Достапни линкови

Грција го ратификуваше протоколот за НАТО, Македонија и официјално Северна


Грчкиот Парламент вечерва го ратификуваше протоколот за членство во НАТО. Сега, македонската Влада треба да ги извести сите меѓународни организации и држави дека земјата има ново име Република Северна Македонија.

По речиси 11 часовна расправа, со 153 гласа „за“, 140 „против“ и еден воздржан, Парламентот на Грција, го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО. Вкупно гласаа 294 пратеници, а освен сите 145 членови на СИРИЗА, односно целата пратеничка група, „за“ гласаа и осумте пратеници кои го поддржаа и Договорот од Преспа.

Расправата за нацрт-законот од Министерството за надворешни работи „Ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија“,наликуваше на дискусијата за ратификација на Договорот од Преспа. Членовите на опозициските партии ги изнесоа нивните аргументи зошто се против, додека, пак, од владејачката СИРИЗА и независните пратеници што го поддржаа и договорот и протоколот говореа зошто тие сметаат дека тоа е во интерес на Грција.

Лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис повтори дека нема да гласаат за договорот и уште еднаш се осврна на македонскиот јазик и македонскиот идентитет за кои вели дека владата ги признала за соседите, истакна дека правно се обврзани „да ги нарекуваме соседите Македонци“.

„Јас никогаш нема да кажам добредојде за Македонецот премиер на земјата. Очекувам вие да го кажете тоа, господине Ципрас. И очекувам господинот Апостолакис, да ѝ посака добредојде во Грција на македонската војска кога ќе имаат заеднички вежби со грчката војска. Ова го имате потпишано”, рече Мицотакис.

Мицотакис уште еднаш го повтори неговиот став дека владата „ги поделила Грците за да ги обедини Скопјаните“ , но и дека Нова демократија нема да го напушти правото за вето за интеграција во Европската унија.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во својот говор пред пратениците рече дека со Договорот од Преспа тие го направиле она што сметале дека е правилно и нивна национална должност.

„Би сакал, уште еднаш од тука, да ѝ посакам добредојде на Северна Македонија пријателска земја која треба да биде поддршка, а не противник во нашите напори за безбедност, стабилност,и соработка во поширокиот регион. Денешното гласање е гласање кое затвора, според моето мислење еден важен циклус, најважниот циклус од обврските од историскито Договор од Преспа и се однесуваат на Грција. Од утре со ратификацијата на членството, како што предвидува самиот договор, обврските повторно се враќаат кај соседите”, рече Ципрас.

Што натаму?

Со ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, земјава и официјално станува Република Северна Македонија. Уставните амандмани стапуваат во сила, а со тоа и веднаш почнуваат обврските на Владата.

Непосредно по ратификувањето во грчкиот Парламент, Владата со писмо треба да ги извести сите меѓународни организации и форуми и земји членки на Обединетите нации дека Република Македонија од тој момент е Република Северна Македонија. Новото име ќе се побара да го употребуваат и повеќе од 130 земји кои ја признаа државата под досегашното уставно име, па така ако се остварат најавите на првиот човек на грчкиот парламент Никос Вуцис, уште од утре секаде и сите ќе треба да и се обраќаат на земјава со новото име.

На другите обврски што произлегуваат внатре во државата веднаш ќе започне да работи меѓуресорска група. Во рок од седум дена откако ќе помине договорот во грчкиот парламент оваа група треба да се сретне и да изготви национален акциски план за извршување на обврските од Договорот, а потоа ќе треба да го следи и нивното спроведување.

Ќе се менуваат таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите. Договорот од Преспа не придвидува конкретни рокови за преземање на активности внатре, туку се наведува дека „по влегувањето во сила на спогодбата, веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе се преземат сите неопходни мерки за надлежните органи на земјата од тогаш понатаму внатрешно да го употребуваат новото име и термините.“

Со уставните амандмани кои стапуваат во сила, покрај промената на името, се менуваат и други работи. Во преамбулата на Уставот место одлуките на АСНОМ се споменува Прогласот на АСНОМ, се внесува и Охридскиот рамковен договор, се менува делот во однос на грижата на Република Северна Македонија кон дијаспората, а државјанството се предвидува да биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ во сите патни документи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG