На воената вежба учествуваат околу 2.700 војници од македонската, американската, црногорската и од армиите на Литванија, Бугарија и Албанија. Тоа е најголемата вежба која досега се одржала во нашата земјава. Најмногу војници има од земјата и од САД, по 1300, од Црна Гора 75, од Литванија 10, од Бугарија 25 и од Албанија 25 војници.
Тие ќе изведуваат операции и на копно и во воздух. На вежбата ќе има 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со боево гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери. На гаѓањата ќе се користи „обична“, конвенционална муниција, но не и зрна со осиромашен ураниум.
Видете и ова: НАТО членството носи подобар живот и безбедност за граѓанитеВежбата ја отвори заменик министерот за одбрана Беким Максути, во присуство на в.д. амбасадорот на САД Микаела Швајцер-Блум и други гости. „Одлучен удар“ се случува во вистинско време, вели Максути.
„На нашите сојузници учесници на вежбата сакам да им порачам дека и со оваа вежба и со приемот на Северна Македонија во Алијансата вие добивате искрен и посветен сојузник кој покажа дека знае сериозно да им пристапи на сите предизвици и знае да донесе тешки и храбри, но вистински одлуки кои влијаат на безбедноста на регионот и на евроатлантската област“, посочи Максути.
Вршителката на должноста амбасадор на САД во земјава Микаела Швајцер-Блум, рече дека оваа вежба е моќен пример за тоа како македонскитевоени сили се подготвуваат да станат сила во НАТО.
„Вежбата исто така е доказ дека Северна Македонија веќе придонесува во Алијансата“, рече таа.
Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски, рече дека од Криволак ќе испратат силна порака за стабилност и безбедност во регионот и Европа.
Пред неколку денови министерката за одбрана. Радмила Шекеринска, најавувајќи ја вежбата рече дека вежбата ја покажува довербата што земјата и армијата ја имаат кај членките на Алијансата.
„Вежбата ќе подразбира голема интероперабилност и соработка на шест до вчера партнерски, а од крајот на годината сојузнички армии. Се разбира нашиот стратешки партнер, САД, кои се втори по големина учесници во вежбата се партнери со кои веќе соработувавме и со кои многу често вежбавме и во минатото и затоа не беше случајна довербата која ни ја дадоа со организација на вежбата „Одлучен удар“. Фактот што за првпат ќе имаме комплексна вежба, вежба која обединува многу армии, вежба која ќе се изведува и на копно и во воздух мислам дека покажува колку брзо работите се менуваат и колку нашата армија и нашата земја веќе функционира, како де факто членка на Алијансата“, рече министерката за одбрана.
Вежбата е организирана во партнерство со Армијата на САД и е дел од комплексот вежби на Европската команда на САД. Полковник Тимоти Бјукен, одбранбено аташе на САД, рече дека САД и Северна Македонија се стратешки партнери, дека одбранбената соработка е силна и ќе станува уште посилна. За претставниците на американската армија, полигонот Криволак е битен капацитет, оти на него може да се изведуваат воени вежби на кои може да учествуваат илјадници војници.
За време на вежбата во осум градови, ќе има презентација на вооружувањето. Први можност да ги видат оклопните возила и војниците ќе имаат граѓаните на Гевгелија, а потоа на Свети Николе, Кавадарци, Радовиш, Струмица, Битола, Гостивар и Скопје.