поддршката на граѓаните за членство во Европската унија. Ако во 2014 година 80 отсто од испитаниците биле „за“ членство во Унијата, во 2023 тој процент изнесува 60 отсто, покажуваат истражувањата на невладината Институт за демократија – Социетас цивилис презентирани на 18 декември. Посебно загрижуваат податоците кои се однесуваат на младите и нивната поддршка за членството во ЕУ.

„Најмладата категорија на полнолетни граѓани на возраст од 18 до 24 години, се во суштина и најевроскептични. Само половина од младите го поддржуваат членството во ЕУ“, вели авторот на анализата, професорот на Правниот факултет, Иван Дамјановски.
Годинава се намалило и мислењето дека соседите се главна пречка за членство во ЕУ, а расте бројот на оние кои сметаат дека вината треба да се бара на домашен терен, односно во неостварување на реформите.
Висок е процентот, 90 отсто, на оние кои сметаат дека членството во ЕУ нема да го намали иселувањето на младите.
Ваквите податоци, партиите од власта и од опозицијата си ги протолкуваа различно. Власта смета дека опозицијата кочи со неприфаќање на уставните измени, додека пак од опозицијата потенцираат дека ваквата ситуација е поради неспроведување на реформите и корупцијата. Сите со мирна совест.

Ќе станеме ли држава на старци без пензии?

Населението во државата ќе старее - ќе имаме повеќе пензионери, а помалку работоспособно население. Пензискиот фонд, пак, и денес нема доволно приходи за да исплаќа пензии, што го прави зависен од државниот буџет. Кај дел од граѓаните, стравот е веќе присутен дали воопшто ќе дочекаат пензија од државата. Децата родени во 2005, кои годинава станаа полнолетни, кога ќе наполнат 65 години ќе влезат во старосната група која се предвидува дека тогаш ќе биде најбројна во Северна Македонија.

Според проекциите што ги објави Заводот за статистика на 15 декември, населението во земјава во наредните децении константно ќе старее.
Поранешната директорка на Фондот за пензиско осигурување, Билјана Јовановска критикува дека политиките на владејачките гарнитури придонеле за трендот на емиграција – се иселуваат не само невработените туку и оние кои се вработени и добро ситуирани во земјава, а сето тоа е удар врз фондот.
Според неа, власта треба да престане со популизмот и реално да ги согледа работите, а како една од мерките што треба да ги направи и со тоа да се влијае и на пензискиот фонд е бескомпромисна борба со сивата економија.
Од она што е познато, е дека власта подготвува 20-годишна развојна стратегија која наскоро ќе оди на усвојување и во Собранието.


Грешници за се поголемата неписменост на младите

Учениците во државава се меѓу најслабите, покажаа резултатите од тестирањете на меѓународна студија ПИСА (Programe for International Student Assessment), која ги проценува знаењата на учениците на возраст од 15 години по читање, математика и природни науки.
Министерството за образование и наука во своето соопштение не изрази некоја посебна загриженост, само посочи дека резултатите биле „слични со оние од 2018 година“, иако реалноста е дека рангирањата се полоши. Од МОН заклучуваат дека не се лоши само нашите ученици, туку кај речиси сите учесници на тестирањето имало намалени резултати. Најавуваат реформи во образованието.

Досега, секој министер со своја реформа, експерименти со наставни програми, а резултатите се покатастрофални.
Во меѓувреме, предмети без учебници или со лоши и учебници со грешки, настава за компјутери без компјутери, лош образовен кадар, несоодветни наставни програми, проблеми кои се провлекуваат со години, а за кои сведочат и родителите и стручњаците.
„Кај нас имаме руиниран или застанат систем кој тешко може некој да го состави или покрене. Второ, учениците не се фокусирани на тоа што се бара од меѓународните тестирања. Учат сешто и имаат премногу предмети, непотребно. Некои образовни предмети се основни, како природните науки, за кои треба здраво разбирање и учење, додека еден од поважните, читање со разбирање по мајчин јазик се гради повеќе години“, вели за РСЕ професорот по социологија и комуникации Петар Атанасов.


Паметно столче за намалување на трошоците за греење

Сепак, некои ученици се издвојуваат со иновации и успеси. Tим средношколци од училиштето „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка направи паметно столче кое грее. Тие сакаат да ја намалат потрошувачката на нафта во училиштето, бидејќи во нивниот град грејната сезона трае седум месеци, а котелот за нафта работи исто и во февруари и во мај. Вака, велат, во месеците кога не е многу студено, со користење на столчиња кои греат би можеле да се намалат трошоците за греење долгорочно.

Паметно столче за намалување на трошоците за греење
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:06 0:00


Сите се еднакви, ама некои се поеднакви

Мирна ли им е совеста на надлежните институции што живееме во општество со тешки предрасуди кои водат кон дискриминација и стигматизација. Колку е веројатно на следните избори граѓаните да изберат личност со попреченост на висока функција. Во овој поткаст Зошто, разговараме со Елена Кочоска, активист и експерт за човекови права и попреченост.

Невидливи за државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:09 0:00
Директен линк

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG