„Ќе разговараме за прашањата со кои се соочува регионот во моментов. Гледаме зголемена конкуренција меѓу глобалните сили, воната во Украина беснее, имаме нова војна на Блискиот Исток, добредојден е договор меѓу Хамас и Израел кој ќе резултира со ослободување на заложниците“, рече Столтенберг.
Во хотелот Хилтон во Скопје на неформалниот состанок на НАТО пристигнаа премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази задоволство дека лидерите од регионот денеска се состануваат во Скопје, како што кажа во „многу турбулентен момент за светот.
„Војните и кризите имаат потенцијал да влијаат исто така во регионот и треба да се фокусираме на тоа што го сега го имаме, а тоа, можеби не највисок квалитет на мир, но е мир. Тоа е мир кој треба да го сочуваме и да го направиме посилен. Сите треба да се фокусираме да достигнеме конечен мир и заедно да одиме напред“, рече Рама.
„Ќе разговараме за регионалните безбедносни прашања, но секако ќе разговараме и за клучните теми во однос на војната во Украина, конфликтот во Газа, како и за сите други прашања кои се однесуваат на градење на безбедност во нашиот регион, во Европа и во светот“, рече Ковачевски.
Шефот на НАТО Столтенберг со дводневната посета на Северна Македонија ќе ја заврши турнејата низ Западен Балкан, која ја започна на 20 ноември. Тој претходно ги посети Босна и Херцеговина, Косово и Србија.
Вчера во Скопје Столтенберг рече дека НАТО внимателно следи што прави Русија во Западен Балкан, но додаде дека не гледа воена закана од Русија за која било членка на НАТО или за регионот.
„Остануваме претпазливи, одблиску набљудуваме што прави Русија и ќе останеме обединети. Ние имаме воено присуство во овој регион, со КФОР, со генералштабот во Сараево и со канцелариите во Белград, и подготвени сме брзо да се засилиме и да направиме сè што треба за да го одбраниме секој сојузник од каква било закана, но сепак не гледаме нешто што би дошло како закана против кој било НАТО сојузник“, рече Столтенберг.
Тој порача дека НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија на НАТО, нотирајќи го придонесот што земјата го дава во мировните мисии, одвојувањето на пари за одбрана и осудата за руската војна против Украина.
Столтенберг по вчершното пристигнување во Скопје прво се сретна со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, а потоа и со претседателот на Собранието Талат Џафери, по која одржа говор во Парламентот, а денот го заокружи со средба со претседателот на државата Стево Пендаровски.
На обраќањето пред пратениците во Собранието, Столтенберг порача лидерите во земјава да работат за членство во ЕУ како што работеле за членството за НАТО.
Столтенберг рече дека многу често сојузниците коишто биле дел од источниот блок, прво влегле во НАТО, а потоа во ЕУ. Членство во ЕУ дополнително ќе ја зајакне вашата демократија, владеењето на правото, социјалната правда и ќе ја зголеми можноста за младите, рече тој.
„Сите политички партии имаат одговорност да работат заедно и да ја движат државата напред. Ве охрабрувам постојано да работите на членство во ЕУ како што работевте за членството во НАТО. Да го комплетирате вашето патешествие кон срцето на европското семејство на нации. Членството во НАТО ќе го трасира вашето членство во ЕУ, онака како што беше со многу држави пред вас“, рече Столтенберг.
Северна Македонија скоро четири години е дел од НАТО Алијансата. Земјата стана триесетта земја членка на НАТО на 27 март 2020 година.
Определбата за евро-атлантско интегрирање на земјата датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
За да ги продолжи преговорите со ЕУ по кластери, Северна Македонија треба да ја промени Преамбулата на Уставот и со тоа да го внесе бугарско малцинство во Уставот.
Но, засега во македонското Собрание го нема потребното двотретинско мнозинство затоа што најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се противи на измените на Уставот. Тие овој услов го нарекуваат „бугарски диктат“.