Достапни линкови

Загриженост за стабилноста на Балканот и негрижа за состојбите дома


НАТО се грижи за стабилноста на земјите во регионот на Западен Балкан, но што е со негрижата на домашните власти за состојбата во Државна лотарија, платите, пензиите, здравството, земјоделството...

Кои се опасностите за Западен Балкан?

Регионот на Западен Балкан е важен за НАТО, но има причини за загриженост, бидејќи гледаме закани за сецесионизам во Босна и Херцеговина, кревка безбедносна состојба на Косово со закочени преговори меѓу Белград и Приштина, а авторитарни држави како Русија го загрозуваат демократскиот интегритет со сајбер закани. Време е да се надминат регионалните конфликти кои предолго траат.
Со овие пораки генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го заврши неформалниот состанок во Скопје со земјите сојузнички на Алијансата од Западен Балкан.

НАТО внимателно следи што прави Русија во Западен Балкан, вели генералниот секретар Столтенберг, но додава дека не гледа воена закана од Русија за која било членка на НАТО или за регионот. Тој во Скопје се сретна со државниот врв, а се обрати и пред пратениците во Парламентот. Им порача да работат за членство во ЕУ како што работеа за НАТО.

Кои беа поентите на Столтенберг претходно во Сараево, Приштина и Белград?

  • - Во Сараево изрази загриженост за сецесионистичката реторика и руското влијание.
  • - Столтенберг во Приштина го поздрави новиот предлог-статут за формирање Заедница на општини со српско мнозинство. Додаде дека зголемувањето на военото присуство на Косово за 1.000 војници покажува колку сериозно Алијансата го сфаќа насилството што избувна во Косово во последните месеци.
  • - Во Белград порача дека извршителите на нападот во Бањска мора да бидат изведени пред лицето на правдата. „Трупањето сили на српската армија во близина на границата со Косово нема да помогне да се смири ситуацијата“, додаде Столтенберг.


Државна лотарија за приватни профити

Негрижата на државните институции за случувањата во Државна лотарија, како да е аминување за нови сомнителни зделки.
Најнов договор кој Државна лотарија го има склучено месецов е за купување на апарати за коцкање. Ќе ги набавува компанија која порано работела во дејноста архитектура, со седиште во кумановско Липково. Со промената на името, адресата и дејноста, добива и нов сопственик, 19 - годишниот Фљамур Невзатовски.

Тендерот на Државна лотарија за набавка на апарати за коцкање што го добила компанијата „АП Солутионс“ тежи 204.825 евра.
РСЕ продолжува да го истражува закупот на Државна лотарија тежок 2,6 милиони евра со компанија блиска на ДУИ. Откриваме дека пред „Хеј ДООЕЛ“ да склучи договор за закуп со акционерското друштво, управител на компанијата била Натура Груби Бела, која всушност е братучетка на вицепремиерот Артан Груби.
РСЕ откри уште една компанија, „Медиа Гроуп ДООЕЛ Тетово“, блиска до „Арбериа Десигн“ која добила тендер во Државна лотарија. И двете компании до неодамна биле регистрирани на иста адреса во Тетово, а склучиле посебни договори за јавни набавки со Државна лотарија и тоа во ист ден.
Молкот е единствениот одговор кој го добивме од Финансиската полиција на прашањата дали освен милионскиот закуп на Државна лотарија, предистрагата е проширена и кон компаниите на блиски и роднини на „Арбеира Десигн“ кои добиваат тендери во акционерското друштво.

Има кој да се грижи за рејтингот на ДУИ

Иљириана Бајрами е непознато име во македонската медиумска сцена. Но, поседува компанија „Инфините солутионс 2023“ која е сопственик на 10 портали (колку што успеа да открие РСЕ) со информативна содржина, доминантно на албански јазик, што ја прави своевиден невидлив „медиумски магнат“ во интернет просторот.
На 8 ноември 2023 година, партијата Демократско движење, која е дел од опозициската албанска „Коалиција за европски промени“, ги посочи двата портали под капата на „Инфините солутионс 2023“ – desk.mk и redakcija.mk на македонски јазик, но, и порталот indeks.mk, кој објавува содржини на албански јазик, како пропагандистички гласила на ДУИ против претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

Проверките покажуваат дека indeks.mk е портал во сопственост на „Друштво за новинарство, издавачка дејност и услуги ИНДЕКС ОНЛИНЕ ДОО увоз-извоз Скопје“. Компанијата е во сопственост на генералниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами и Фатон Шоши. Бајрами се појавува и како управител на фирмата регистрирана во мај 2021 година. Тоа го потврдува и мејл адресата (indeks.mk@gmail.com) оставена при регистрација на сајтот во МАРНЕТ – мрежа на регистрирани македонски домени, која е истата наведена и на Фејсбук страницата на порталот.
Другите два портали desk.mk и redakcija.mk се во сопственост на „Инфините солутионс 2023“. Сопственик и управител на компанијата е 32 годишната Иљириана Бајрами од Ваксинце, Куманово.
Порталот „Призма“ објави дека сопственичката на „Инфините солутионс 2023“, Иљириана Бајрами е сопруга на Кујтим Бајрами, кој е шеф на кабинетот на директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами. Акционерското друштво речиси три недели е предмет на истрага на Финансиската полиција за договорот за закуп кој го склучи со компанијата „Хеј ДООЕЛ“ во вредност од 2,6 милиони евра, по сториите објавени на РСЕ.

Негрижа или немоќ за корекции на платите и пензиите?

„Владата како да нема чувство какви проблеми ни прават ниските плати во ваква скапотија“, велат административни службеници во судството, обвинителството, здравството... По повеќе месеци протести, многу од нив се уште земаат „минималец“. Траат и пензионерските протести за повисоки пензии.
„Достоинствени плати се единствено што бараме. На минималец сме, платата ни за храна не стигнува, никој не нѐ слуша“, вели Александра Н, вработена во суд во внатрешноста.

Додека револтот експлодира на улица, Владата повеќе пати најави, но не ги намали платите на над 1.200 функционери зголемени за 78 отсто, со одлука на Уставниот суд од март годинава - што е дополнителен мотив јавниот сектор да се бори за повисоки примања. Премиерот Димитар Ковачевски пред еден месец повторно кажа дека се бара начин како тоа да се направи. Последната негова изјава беше дека за недела - две ќе има работно законско решение. Помина еден месец, решението не е готово, а функционерите веќе осми месец земаат повисоки плати за 78 отсто.
Во Предлог – буџетот за 2024 година проектирани се средства за исплата на повисоки плати за јавната администрација и за повисоки пензии, но согласно утврденото системско решение. Тоа не ги исполнува барањата на синдикатите и на пензионерите. Нивниот став е дека Владата во континуитет им игнорира барањата.
Кој зошто протестира? Прочитајте ТУКА

Земјоделството тоне, а како никој да не е загрижен

Родот на оризот е преполовен. Оризопроизводителите по жетвата сумираа разочарувачки резултати – наместо очекуваните 800 до 900 килограми оризова арпа од посеан декар, земјоделците едвај собраа од 400 до 450 килограми. За нив пак, ова ќе значи дека тие веќе работат со загуба.
„Не само што станува неисплатливо да се занимавате со одгледување ориз, туку проблем се и другите земјоделски гранки, еве пченицата на пример, исто така станува неисплатлива за работа, бидејќи имате производна цена од 20 денари, а откупната е 10 денари, и не ја откупуваат“, објаснува земјоделецот Здравко Арсов.

Дека годинава навистина е намален родот во сите земјоделски култури, а не само кај оризот, сведочи и Петар Стојковски од Асоцијацијата на земјоделци.
„Целото земјоделско производство годинава е намалено – и по основ на житни култури, но и по основ на тутунопроизводство, конкретно за Прилеп, и таму е најмалку за една четвртина намалено производството. Секоја година имаме околу 26 милиони килограми тутун, а оваа година не верувам да имаме повеќе од 15 до 16 милиони килограми“, вели Стојковски за РСЕ.
И покрај добрите услови и плодната почва, податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат она што го зборуваат земјоделците, односно бројките за третото тримесечје од 2023 година, покажуваат дека откупот и продажбата на сите земјоделски производи во земјава е намален за 8,2 проценти.
Од друга страна пак, статистиките покажуваат дека Македонија полека, но сигурно станува земја зависна од увоз. Па така, минатата 2022 година сме увезле храна во вредност од речиси 900 милиони евра, за разлика од 2021 година, кога во земјава се извршил увоз на храна во вредност од 700 милиони евра. Ова значи дека за само една година, вкупната вредност на увезена храна во земјава се зголемила за 200 милиони евра.

Кога Брзата помош мора да избира пациенти

Во Брзата помош секој ден мора да се донесе одлука кој случај од итните е најитен, раскажува д-р Миралем Јукиќ во поткастот Зошто. Но, и со што се соочуваат како млади лекари специјалисти. Да замине во странство може веднаш, но најпрво ќе проба нешто да промени во јавното здравство.

Здравството е крш
please wait

No media source currently available

0:00 0:26:33 0:00
Директен линк


Светската шампионка Акиевска: „Растев во пекол, но пораснав во борец“

Животот во Крива Паланка за Мери Акиевска бил пеколен. Вели дека растела во семејно насилство и во сиромаштија. Во средношколскиот интернат во Скопје имала подобри услови отколку дома. Овде ја нашла и својата најголема пасија - бодибилдинг и фитнес. Нејзината посветеност и дисциплина ѝ носат бројни медали. Последен е оној од Санта Сузана, Шпанија, од каде го донесе третиот златен медал од светско. Таа се надева дека и другите млади ќе бидат мотивирани да ги остварат своите цели и дека ќе ги инспирира со својот пример.

Светската шампионка Акиевска: „Растев во пекол, но пораснав во борец“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:52 0:00
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG