Законот за игри на среќа и забавни игри не е усвоен. Доколку беше изгласан објектите за игри на среќа ќе требаше да се оддалечат повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.
Од Собранието соопштија дека на 145 -та седница законот добил поддршка од 51 пратеник, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој Закон.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески по гласањето не беше јасен, еднаш рече дека законот не е донесен, а потоа дека е донесен. По што следниот ден од собраниските служби дообјаснуваа што сакал да каже. На собранискиот сајт се уште стои податокот дека законот е донесен.
„Констатацијата од страна на претседателот на Собранието при одлучувањето за законот игри на среќа и забавни игри се однесуваше на мнозинството што е потребно за донесување на овој закон во редовна постапка“, велат од Собранието.
Бидејќи законот го нема потребното мнозинство, односно „ЗА“ не гласале 61 пратеник, претседателот на државата не е должен да го потпише указот.
Законот прво се сепна на Претседателот
Ова беше втор обид да се донесе Законот за игри на среќа. Пратениците на 7 февруари го изгласаа Законот, но претседателот на државата, Стево Пендаровски не го потпиша Указот, со што законот беше вратен во собраниска процедура.
Доколку на повторното гласање на 13 март законот добиеше поддршка од 61 пратеник, од вкупно 120-те пратеници во Собранието, претседателот ќе немаше избор и ќе мораше да го потпише, за да стапи на сила.
Предлагач на Законот е Демократската унија за интеграција (ДУИ) коалициски партнер во Владата. Според нив, законот има за дел за ги заштити младите од лоши и несоодветни навики за нивната возраст. Со измените им се овозможуваше рок од една година на обложувалниците и автомат клубовите да ги преселат нивните деловни простории на најмалку 500 метри од училиштата.
По гласањето координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми изрази загриженост што законот не го доби потребното мнозинство од 61 пратеник.
Ден потоа, на прес- конференција тој рече дека опозициските партии „сториле сè што е во нивна моќ“, а жали и за тоа што о претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за законот по првото гласање.
„Ја правиме најголемата грешка. Очекував од целото општество да бидат на страната на носењето на овој закон. Ова требаше да биде прв чекор кон системско решение каде што ќе се оддалечат. Сите пратеници треба да сносат политичка и морална одговорност“, рече пратеникот на ДУИ.
Законот не го поддржаа ниту пратеници кои се дел од владејачкото мнозинство и коалициони партнери на ДУИ.
Приредувачите на игри на среќа задоволни
По неизгласување на законот, се огласија и од Асоцијацијата за приредувачи на игри на среќа (АПИС), кои се противеа на законот од самиот почеток. Тие се заблагодарија во името на 10 илјади вработени во таа индустрија и нивните семејства на сите пратеници кои не гласаа за законот.
„Покажаа дека имаат слух за нашите аргументи, го заштитија Уставот и спасија илјадници работни места. И покрај агресивната долготрајна негативна кампања против игрите на среќа, предизборните притисоци, мнозинството пратеници останаа доследни на ставот дека нема да дозволат злоупотреба на ЕУ знамето за законски измени кои немаат никаква врска со хармонизација со европското законодавство“, реагира од АПИС.
Првиот обид законот да стапи на сила го стопираше претседателот на државата, Стево Пендаровски, велејќи дека „одлуката да не го потпише Указот за прогласување на Законот е донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што бил донесен Закон, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија“. Тогаш од ДУИ му замерија на претседателот.
„Стево Пендаровски нека ги каже вистинските мотиви за непотпишувањето на Законот за игри на среќа и кој го поттикна да оди против волјата на граѓаните и пратениците. Приказната за реакцијата на Европската унија за европското знаме е петкратен стандард на Пендаровски“, наведоа тогаш од ДУИ.
Со 48 издадени лиценци на компании за отворање на казина обложувалници и апарат-клубови, Северна Македонија стана земја во која речиси и да нема улица во сите градови на која не можете да најдете ваков објект. Казината, кладилниците не само што се отвораат на секој чекор, туку и масовно се рекламираат.
Според Асоцијацијата на спортски обложувалници во 2018 оваа индустрија учествувала со 253 милиони евра во годишниот буџет и со четири проценти во бруто домашниот производ. Во меѓувреме се отворија и нови кладилници и казина, но иако побаравме, од Министерството за финансии не добивме понов податок за тоа колку со колку пари индустријата на игри на среќа придонесува во државниот буџет.