Никој не сака да слуша лаги, дезинформации и пропаганда на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Ова беше одговорот на американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер, на нападите од Лавров дека западните дипломати се кукавици, што ги кажа на прес-конференцијата на маргините на Министерскиот совет во Скопје каде што ги навредуваше странските новинари.
„Никој не сака да седи на маса со Лавров и да слуша лаги, дезинформации и пропаганда. Неседењето на таа маса, според мене е, акт кој има повеќе смисла ако сте некој што не сака да учествува во мазохизам“, рече Карпентер кој заедно со помошникот државениот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан учествуваше на Советот во Скопје.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Лавров, по вчерашниот говор на пленарната сесија на Министерскиот совет, денеска на прес-конференција, на која главен збор добиваа руските новинари и неколку странски, но не и Радио Слободна Европа, иако побаравме, ги повтори обвинувањата кон Западот за уништување на ОБСЕ.
Видете и ова: Блинкен и Лавров нема да се сретнат во Скопје„Секретарот Блинкен и Борел си заминаа. Зошто го направија тоа? Тие се кукавици, се плашат од отворен разговор поткрепен со факти. Мислам дека сакаа да ја нагласат нивната намера да ја изолираат Русија“, изјави Лавров.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
За пресот на рускиот министер имаше голем медиумски интерес и од странските и од домашните медиуми, а руската делегација пред доаѓањето на Лавров бараше новинарите да кажат кој сака да поставува прашања.
Додека се чекаше пристигнувањето на шефот на руската дипломатија, руските медиуми и членови на делегацијата ги снимаа и фотографираа новинарите.
Кој ќе прашува одлучуваше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи (МНР), Марија Захарова, која им праќаше пораки и фотографии од новинарите на членовите на руската делегација за да знаат на кого да го дадат микрофонот.
Видете и ова: Лавров: Рамнодушен сум за исходот од Министерскиот совет на ОБСЕЛавров ги повтори обвинувањата дека Западот дејствува деструктивно, рече дека е рамнодушен за одлуките од Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје и дека Организацијата функционира спротивно на „сите принципи на ОБСЕ по линијата на лидерите на т.н. демократски институции и човекови права“.
По сите овие критики, тој се разбесни од прашањето на новинарката на „Дојче веле“ дали затоа Русија ќе ја напушти ОБСЕ. Наместо одговор, Лавров почна да ја навредува, а слични напади користеше и кон други странски новинари. Ја праша каде учела новинарство и кој ѝ дал диплома.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На новинар од македонска телевизија, пак, саркастично му рече дека „прашањето ќе им се допадне на неговите шефови“.
Тој им забележа на медиумите и што објавиле фотографии од неформалната вечера во средата на кои се гледале сите, освен Лавров, со намера, како што рече, да прикажат дека тој е изолиран.
Додека Лавров се разбесни на прашањето дали Русија ќе излезе од ОБСЕ, Карпентер, пак, рече дека самитот во Скопје покажува дека Москва останува изолирана и дека ОБСЕ и натаму ќе функционира што е победа за сите земји-членки.
Според него, тоа го покажува и со постигнатиот консензус Малта да го презеде претседателство со Организацијата од Северна Македонија за 2024 година, како и за продолжување на мандатот за девет месеци за актуелните функционери на четири главни позиции во ОБСЕ.
Видете и ова: Западот нема да дозволи уништување на ОБСЕ - порака до ЛавровЗа САД Русија е агресор и треба да одговара
Американскиот дипломат потенцираше и дека Русија е агресор во случајот со војната во Украина и ќе мора да понесе одговорност.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Русија е земја агресор, јас ќе го земам секој збор што доаѓа од министерот за надворешни работи Лавров, со должна почит, како голема навреда, не повеќе. Како што реков Русија е агресорска земја, тие дејствуваат брутално“, рече Карпентер.
Наспроти него, пак, Лавров ги обвини западните земјите сакаат да продолжи војната во Украина. Тој рече дека не гледа знаци оти Киев е подготвен да тргне кон политичко решение и дека нема причина Русија да ги менува целите на, како што ја нарекува, „специјална војна операција“.
„Засега нема сигнал ни од Киев ни од западните господари дека разговорите ќе се продолжат. Зеленски доби 18-месечна забрана за такви разговори. За почеток на политичкиот процес потребни се двајца, но луѓето од другата страна не сакаат да играат танго, а за танго се потребни двајца“, рече Лавров.
Двајцата дипломати одговараа и на прашања за односите во регионот.
Карпентер порача дека САД поддржуваат нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.
„Нема промена на политиката на САД за Косово. Косово го поддржуваме како демократска и независна држава. Поддржуваме разговори нормализација на односите меѓу Србија и Косово, мислиме дека е важно за регионот, безбедноста. Треба да се продолжи со нив и да се постигне тоа (нормализација)“, рече американскиот дипломат Карпентер.
Видете и ова: Путин на онлајн Самит на Г-20 - Русија никогаш не ги одби мировните преговори со УкраинаЛавров, пак, зборуваше и за македонско-бугарските и за односите меѓу Србија и Косово. Коренот на проблемите на релација Скопје – Софија, според него, е во однесувањето на западните сили. А на Србија и порача дека нема да влезе во ЕУ, ако не воведе санкции кон Русија и не го почитува Договорот со Косово.
Министерскиот совет на ОБСЕ, каде присуствуваа и американската и руската делегација заврши денеска (1 декември). Вкупно учествуваа 76 земји – 57 членки, а останатите се партнерски држави од медитеранската и азиската група.
Пораките кои преовладуваа на затворањето на овој настан беа во насока на руската агресија врз Украина. Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, како актуелен претседавач, порача дека руската агресија ги прекршила основните принципи на ОБСЕ и освен што предизвикала страдање на луѓето во Украина донела и сериозни предизвици за егзистенцијата на Организацијата.
Неговиот колега од Малта, Јан Борг, како претседавач во 2024 година, пак, порача дека фокусот мора да биде на завршување на војната велејќи оти „руската агресија против Украина мора да запре“.