Достапни линкови

Вести

Меџити: Владата донесе одлука да го запре онлајн коцкањето

Одлуката е донесена на денешната владина седница.
Одлуката е донесена на денешната владина седница.

Владата донесе одлука да се запре онлајн коцкањето во Република Северна Македонија, објави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

Одлуката била донесе на денешната владина седница, објавија на социјалните мрежи и дел од останатите министри во Влада.

„Се донесе одлука за реализација на толкувањето од Собранието за престанок на важноста на нелегалните лиценци за онлајн коцкарници издадени од Владата на ДУИ, а со тоа и запирање на онлајн коцкањето во државата. Ги стопиравме штетните дозволи кои претходната Влада на ДУИ и СДСМ ги доделија на српски, црногорски и други фирми. Стопиравме можност нашите деца да имаат коцкарници на своите телефони, во своите компјутери од дома и од училиште“, рече Меџити кој ваквиот чекор го најави и во неделното интервју на Радио Слободна Европа објавено на 22 септември.

Меџити: Се очекува Владата да ги укине незаконските онлајн казина
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:38 0:00

Првиот вицепремиер обвинува дека нејасната законска процедура досега се користела за создавање нови компании за онлајн обложување, а „интерес имале поединци од врвот на ДУИ и претходната Влада“.

По завршувањето на владината седница, потврда стигна и од прес-службата на Владата, од каде велат дека одлуката е донесена поради „неправилности во работењето, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење и постапување“.

Владината одлука следува откако на почетокот на јули пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди во Собранието поднесоа барање за автентично толкување на членот 7 став 3 од Законот за игри на среќа и за забавните игри.

Тие сметаа дека овој член дозволува Државна лотарија да воспоставува неограничен број на нови трговски друштва за приредување игри на среќа. Целта на нивното барање беше да се обезбеди прецизно толкување – дали одлуката на претходната влада и раководството на Државната лотарија за интернет игрите на среќа има законска основа за носење вакви одлуки.

Во пракса, денешниот владин чекор значи одземање на лицентите на трите компании за онлајн игри на среќа кои Државна лотарија преку јавен повик ги основаше заеднички со приватен капитал од Србија, Црна Гора и Бугарија. Во овие компании, државното акционерското друштво имаше 51 насто од сопственоста, додека приватните фирми 49 насто.

Станува збор за компаниите „Државна лотарија – 77 Битс ДОО Битола“, каде косопственик е бугарската Телематик Интерактив Бугарија АД.

Потоа „Државна лотарија – Везув ДОО Скопје“, чиј странски капитал е на истоимената фирма „Везув“, која е најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“ во Црна Гора и последната „Државна лотарија – Моззарт ДОО Скопје“ во партнерство со српската „Моцарт ДОО Белград“ која важи за една од најголемите компании за игри на среќа во регионот.

види ги сите денешни вести

КФОР и српската војска ја контролираат Копнената безбедносна зона меѓу Косово и Србија

Српски војник и член на мисијата на КФОР патролираат кај Куршумлија, септември 2024 година.
Српски војник и член на мисијата на КФОР патролираат кај Куршумлија, септември 2024 година.

Симултана патрола на војската на Србија и КФОР оваа недела била извршена во реонот на одговорност на воената база Шушњак кај Куршумлија, соопшти Министерството за одбрана на Србија.

Разменети се информации за состојбата на терен и прибрани се податоци значајни за реализација на идните задачи“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на 26 септември.

Се додава дека српската армија континуирано соработува со мировната мисија КФОР на Косово во контролата на Копнената безбедносна зона.

Копнената безбедносна зона (КЗБ) со ширина од пет километри меѓу Косово и Србија беше дефинирана со Воено-техничкиот договор на 9 јуни 1999 година во Куманово помеѓу мисијата КФОР, Србија и тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ) по НАТО бомбардирање на СРЈ.

Министерството соопшти дека воспоставените линии на комуникација меѓу КФОР и Армијата на Србија овозможуваат континуирана размена на информации „без разлика дали се работи за спроведување на редовни задачи или за настани кои бараат итен одговор од една од страните“.

Министерството за одбрана наведува дека од 2001 година се одржуваат состаноци на сите нивоа, а се разменуваат
и информации за актуелната безбедносна состојба на Косово и во копнената безбедносна зона.

„На овие средби се договараат мерки за подобрување на безбедносната состојба преку планирање заедничко извидување, симултани патроли и набљудувачки пунктови“, велат од МО.

Се додава дека патролите влијаеле на намалување на незаконските активности во контролната зона.

Соопштено е дека патролите на Армијата на Србија и КФОР се спроведуваат од 2005 година во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и воено-техничкиот договор.

Сиљановска Давкова во ОН: Од европските партнери очекуваме деблокирање

Претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова се обрати на 79. Генерално собрание на ОН, 26.9.2024.
Претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова се обрати на 79. Генерално собрание на ОН, 26.9.2024.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќање пред членовите на Генералното собрание на ОН на 26 септември рече дека од европските и стратешки партнери на државата очекувваат разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија.

„Отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи“, рече Сиљановска Давкова во својот говор.

Таа додаде дека проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и, како што рече, да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.

„Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој, рече шефицата на државата“, рече Сиљановска Давкова.

Инаку, на 26 септември Брисел објави дека Албанија ќе го отвори првиот кластер во пристапните преговори со ЕУ, со што неформално се одвојува од Северна Македонија кои заедно тргнаа по европскиот пат на почетокот на преговорите пред две години.

Причината за одвојувањето на Албанија е што Северна Македонија досега не го исполни условот што го наметна Бугарија - да го смени Уставот и во него да го вметне и бугарското малцинство.

Овој услов влезе во преговарачката рамка која македонското Собрание ја изгласа во јули 2022 година, под називот познат во јавноста како „француски предлог“. Тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше против уставни измени.

Сиљановска Давкова рече деа целосната интеграција на Балканот во ЕУ, според неа, ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен.

„Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот коишто станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европскиот пат“, рече Сиљановска Давкова.

Како што кажа пред Генералното собрание, за нас членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо.

„Оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“, рече таа додавајќи:

„Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународната и националното право, односно „се заборави“ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година“, рече Сиљановска Давкова.

„Така, станавме „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“, истакна Сиљановска Давкова.

Унгарскиот премиер Орбан пристигна во Северна Македонија

Официјалната посета на премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, Охрид 26.9.2024.
Официјалната посета на премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, Охрид 26.9.2024.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан вечерва пристигна во официјална посета на Северна Македонија.

Тој слета во Охрид, каде го пречека македосниот премиер Христијан Мицкоски.

„Горди на можноста да ја зајакнеме соработката помеѓу нашите две земји. Веруваме дека оваа посета ќе отвори нови патишта за економска и културна размена и ќе ја зајакне нашата пријателска врска. Очекуваме плодни разговори и заеднички иницијативи“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Официјалните средби и активности ќе започнат утре на 27 септември.

Орбан со себе води голема делегација, а денеска во Охрид може да се забележи зголемено полициско присуство во текот над целиот ден.

Попладнево можеше да се забележи како полициски хеликоптер го надлетува градот.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Муцкоски в петок ќе оствари официјална тет а тет средба со Орбан во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.

Милион кубни метри гас дневно од Азербејџан за Србија

Изградба на гасовод Бугарија-Србија во близина на Костинброд, Бугарија, февруари 2023 година.
Изградба на гасовод Бугарија-Србија во близина на Костинброд, Бугарија, февруари 2023 година.

Српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и Азербејџанецот Парвиз Шахбазов на 26 септември потпишаа Меморандум за разбирање во областа на зелената енергија, а беа потпишани и два договори за снабдување со гас меѓу компанијата „Србијагас“ и азербејџанската компанија „Сокар“.

Ѓедовиќ Хандановиќ најави дека во текот на претстојната зима Србија ќе може да смета на безбедни испораки на околу еден милион кубни метри гас од Азербејџан, што ќе ја зголеми енергетската безбедност на Србија, се вели во соопштението на Министерството.

Таа додаде дека минатата година во Баку биле потпишани договори за соработка меѓу релевантните министерства и гасните компании, кои предвидуваат Србија до 2026 година да добива до 400 милиони кубни метри гас годишно од Азербејџан, а потоа овие количини може да се зголемат на една милијарда кубни метри.

Србија од 1 ноември до 31 март ќе може да смета на еден милион кубни метри дневно од Азербејџан, се наведува во соопштението.

Таа нагласи дека со потпишувањето на Меморандумот енергетската соработка е проширена и во областа на зелената енергија, односно, според неа, опфаќа заеднички инвестиции во зелена енергија, примена на нови зелени технологии, технологии за зафаќање и складирање јаглерод итн.

На средбата се разговараше и за коридорот за зелена енергија, кој ќе го поврзува Азербејџан со земјите од Централна и Источна Европа.

Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека Србија потенцијално би можела да има значајно место во тој проект, пред се поради нејзината географска положба, имајќи предвид дека се планира зајакнување на интерконекцијата на преносната мрежа со Романија, Унгарија и Бугарија.

На средбата, како што е наведено, се разговарало за можноста Србија да стане дел од Зелениот коридор меѓу Каспискиот регион и Југоисточна Европа „со оглед дека Србија веќе граничи со три земји кои учествуваат во проектот и може да игра улога и на корисник и на транзит земја“.

Србија има развиено соработка со Азербејџан во областа на енергетиката, а кон таа земја се сврте по руската инвазија врз Украина.

Азербејџанскиот гас се доставува до Србија преку нов гасовод до Бугарија, кој делумно е финансиран од Европската унија (ЕУ).

Гасоводот беше пуштен во пробна работа во декември 2023 година.

Претседателите на двете земји, Александар Вучиќ и Илхам Алијев, го потпишаа Меморандумот за формирање на Совет за стратешко партнерство во ноември 2022 година, а потоа во декември истата година во Баку.

Поднесено обвинение против градоначалникот на Њујорк за корупција

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс.
Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс.

Американското правосудство го обвини градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс за измама и корупција.

Како што пренесува Би-Би-Си, обвинението на 57 страници во кое се обвинува Адамс за пет точки, вклучително примање мито, заговор за измама, поткуп и барање нелегални странски донации за неговата кампања.

Обвинението беше објавено откако американското Федерално биро за истраги (ФБИ) изврши рација во резиденцијата на Адамс во Њујорк на 26 септември.

Градоначалникот и другите највисоки градски функционери беа под зголемен надзор како дел од повеќе федерални истраги за корупција.

Во обвинението се наведува дека Адамс добивал повеќе од 25.000 долари годишно од странски државјани, бесплатно летал во бизнис класа во Франција и Турција и престојувал на луксузни локации во странство.

Ерик Адамс е поранешен полицаец кој, откако дојде на функцијата пред речиси три години, вети дека ќе го спречи криминалот во Њујорк.

Американските обвинители рекоа дека претставници на турски власти побарале од Адамс да им се оддолжи со тоа што ќеобезбедеи дека новата зграда на турскиот конзулат во Њујорк ќе биде подготвена за посетата на турскиот претседател, иако во неа не била извршена на противпожарна проверка.

Тие наведоа дека на претставникот на противпожарната служба му било кажано дека ќе ја изгуби работата доколку не ја одобри зградата на конзулатот.

„Адамс интервенираше и зградата беше отворена“, се наведува во обвинението.

Обвинителите тврдат дека во 2021 и 2022 година, Адамс примал мито од турски службеници преку бесплатни и длабоко намалени бенефиции за патување.

Во обвинението се наведува дека како резултат на тоа, Адамс бил под влијание на локалните регулативи во врска со Турската куќа, зграда од 36 ката која во моментов служи како седиште на различни турски дипломатски мисии, вклучително и конзулатот.

Пожарникарите претходно изразија загриженост за недостатоците во системите на зградата.

Пакистан ќе му продаде борбени авиони JF-17 на Азербејџан

Персоналот на пакистанското воено воздухопловство чува стража пред четиринаесет повеќенаменски авиони JF-17B со двојни седишта.
Персоналот на пакистанското воено воздухопловство чува стража пред четиринаесет повеќенаменски авиони JF-17B со двојни седишта.

Пакистанската војска на 26 септември соопшти дека земјата потпишала договор за продажба на борбени авиони JF-17 Block III на Азербејџан.

Авионот е копроизведен од Пакистанскиот аеронаутички комплекс и развиен заедно со Кина, со која Исламабад станува сè поблизок, додека врските со неговиот традиционален воен сојузник, Соединетите држави, ослабеа во последните неколку години.

Војската не ја соопшти цената или количината на авионите за кои се согласила, но во соопштението наведува дека продажбата е дел од напорите на Исламабад да ја зајакне одбранбената соработка со пријателските земји и да ги зајакне воздушните капацитети на Азербејџан.

Пакистан е, исто така, близок сојузник на Турција, која го поддржа Азербејџан во нејзиниот ќор-сокак со Ерменија кога избија судири меѓу двете земји од Јужниот Кавказ минатата година, продолжувајќи ги повеќедецениските непријателства.

Српската полиција понајде пиштоли, бомби и експлозиви во гаража во Белград

Илустративна фотографија - полиција во Србија.
Илустративна фотографија - полиција во Србија.

Српската полиција пронашла поголема количина оружје и мински експлозивни направи во гаража во Нов Белград, соопшти српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ на 26 септември.

Тој рече дека припадниците на Полициската управа за Белград денеска околу 11:20 часот во гаража во Нов Белград пронашле повеќе парчиња огнено оружје, муниција и експлозивни направи.

„Припадниците на Одделението за вонредни ситуации веднаш излегоа на лице место“, рече Дачиќ.

Тој наведе и дека полицијата во соработка со надлежното обвинителство утврдува чие е оружјето.

Вишото јавно обвинителство со соопштение на 26 септември прецизира дека се пронајдени неколку рачни бомби и автоматски пушки, рачен минофрлач (зоља), експлозив, поголема количина муниција и фантомка.

Најмалку 39 лица загинати во напади врз Газа

Оклопно возило вози, додека во позадина се гледаат оштетени згради, среде тековната копнена операција на израелската армија против палестинската исламистичка група Хамас, во Појасот Газа, 13 септември 2024 година.
Оклопно возило вози, додека во позадина се гледаат оштетени згради, среде тековната копнена операција на израелската армија против палестинската исламистичка група Хамас, во Појасот Газа, 13 септември 2024 година.

Најмалку 39 лица загинаа во израелски напади врз Појасот Газа во изминатите 24 часа, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Палестинската новинска агенција Вафа објави дека на 26 септември загинале 13 лица, од кои шест во израелски ракетен напад врз куќа во Кан Јунис и седум во бомбардирање на училиштето Ал-Фалуџа во Џабалија.

Израелската армија објави дека извршила напад „против терористи кои дејствувале од командно-контролен центар во поранешниот училишен комплекс“. Овие тврдења не се независно потврдени.

Министерството за здравство во Појасот Газа, со кое раководи палестинскиот Хамас кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, објави дека од почетокот на војната со Израел се убиени 41.534 Палестинци, а 96.092 се ранети.

Израел соопшти дека 346 членови на израелските вооружени сили биле убиени во копнена офанзива започната откако палестинските екстремисти го нападнаа јужен Израел на 7 октомври од Газа.

Тел Авив претходно објави дека околу 1.200 луѓе биле убиени во тој напад на Хамас, а повеќе од 250 биле киднапирани и одведени во Појасот Газа.

Израелските власти веруваат дека Хамас таму држи уште 101 заложник.

САД ветија 8 милијарди долари воена помош за Украина пред разговорите Бајден-Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја посети армиската фабрика за муниција Скрентон во Скрентон, Пенсилванија, САД, 22 септември 2024 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја посети армиската фабрика за муниција Скрентон во Скрентон, Пенсилванија, САД, 22 септември 2024 година.

Американскиот претседател Џо Бајден на 26 септември најави повеќе од 8 милијарди долари воена помош за Киев пред клучниот состанок со претседателот Володимир Зеленски во Вашингтон, додека Русија започна нова рунда смртоносни напади врз Украина .

„Преку овие акции, мојата порака е јасна: Соединетите Држави ќе и ја дадат на Украина потребната поддршка за да победи во оваа војна“, рече Бајден во изјавата.

Пакетот за прв пат вклучува систем наречен „Joint Standoff Weapon“ -- прецизно наведувана пловна бомба со дострел до 130 километри лансирана од борбени авиони, како и дополнителна батерија за воздушна одбрана „Патриот“ и уште стотици ракети „Патриот“ и AMRAAM (напредни ракети воздух-воздух со среден дострел).

Бајден, кој ја напушта функцијата во јануари, рече дека обуката за украинските пилоти за авионите Ф-16 во САД, исто така, ќе биде проширена, вклучително и обука на дополнителни 18 пилоти следната година.

Тој рече дека Вашингтон и неговите партнери преземаат чекори за да ја нарушат глобалната мрежа за криптовалути што ја користи Русија за избегнување санкции и перење пари, без да наведе детали.

Бајден додаде дека свикал состанок на највисоко ниво на околу 50 членки на Контакт групата за одбрана на Украина следниот месец во Германија за подобро да ги координираат напорите за поддршка на одбраната на Украина од руска агресија.

Зеленски му се заблагодари на Бајден во пораката на X.

„Благодарен сум на [американскиот претседател] Џо Бајден, Конгресот на САД и неговите две партии, републиканците и демократите, како и на целиот американски народ за денешната објава“, напиша тој.

Зеленски треба да претстави „план за победа“ за време на неговиот состанок со Бајден и потпретседателката Камала Харис во Белата куќа подоцна на 26 септември.

Бајден и Зеленски разговараа накратко на маргините на Генералното собрание на ОН (UNGA) во Њујорк на 25 септември.

Јапонија ослободи осуденик на смрт по поминат половина век во затвор

Ивао Хакамада со неговата сестра Хидеико, Токио, Јапонија, ноември 2019 година.
Ивао Хакамада со неговата сестра Хидеико, Токио, Јапонија, ноември 2019 година.

Судот во Јапонија ослободи 88-годишен старец кој најдолго во светот беше осуден на смрт, откако беше утврдено дека доказите против него се лажни.

Како што објави Би-Би-Си на 26 септември, во 1968 година Ивао Хакамада бил прогласен за виновен за убиство на неговиот работодавец и неговото семејство: сопругата и двете деца тинејџери, во фабрика за тадиционалната супа „мисо“ во 1966 година во Токио.

Пред една година почна неговото повторно судење поради сомневање дека истражителите подметнале докази што довело до негово осудување за четирикратно убиство. Во повтореното судење беше утврдено дека ДНК пронајдена во крвта на облеката на жртвите не е на Хакамада.

Ивао Хакамада, поранешен професионален боксер, го призна убиството пред 56 години за време на дваесетдневното испрашување во кое бил претепан, но на судењето го повлече признанието.

Организациите за човекови права ја критикуваа практиката на јапонското обвинителство да прифаќа признанија дадени за време на истрагите, тврдејќи дека полицијата ги изнудува преку тепање.

Последниот ден од судењето на 26 септември во Токио привлече огромно внимание кај јапонската јавност. Како што пренесува АП, околу 500 луѓе чекале во ред за да добијат место во локалната судница.

Кога беше објавена пресудата, приврзаниците на Хакамада пред судот скандираа „банзаи“ - „ура“ на јапонски.

Хакамада е петтиот осуденик на смрт во Јапонија од Втората светска војна на кој му е одобрено повторно судење.

Тој не беше во судницата поради лоша психичка состојба. Од 2014 година, кога излезе од затвор и му беше одобрено повторно судење, неговата 91-годишна сестра Хидеико се грижи за него.

Деценискиот притвор, главно во самица, и постојаната закана од егзекуција, се вели дека земале значаен данок врз менталното здравје на Хакамада.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG