Регионот на Западен Балкан е важен за НАТО, но има причини за загриженост, бидејќи гледаме закани за сецесионизам во Босна и Херцеговина, кревка безбедносна состојба на Косово со заостанати преговори меѓу Белград и Приштина, додека авторитарните држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски интегритет со сајбер закани.
Со овие пораки генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го заврши денешниот неформален состанок во Скопје со земјите сојузнички на Алијансата од Западен Балкан.
„Јас на секоја средба во регионот посочувам дека е важно да се избере дијалогот и дипломатијата во однос конфликтот и на војната. Сецесионистичките барања го загрозуваат мирот во БиХ, а главниот дијалог е суштински за Белград и Приштина и нивниот пат кон мирот и просперитот. Последните предлози за воспоставување на заедницата на мнозинските општини со Срби на Косово може да биде важен чекор напред. Време е да се надминат регионалните конфликти кои предолго траат. Исто така разговаравме за агресијата врз Украина од страна на Русија, двете страни треба да престанат да бидат во конфликт, така што ги пофалувам сојузниците на НАТО што даваат витални решенија, бидејќи дури поважно бидејќи состојбата на бојното поле е многу тешка“, рече Столтенберг.
Шефот на НАТО повтори дека во моментов не гледаат директна воена закана кон сојузниците на НАТО во регионот, но посочи дека главната загриженоста е поради зголемените тензиите во Косово и во БиХ и поради „развојот на настаните кои одат секоја во своја насока во државите во регионот.“
Столтенберг ја финишираше турнејата на Западен Балкан на денешниот неформален состанок во Скопје, каде заедно со премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски беше домаќин на лидерите на земјите членки на НАТО во регионот: премиерот на Албанија Еди Рама, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ и премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Денешните разговори беа фокусирани и на војната во Украина и кризата на Блискиот Исток. Во претходните денови Столтенберг предупредуваше на руското влијание на Западен Балкан, но најави и зголемено присуство на војници на НАТО на Косово.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски рече дека разговорите биле насочени и кон сајбер безбедноста, како „прашање со кое се засегнати сите земји во регионот.“ Ковачевски посочи дека членките на НАТО од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел и од Европската унија.
„Токму затоа продолжувањето на интеграцијата на Северна Македонија е од исклучително големо значење. Наша задача е да прдолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање во ЕУ, како што тоа го направивме во НАТО. Членството во ЕУ е наша цел и ние немаме друга алтернатива. Дали ќе бидеме таму набрзо, сега зависи само од нас и одлуките кои ние треба да ги донесеме во нашето Собрание“, рече Ковачевски.
Премиерот на Албанија Еди Рама изрази жалење, како што рече, поради фактот дека, иако постоеле повторени обиди за значително да се зголеми бројот на трупи на Косово, се случил трагичниот настан, за кој рече дека треба да служи како наговествање, а не да се третира како спорадичен, мислејќи на инцидентот во Бањска во Косово. Рама истакна дека на состанокот побарал од НАТО да биде повеќе присутно во Косово со ангажман на поголем број на трупи, но кои ќе бидат поставени на косовската граница со Србија.
„Поради тоа денес на состанокот укажав на неопходноста да се зголеми бројот на силите на НАТО во Косово и на неопходноста да се гарантира границиата меѓу Косово и Србија - граница која што фактички е вон контрола и е во служба на нелегални активности, како шверцување оружје, наркотични средства и активности коишто во понатамошниот тек се мешаат со политичката активност на ултранациоалистичка позадина, а предизвикуваат големи пореметувања како што се случи настанаот во Банска, каде припадник на косовската полиција го загуби животот. Овој настан го покажа големиот потенцијал од дестабилизација и ескалација на одреден конфликт“, рече Рама.
Столтенбер рече дека ќе го разгледа предлогот на Рама, а хрватскиот претседател Зоаран Милановиќ го поддржа предлогот на албанскиот претседател.
Црногорскиот премиер Милојко Спаијќ ги потврди, како што рече, заложбите на Црна Гора да ги постигне нејзините стратешки и надворешно-политички цели, како полноправното членство во ЕУ, спроведување на политиките на НАТО и позицииите во мултилатералните организации.
„Исто така ја посочувам безбедносната средина којашто бара постојана будност на ЕУ и на НАТО. Потенцирав дека Црна Гора, како земја со нула проблеми во односите со своите соседи, ќе продолжи да игра конструктивна улога кон подобрувањето на регионалната соработка и зачувувањето на мирот и стабилноста“, рече Спајиќ.
Северна Македонија скоро четири години е дел од НАТО Алијансата и е најмлада земја членка на Алијансата, откакоа земјата стана триесетта земја членка на НАТО на 27 март 2020 година. Претходно во 2017 година на воениот сојуз му се приклучи Црна Гора. Албанија и Хрватска се членки од 2008 година, кога Македонија доби вето од Грција поради спорот за името.
Шефот на НАТО Столтенберг со дводневната посета на Северна Македонија ја заврши турнејата низ Западен Балкан, која ја започна на 20 ноември со посетите на Босна и Херцеговина, Косово и Србија.
По вчершното пристигнување во Скопје, Столтенберг прво се сретна со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, а потоа и со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што одржа говор во Парламентот, а денот го заокружи со средба со претседателот на државата Стево Пендаровски.
На обраќањето пред пратениците во Собранието, Столтенберг порача лидерите во земјава да работат за членство во ЕУ како што работеле за членството за НАТО.
За да ги продолжи преговорите со ЕУ по кластери, Северна Македонија треба да ја промени Преамбулата на Уставот и со тоа да го внесе бугарско малцинство во Уставот.
Но, засега во македонското Собрание го нема потребното двотретинско мнозинство затоа што најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се противи на измените на Уставот. Тие овој услов го нарекуваат „бугарски диктат“.