Кризи на Балканот опасни по живот

Токсични депонии во регионот се како темпирана бомба, аеро-загадувањето бележи светски рекорди, насилството врз жените сеуште е табу тема. Њузлетер 29.11.2024

Депониите како темпирана бомба

Преполните депонии се вообичаена слика низ целиот Балкан. Косово, Албанија и Црна Гора, неодамна беа рангирани од лондонскиот Лојдс регистар како едни од 10-те најлоши земји во светот во постапувањето со отпад и справување со загадувањето.

На Косово, на пример, депонијата Мираш, стана не само огромна грижа за жителите, туку и за властите, па дури и за ЕУ, која ја повика Приштина да ја исчисти локацијата и да ја затвори, со тоа што Брисел дури сугерираше дека може да финансира алтернативно решение. И косовските надлежни институции констатираа дека локацијата претставува „траен ризик за животната средина, закана за државниот имот, но најголемата опасност е потенцијалниот ризик за здравјето на луѓето и загубата на животи во таа средина“.
Но, решение, засега нема.

Видете и ова: Отпад и депонии - темпирана бомба во земјите од Балканот

Соседна Албанија, една од најбрзо растечките туристички дестинации во Европа, се надеваше дека ќе изгради печки за согорување, кои, не само што ќе го согоруваат ѓубрето, туку и ќе произведуваат енергија. Проектот набрзо стана познат како коруптивен, што доведе до затворска казна за поранешниот министер за животна средина Лефтер Кока. Случаите поврзани со корупција сè уште се во судовите.
Многу речните текови во Албанија се преплавени со отпад, вклучувајќи пластика, метали, па дури и медицински отпад, кои се слеваат во Јадранското Море.

Црна Гора, која се прогласи за еколошка држава уште во 1990 година, не го оправдува тој статус, особено во однос на управувањето со отпадот, вклучително и депониите.
Една од најозлогласените депонии, во близина на градот Рожаје, со децении е темпирана бомба. Локалните жители се сомневаат дека тоа е причината за високата стапка на рак на белите дробови. Локалните лекари се согласуваат, иако нема докази за врската меѓу последиците од загадувањето и зголемената смртност.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Земјите од Западен Балкан се соочуваат со растечки кризи со токсичен отпад


Современи депонии само на хартија и во Македонија

Чад, гнев и бескрајни ветувања, - нестандардните депонии со години трујат цели градови во државата, иако речиси 100 милиони евра од ЕУ фондови за модерно управување со отпад остануваат неискористени. Нов рок е 2025 за почеток на изградба на некоја од петте регионални депонии, додека граѓаните се гушат во енормно загадување.

Кочани, град на североистокот на Северна Македонија, овој месец беше сведок на континуирани 24-часовни блокади од страна на граѓани и активисти. Причина? Градската депонија, која долго време е извор на енормно загадување и неподнослив чад од запален отпад.

Видете и ова: Градовите загушени во отпад - решенијата стојат на хартија

Иако кочанската депонија не е стандардизирана со воспоставен правилен третман на отпад, Владата одлучила отпадот од соседните општини прво да се складира во Кочани, а потоа да се транспортира во Штип.
Планот бил собраниот отпад во Штип потоа да се носи во Мечкуевци, во модерна депонија за целиот Североисточен регион.

Но, нова модерна депонија во Мечкуевци сè уште нема. Има проект кој не е реализиран, исто како и за регионалните депонии за останатите шест плански региони на Северна Македонија.

За Скопскиот регион, кој е со најголем број жители се планира отпадот да се третира во Дрисла, која иако е единствена депонија што работи според некакви стандарди, граѓаните во околните населби и од неа велат дека долго време страдаат од загадување.

Како со депониите така и со загадувањето – од денес до утре

Скопје и други градови во Македонија уриваат рекорди според загаденоста на воздухот, како и многу години наназад.

Владата и оваа сезона излезе со краткорочни мерки против аерозагадувањето: од проверка на издувните гасови на автомобилите и забрана за товарни возила во урбаните средини до вонредни контроли во индустриските капацитети и на градилиштата…

Видете и ова: За да дишеме чист воздух во зима, инвестиции треба уште во лето

Кај еколошките организации и активисти има сомнежи – од една страна колку тие може да бидат ефективни, од друга, дали воопшто може да се спроведат и почитуваат.
„Овие мерки во суштина ги извлекуваат од Законот за квалитет на амбиентален воздух. Тие се наједноставни, но никој не пресметал колку се ефективни. Вака делуваат дека се со мало ограничено влијание, тоа не го решава проблемот со главните извори на загадувањето“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) Блаже Јосифовски, претседател на еколошката организација „Гоу грин“ (Биди зелен).

Скептични дека тоа што е на хартија ќе се спроведе во пракса се и во невладината Иницијатива О2. Покрај тоа, нагласуваат дека вакви краткорочни мерки може да бидат ефективни само ако се пресретне аерозагадувањето така што ќе се земе предвид временската прогноза.

„Од тие причини во голем број европски земји мерките се активираат најчесто 24 часа пред почетокот на предвидената алармантна епизода. Честичките PM2.5 и PM10 откако ќе достигнат високи вредности, тешко се спуштаат без промена на временската состојба, како ветер, дожд, снег и слично“, вели за РСЕ, Татјана Чакулев од Иницијативата О2.

Премиерот Христијан Мицкоски, посочи дека 60% од причините за загадување се во начинот за загревање, и најави спроведување план за затоплување на гас преку когенеративни централи. Тоа, рече, нема да го исчисти воздухот веднаш, туку можеби за три-четири години. А, колку време ќе биде потребно за да профункционираат тие централи, не се знае.

Дотогаш, не излегувајте надвор, ако не морате, но тоа не значи да се „засолнувате“ во кладилници или коцкарници.

Балканци – зависници од коцкање

Од здружението „ХОПС - опции за здрав живот“ ги анализирале навиките за обложување и за коцкање на младите во Северна Македонија, Косово и Србија, преку онлајн анкети, фокус групи и релевантни закони.

Во заклучоците стои дека Северна Македонија и Србија имаат слична законска регулатива за игрите на среќа, односно обложувањето.

Во Косово организирање игри на среќа е забрането, а единствено на Националната лотарија на 4Косово и е дозволено да работи, но со владина одлука се забранети сите форми игри на среќа како што се: казина, обложувања, онлајн интернет-страници, лотарии итн.

Видете и ова: „Јас сум Трајче и сум компулсивен коцкар“

Но, анализата покажала дека и покрај ваквата законска регулатива во Косово, дури 96% од испитаниците играле игри на среќа, што е повеќе од Северна Македонија каде што процентот е 71%, а во Србија е 54 %.

Невропсихијатарката д-р Павлина Васкова е дел од стручен тим во хуманитарното советувалиште за проблеми со зависност во „Даре Џамбаз“ во Скопје кое пружа индивидуална помош на зависници секојдневно и еднаш во седмицата групно.

„Многу е алармантно! Од тие што доаѓаат само кај нас, еве денеска, ако имаме, на пример, 10 луѓе, половина се зависници од коцка, дел од нив и од алкохол и од коцка. Тоа покажува дека веќе е огромна бројката, а гледаме на секој агол по некоја обложувалница, многу брзи кредити. Има масовно зголемување последниве 5-6 години. “, истакнува Васкова за Радио Слободна Европа.

За да се спречи, наместо да се лечи, најдобро е да се преокупираат, младите посебно, а и возрасните, со некоја позитивна активност во слободно време, порачува Васкова.

Во делот на она што треба да го регулираат институциите, меѓу препораките на здружението ХОПС стои, во Законот за игри на среќа да се предвидат обврски за сите организатори за информирање на играчите за опасноста од стекнување зависност, но и за тоа каде можат да побараат помош.
Препорачуваат и обврска приредувачите да плаќаат данок за финансирање на програми за превенција и за лекување на зависности од игри на среќа, како и да се забрани секаква форма на рекламирање на игри на среќа во печатени и во електронски медиуми.

Алармантно насилство врз жените

Во некои земји, како на пример Авганистан, со доаѓањето на талибанскиот режим, жените немаат речиси никакви права. Правата на жените се многу ограничени во Иран. Се оди во затвор за неносење марама.

Но, родовото насилство е присутно и во земјите каде што жените немаат ограничувања за движење, облекување, право на работа и образование.

Според проценките на Обединетите Нации, во 2023 година на секои десет минути е убиена жена од некој што го познава.
Скоро секоја трета жена барем еднаш во животот доживува насилство, покажуваат податоците на организацијата.

Видете и ова: Насилство врз жените - злосторство што ги преминува границите

„Насилството врз жените останува една од главните пречки за светот да постигне родова еднаквост. И секоја земја има обврска според меѓународното право да ја поддржи родовата еднаквост“, објаснува Хедер Бар од Хјуман Рајтс Воч.

Експертите велат дека родовото насилство може да се спречи и дека решавањето на проблемот често се сведува на политичка волја.
„Ова не се мистериозни нерешливи проблеми, тие само бараат владите да бидат вистински посветени на заштитата на правата на жените и девојките и да воспостават ресурси, системи и експертиза потребни за решавање на проблемот“, заклучува Бар.

Но, во Авганистан, воопшто не може да се зборува за родова еднаквост. Под власта на Талибанците, авганистанските жени се избришани од јавниот живот и им се ускратени основните слободи.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Замолчени, но не и заборавени: Жени под талибански режим

Зошто е нормално да се оди кај психолог?

Како што одам на стоматолог, можам да отидам и на психолог… Или не? Колку сме како општество далеку од нормализирање на барањето и добивањето психолошка помош? Ова е едно од прашањата кои во видео поткастот „Зошто“ ги отворивме со психологот Никола Дукоски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Наместо на психолог, во „глувчешка дупка“

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org