Достапни линкови

Тетовската касарна - дел од армиската инфраструктура според НАТО принципите


Војници во касарната во Тетово
Војници во касарната во Тетово

Касарната во Тетово и понатаму ќе се користи од АРМ, додека гарнизоноте од Битола, Струмица, Охрид и Дебар се затворени.

Принципот на инфраструктурна концентрација на оружените сили според процедурите на НАТО е основа касарната во Тетово и понатаму да се користи од Армијата на Република Македонија за разлика од некои други градови каде се дислоцирани воените единици. Министерството за одбрана и Армијата во изминатиот период на трансформација ги повлекоа гарнизоноте од Битола, Струмица, Охрид и Дебар по што објектите се дадени на локалните самоуправи или пак на други органи од централната власт. Стратегискиот одбранбен план, како главен документ за членство во НАТО, е насоката според која се одредуваат постапките во однос на армиската инфраструктура.

„Она што можам да ви кажам дека во НАТО не постои тој НАТО стандарди како има, туку постојат одредени принципи каде што вооружени сили се концентрираат на посебно место, на едно место и така ние од минатото веќе го работиме тоа. Ги концентрираме нашите вооружени сили на посебно место“, изјави полковник Горан Илиовски, раководител на група за имплементација на Стратегискиот одбранбен план.

Каде и како ќе се концентрираат армиските единици се определува според повеќе параметри. Се утврдуваат потребите за флексибилност, одржливост, материјално технички средства, логистика, видови на инфраструктура и слични елементи важни за воениот сектор“, објаснуваат од Армијата.

„Ние моментално вршиме анализа на нашата постоечка инфраструктура и тоа локациите, потребите, одговорностите, моменталната состојба и во наредниот период се очекува да нашето одбранбено раководство донесе одлука за можност за одржување на одредените комплекси како и можно консолидирање на единиците по локациите доколку има и можност потреба од ослободување на вишокот имот на објекти. За касарната во Тетово, таа претставува дел од нашата одбранбена инфраструктура каде што моментално активно го користат дел од постојаните единици на АРМ. Според новата организациска формациска структура на АРМ единиците кои што се распоредени во тој инфраструктурен објект односно во касарната во Тетово не претрпуваат суштински организациски промени“, рече Илиовски.

Кога се одлучува што да се прави со воените објекти во предвид се земаат и општествено-политичките елементи.

„На пример дали ние би им дозволиле од истиот економскиот аспект дали би им дозволиле на НАТО да го користат полигонот Криволак за да имаме подобар економски бенефит. Ние би им дозволиле, прашањето е дали тие би дошле за постојано тука. Она што е во склад со нашите западните партнери и советодавачи, тоа ќе го направиме. До овој момент мислам дека Македонија и некои касарни што ги затвори се од тој аспект за да биде подобра во одбранбена смисла ако тоа се случи, а не да ги оштети луѓето кои таму живеат од економски аспект“, објаснува Стево Пендаровски, националниот координатор за НАТО.

XS
SM
MD
LG