Достапни линкови

„Јас сум Трајче и сум компулсивен коцкар“


Графичка илустрација на игри на среќа.
Графичка илустрација на игри на среќа.

Расте бројот на млади навлечени на „коцка“, алармираат психијатри. На терапија во Скопје доаѓаат и зависници од соседството. Здружението ХОПС анализираше какви навики за обложување имаат младите во Северна Македонија, Србија и Косово.

„Јас сум Трајче и сум компулсивен коцкар. Не верувам дека би раскажал за мојата зависност доколку некој ме замолеше да го направам тоа пред 15 месеци.“

Вака овој 35-годишен скопјанец со 12 годишен стаж во коцкање почна да ни раскажува за неговата зависност.

Одел по кладилници уште како дете, но играл за мали суми. Вели, никогаш не претпоставувал дека еден ден ќе стане коцкар. Со текот на времето растеле влоговите, но и долговите.

„Мислев дека добро ја кријам мојата зависност од фамилијата, пријателите, работното место. Гледав секогаш да бидам позитивен. Но, јас бев болен. Постојано размислував како да дојдам до пари“, вели Трајче.

Околу 15 пати се обидувал да излезе од „магичниот круг“. Чаре барал и во странство. Промената се случила кога вистински си признал дека е коцкар и дека има проблем. Последниот повик за помош, вели, конечно бил успешен.

„Во текот на мојата неславна кариера како коцкар, многу пати побарав помош, се лекував, ветував дека ќе се променам, но безуспешно. Физички, емоционално, социјално скршен, одлучив дека морам да се променам. Не знаев како, но бев одлучен. Повторно побарав помош, почнав сериозно да работам на себе и се променив! Цели 470 дена сум надвор од магичен круг на барање на „подобар живот“ преку слот апарати“, заклучува Трајче.

Штом ги брои деновите како да е во војска, очигледно е дека секој нов ден без „коцка“ навистина многу му значи, вели невропсихијатарката д-р. Павлина Васкова во разговорот со Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Нема каде не е лечен, ама еве, за прв пат, веќе е готово“, вели таа.

Масовно расте бројот на зависници

Докторката Васкова е дел од стручен тим во хуманитарното советувалиште за проблеми со зависност во „Даре Џамбаз“ во Скопје кое пружа индивидуална помош на зависници секојдневно и еднаш во седмицата групно.

Здружението на Клубови на лекувани зависници постои 50 години. Васкова на шега вели и самата станала „зависна“ од одењето таму.

„Јас сум дел од ова 42 години. Имам една зависност развиено, бидејќи сега сум во пензија, ама уште одам во четвртоците, по навика“, вели докторката.

Секој четврток се собираат зависници во група која е отворена, па бројот на апстиненти се менува. Оној на зависници, забележува Васкова, расте.

Павлина Васкова, Невропсихијатарка
Павлина Васкова, Невропсихијатарка

„Многу е алармантно! Од тие што доаѓаат само кај нас, еве денеска, ако имаме, на пример, 10 луѓе, половина се зависници од коцка, дел од нив и од алкохол и од коцка. Тоа покажува дека веќе е огромна бројката, а гледаме на секој агол по некоја обложувалница, многу брзи кредити. Има масовно зголемување последниве 5-6 години. “, вели докторката.

Освен со зависници се среќава и со членови на нивните семејства, но и такви кои апстинираат со децении. И тие им помагаат на помладите, а млади има сè повеќе, алармира невропсихијатарката.

„Последнава година доаѓаат сè повеќе млади на околу 18 години. А оние кои доаѓаат со години ги поминале сите кризи и предизвици низ кои сега поминуваат младите и многу ни помагаат во третманот“, додава Васкова

На терапија во Скопје, вели, доаѓаат и зависници од Косово, Србија и Бугарија, бидејќи сакаат да биде тајно и анонимно.

Како е во регионот?

Од здружението ХОПС - опции за здрав живот ги анализирале навиките за обложување и за коцкање на младите во Северна Македонија, Косово и Србија, преку онлајн анкети, фокус групи и релевантни закони.

Во заклучоците стои дека Северна Македонија и Србија имаат слична законска регулатива за игрите на среќа, односно обложувањето.

Во Косово организирање игри на среќа е забрането и единствено на Националната лотарија на 4Косово и е дозволено да работи, но со владина одлука се забранети сите форми игри на среќа како што се: казина, обложувања, онлајн интернет-страници, лотарии итн.

Анализата покажала дека и покрај ваквата законска регулатива во Косово, дури 96 % од испитаниците играле игри на среќа, што е многу повеќе од Северна Македонија каде што процентот е 71 %, а во Србија е 54 %.

Законот во Србија, вели ХОПС, предвидува обврска за приредувачите на игрите на среќа да ги оспособат своите вработени пред да почнат со работа за превентивно дејствување на зависност спрема играчите на игри на среќа. Вакви законски одредби изостануват во Северна Македонија и во Косово.

Компаративни податоци од анализата на ХОПС
Компаративни податоци од анализата на ХОПС

Ако се земат предвид само испитаниците кои играат игри на среќа, процентот на зависни млади се зголемува и тоа најмногу во Србија, каде 33 % од младите кои играат игри на среќа се изјасниле како зависници. Во Северна Македонија процентот е 25 %, а во Косово 11 %.

Во сите три земји не постои строга примена на постоечката законска регулатива и испитаниците често пати се сведоци дека и малолетни луѓе играат игри на среќа, заклучува ХОПС.

Се коцкаат и млади од добро ситуирани семејства

Долгогодишното искуство на д-р Васкова кажува дека има зависници од коцкање кои потекнуваат од добро ситуирани семејства. Зависниците, генерално, најмногу се коцкаат онлајн и на апарати, а младите најчесто онлајн.

„Има многу од познати, богати семејства. Губат и куќи и станови и знаат и 'на улица' да останат. Ќе дадат стан под хипотека, не го плаќаат кредитот, за да ја платат хипотеката ќе се задолжат на брзи кредити, па и таму ќе изгубат. Губат и по 30-35 илјади евра“, сведочи Васкова.

Има помалку зависнички отколку зависници, а со нив работат претежно индивидуално, бидејќи како што вели, жените малку повеќе се срамат и не сакаат работа во група.

Има ИТ инженери кои мислат дека знаат математика, може да предвидат и дека сигурно ќе добијат, меѓутоа најчесто сигурно губат, вели докторката.

„Тешко се менуваат навиките, но со голема желба и истрајност, успехот е само прашање на време. Еве јас, сега живеам како здрав човек. Горд сум на себе“, порачува апстинентот од коцка, Трајче.

Како да се превенира?

За да се спречи, наместо да се лечи, најдобро е да се окупираат, младите посебно, а и возрасните, со некоја позитивна активност во слободно време, порачува Васкова.

„Тоа не значи да немаме слободно време, но да се практикува дали пливање, дали цртање... Наместо во простории каде можат да прават нешто корисно младите се по кафулиња веднаш после школо. Тие сакаат да се активни, но им требаат конструктивни активности“, смета невропсихијатарката.

Една од опциите, според неа би било, креативно ангажирање на младите за викендите.

„Училиштата за викенд, колку што знам, сите се под клуч. Зошто да не се искористат за младите кои се заинтересирани, според способностите, бесплатно да ги користат за ангажман во некоја секција на пример?“, посочува таа.

Што можат институциите?

Во делот на она што треба да го регулираат институциите, меѓу препораките на здружението ХОПС стои, во постоечкиот закон за игри на среќа да се предвидат обврски за сите приредувачи на игри на среќа за информирање на играчите за опасноста од стекнување зависност, но и за тоа каде можат да побараат помош.

Препорачуваат и обврска приредувачите да плаќаат данок за финансирање на програми за превенција и за лекување на зависности од игри на среќа.

Министерството за здравство да отвори програми за лекување на зависност од коцкање, но и да се воведат построги санкции за непочитувањето на одредбите од Законот, особено на оние со кои се забранува учество на малолетни лица во игри на среќа.

Препорака на невладината организација е и да се забрани секаква форма на рекламирање на игри на среќа во печатени и во електронски медиуми (по примерот на забраната за рекламирање цигари).

До Нова година ќе се донесе нов Закон за игрите на среќа, којшто ќе биде многу радикален, строг и ќе ги поправи вашите грешки, истакна вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, одговарајќи на прашање од пратеничката Рина Ајдари од ДУИ, која истакна дека нема ништо од затворањата на казината најавени од оваа власт.

Меџити во својот одговор истакна и дека и птиците знаат кој направил во секоја населба или маало да има казино, како и дека актуелната Влада, како што рече има објавено војна на овој бизнис.

Како прв чекор во укинување на онлајн обложувањето, пратениците на владејачките ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на 11.07.2024 година во Собранието поднесоа барање за автентично толкување на Член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, за да добијат прецизно толкување дали претходната одлука на Владата и на раководството на Државната лотарија за онлајн коцкање има законска основа. Формирана е работна група и од ВЛЕН очекуваат во разумен рок Владата да му предложи на Собранието нов закон за игри на среќа и забавни игри.

Претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ бараше со закон да се отстранат сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа, лоцирани во радиус од 500 метри од училиште или градинка.

Нивното законско решение не го помина собранискиот филтер. Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, пак, преку автентично толкување на постоечкиот закон го укина само он-лајн обложувањето. Тие најавија дека со ново законско решение ќе се обидат да го преполоват бројот на казината низ земјава.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG