На воената вежба во Криволак може да се види партнерството на Македонија и на САД во акција. Македонските војници го отвораат патот на земјата кон НАТО, а Соединетите Држави остануваат посветени на регионот и ќе им помогнат на сите земји што сакаат да влезат во НАТО да го остварат тоа, порачаа денеска премиерот Зоран Заев и амбасадорот Џес Бејли при посетата на воениот полигон Криволак, каде се одржува воената вежба „Dragoon Guardian 17“ на која учествуваат македонски и американски војници.
Таму се гради писта долга 300 метри и широка 30 метри, на која ќе можат да слетуваат беспилотни летала, попознати како дронови. Македонски и американски војници со инженерски воени возила работат на пистата, која ќе биде прва писта за слетување дронови во земјата.
Денеска војниците на Криволак имаа посетители. Високи владини претставници, американскиот амбасадор во земјата, пратеници, министри си ги извалкаа чевлите со прав, набљудувајќи до каде е изградбата на пистата. Војниците пред високите гости го презентираа и оклопното возило Бафало на армијата на САД за пронаоѓање и уништување на мини.
На отворениот ден присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, американскиот амбасадор Џес Бејли, министри во македонската влада, пратеници, високи претставници на АРМ и на Министерството за одбрана, одбранбени аташеа и претставници на НАТО канцеларијата за врски.
Премиерот Заев рече дека Македонија сака да соработува со сите земји, но оти местото на земјава е во ЕУ и во НАТО. Тој најави зголемување на буџетот за одбраната и изрази задоволство што вежбата се случува пред посетата на американскиот потпретседател Мајк Пенс на регионот.
„Ова само потврдува колку сме посветени кон интеграциите во НАТО. Јас ќе ја искористам приликата сигурно со потпретседателот да поразговарам за нашите идни планови, но и да продолжам да ја барам поддршката од САД, како и од другите земји членки на НАТО, навистина конечно Република Македонија да го направи тој долго очекуван чекор - полноправно членство во НАТО“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Амбасадорот Бејли рече дека Западниот Балкан е во фокусот на САД и оти тоа го покажува и претстојната посетата на потпретседателот Пенс. Тој најави дека САД ќе им помогнат на сите земји што сакаат да влезат во НАТО да го остварат тоа. Бејли се заблагодари на учеството на македонските војници во мисиите предводени од САД.
„Ова докажува дека нашите војници освен за акција се подготвени и за хуманитарни акции. Оваа вежба не започна од овде од Криволак. Со серии на тренинзи започна во Германија каде што го правеа истото што и овде, потоа во Романија, Бугарија и Македонија. Ова е долг процес, но ова е тоа за што работат нашите воени партнерства. Овој вид активности можат да помогнат да се унапредат македонските аспирации за придружување кон НАТО“, рече Бејли.
Целта на вежбата е подобрување на интероперабилноста на АРМ со НАТО стандардите, зајакнување на постојното партнерство со САД, како и демонстрација на можностите на вооружените сили на двете армии за помош и поддршка на цивилното општество.
На воената вежба учествуваат 90-тина припадници на АРМ од инженерскиот баталјон од составот на Првата механизирана пешадиска бригада и околу 300 припадници на Армијата на САД во Европа. На вежбата учествуваат и припадници на другите единици на АРМ за давање логистичка поддршка и воено полициско обезбедување.
Американските војници влегоа во земјава во петокот, по што беа организирани и презентации на дел од нивните борбени возила во Куманово, Скопје, Штип и во Велес.