Достапни линкови

На Криволак ќе се обучуваат американски војници


Следниот месец воениот полигон Криволак ќе биде домаќин на воена обука на припадници на Армијата на САД. Тренингот започнува на 1-ви август и вклучува 120 припадници на копнените сили на САД за Европа. Обуката е во рамки на билатералната соработка во одбраната меѓу Македонија и САД

Од први до дваесетти август, воениот полигон Криволак ќе биде домаќин на воена обука на одбрани единици под раководство на Европската команда на силите на САД. Во тие дваесет дена Армијата на Република Македонија ќе обезбеди логистичка поддршка и сместување, ќе ги даде на користење полигоните за обука, помош и придружба на патот до и од полигонот Криволак, а ќе го набљудува и тренингот.

Од Генералштабот на АРМ и од Министерството за одбрана велат дека овој тренинг претставува можност за АРМ да ги покаже своите капацитети да биде домаќин на обуки на воениот полигон Криволак. Исто така ова ќе биде прв пат да се користи полигонот во Македонија од страна на авијациски единици на САД, откако неодамна беше сертифициран од страна на Седмата команда за обука на копнените сили на САД.

Тренингот ќе го потврди капацитетот на АРМ да биде домаќин на поголеми воени вежби во иднина, вклучувајќи ја и вежбата под водство на Македонија „Одлучен удар“ која треба да се случи во 2019 година, а на која ќе бидат вклучени повеќе од 1000 војници од Копнените сили на САД за Европа и од АРМ, велат претставници од Генералштабот на АРМ.

Оваа обука го прикажува растечкото партнерство помеѓу Армиите на Република Македонија и Соединетите Држави и ја нагласува зголемената способност на Македонија да придонесува кон НАТО Алијансата, велат претставници од Армијата на САД.

Од Канцеларијата за воена соработка при Американската амбасада објаснуваат дека соработката е фокусирана на неколку главни цели: поддршка на Македонија да стане НАТО членка, поддршка за реформите кои треба да се спроведат, поголема операбилност на македонската војска, потоа развој на регионална соработка и подготовка на македонските војници за учество во мисии за поддршка на глобалната безбедност.

Претставниците на Американската војска истакнуваат дека воената обука не само што ја зголемува безбедносната соработка, туку претставува можност за зголемување на економскиот бенефит во Македонија. Како пример наведуваат фактот што една билатерална вежба на САД во една друга земја на Југоисточна Европа во која учествувале 4-5.000 американски војници резултирала со потрошени 3 до 5 милиони долари во локалната економија, преку договори за добра и услуги. Оттука се претпоставува дека ако полигонот Криволак се развие, сличен економски бенефит за Македонија би можел да се постигне преку големи воени вежби во иднина.

Претставниците на американските воени сили велат дека воениот полигон Криволак претставува необработен скапоцен камен, истакнувајќи ја големината и видот на теренот, како и географската поставеност. Она што му треба е модернизација и инфраструктура, велат тие, и ветуваат натамошна соработка и поддршка за развивање на Криволак до ниво на стандардите на НАТО.

Инаку на претстојниот тренинг, поканети се да учествуваат и македонски војници, но само во некои од вежбите. Некои од поважните аспекти на тренингот ќе вклучат и квалификација на војниците на САД за користење на оружје од мал калибар, против-тенковско оружје и друго пешадиско оружје, како и квалификција за автоматска пушка М240H, стандард на оружје кое вообичаено се користи во повеќето армии на членките на НАТО.

Ова не е првпат да се изведуваат воени обуки на Криволак. Во минатата година на заедничката воена вежба на АРМ и на Армијата на САД во Европа, насловена „Dragoon Guardian 17“ учествуваа 300 припадници на Американската армија и 95 припадници на АРМ. Војниците заедно изработуваа патека за слетување беспилотни летала, имаа обука за расчистување на патишта од импровизирани експлозивни направи и обуки за заштита од атомско, биолошко и хемиско оружје.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG