Достапни линкови

Знамето на НАТО пред владата е повеќе од симболика


Заев: Стануваме безбедна земја, свои на своето!
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Заев: Стануваме безбедна земја, свои на своето!

На свечена церемонија, денеска пред Владата, беше подигнато знамето на НАТО. Премиерот Зоран Заев истакна дека веќе никој не смее да нè блокира и дека крајна цел е европеизација на нашата земја.

Од денеска па натаму заедно со државното, пред Владата ќе се вее и знамето на НАТО. На свечена церемонија на која присуствуваа претставници на политичкиот врв и дипломатскиот кор во земјата, премиерот Зоран Заев истакна дека денеска испишуваме нова страница од историјата и дека поставувањето на знамето на НАТО, воедно значи и побезбедна иднина.

“Со одлуките на нашиот и грчкиот парламент и со поканата од членките на НАТО, ние веќе учествуваме во работењето на најмоќниот сојуз на светот и можеме да бидеме спокојни и целосно сигурни дека со завршувањето на ратификациите во сите парламенти на нашите сојузници, нашата земја која наскоро ќе го носи географски прецизното име Северна Македонија и официјално станува 30 -тата полноправна членка на НАТО со право на глас. Со тој чин стануваме безбедна земја, стануваме свои на своето”, рече премиерот Зоран Заев.

Заев рече дека знамето на НАТО не е само симболика, туку и реалност и дека денес со сигурност може да кажеме дека нашата татковина е на вистински пат кон прогресот и непречен развој. Тој истакна дека Македонија овие денови ја почнува следната комплексна етапа во изградбата на нашата држава според европските стандарди. Заев рече дека веќе никој нема да нè блокира од надвор.

“Не и е само Европа потребна на идната Северна Македонија, туку и Северна Македонија и е потребна на Европа. Целиот Балкан и треба на Европа. Тоа ќе го постигнеме така што прифаќајќи ги европските стандарди и вредности ќе ја менуваме и нашата свест и нашите сознанија за припадноста кон Европа, но и спознанијата на Западот за нас. Членството во ЕУ не е нашата крајна цел, туку европеизацијата на нашата земја, што е многу подолг процес од остварувањето на членството”, истакна премиерот Заев.

На денешната свечена церемонија пред Влада беа присутни голем број сегашни и поранешни функционери, меѓу кои и поранешни премиери, но не беше присутен врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Ѓорге Иванов исто така не присуствуваше на свеченоста.

Во меѓувреме, Словенија денеска го ратификуваше Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. Таа е втората земја-членка на Алијансата, која по Грција, го ратификуваше Пристапниот протокол. Според најавите од официјална Тирана, во четврток пристапниот Протокол треба да биде ратификуван и од албанскиот Парламент.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG