Господине Мицкоски, од денешен аспект дали би играле поинаку во однос на вашиот став во однос на името, кој според дел од јавноста беше недефиниран?
Дали би играле поинаку од денешен аспект. Потврдата на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и позициите на ВМРО-ДПМНЕ ако ме прашувате поврзан со Договорот од Преспа го кажа народот, народот го кажа на 30 септември дали позициите на ВМРО-ДПМНЕ беа исправни или не беа исправни. Со тоа што народот одлучи да молчи, затоа што како што во минатото некои политичари на СДСМ сакаа да кажат – некои прашања не заслужуваат одговор. Така што од оваа перспектива гледано можам да кажам дека го избравме правилниот пат, а тоа беше патот заедно со народот, патот на правдината, на честитоста, на вистината и патот на Македонија.
Народот одлучи да молчи, тоа е на некој начин бојкот, но вие пред референдумот не го искажавте ставот дека сте за бојкот на референдумот?
Вие ме прашавте за мојот став, јас на денот на референдумот на 30 септември го кажав мојот став - нема да излезам на референдумот и дека нема да гласам, односно прашањето вакво какво што е не го заслужува мојот глас.
Господине Мицкоски Договорот од Преспа јавно го поддржаа повеќето западни земји и сојузите кон кои што се стреми и Македонија, а и вашата партија. Сега ветувате дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сè за да ги измени процесите кои произлегуваат од него. Подготвен ли сте да ги трпите последиците и за партијата и за државата од ваквиот потег?
Ги знаете Вие кои се последиците за партијата и за државата на тие чекори кои ние ќе ги направиме откако ние ќе ја добиеме довербата на граѓаните?!
Па Вие не ги прецизирате чекорите. Што подразбирате под ќе направиме „сè“?
Откако ќе ја добиеме довербата на народот, а ние ќе ја добиеме на следните предвремени парламентарни избори, се разбира доколку парламентарното мнозинство се одважи, ќе видите кои ќе бидат чекорите и ќе видите кои процеси ВМРО-ДПМНЕ ќе ги промени во иднина. Така што јас би бил навистина внимателен, ја разбирам потребата од откривање сензационализми предвреме. Но јас би бил внимателен навистина во чекорите кои се одат еден по друг, така што ајде најпрвин да видиме дали владејачкото мнозинство ќе се охрабри ќе се одважи, ќе се осмели да ја поддржи иницијативната на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Парламентот и распишување на предвремени парламентарни избори. Потоа втората интерација кадешто ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата на граѓаните, формираме влада, па дури потоа ќе одиме чекор по чекор во процесите коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги промени. И одма сега тука можам да ви дадам одговор и на второ можно прашање бидејќи не така одамна и тоа ми беше поставено – Дали ќе бидам премиер на Република Северна Македонија, јас и тогаш кажав, еве и сега ќе го повторам дека подготвен сум да бидам премиер и за мене секогаш ќе остане Република Македонија не сметајќи ја оваа историска грешка којашто ја направи владата на СДСМ и Зоран Заев заради лични и кариеристички цели.
Ова господине Мицкоски значи дека ќе потегнете иницијатива за повторна измена на Уставот или пак значи дека нема да го почитувате Уставот, бидејќи уставните измени се веќе донесени и ќе стапат на сила.
Ниту еден процес во историјата не е еднонасочен, сите процеси во историјата искуството вели дека биле реверзибилни. Прашање на време е кога повратната врска ќе се реализира. Така што важно е претходно да се случат некои други процеси, па дури потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе може пред граѓаните на Република Македонија да го спроведе ова што ние денеска го разговараме и она врз основа на што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја гради идната своја политичка доктрина. Ние сме партија којашто е непосредна, партија од народот, од граѓаните, партија која што е честита, искрена и принципиелна. Ние не можеме да ветуваме нешто што не можеме да оствариме. Ние не можеме истовремено да бидеме патриоти во топлинки дома пред компјутери и да пишуваме статуси на социјалните мрежи, ниту пак ќе зборуваме она што граѓаните сакаат да го слушнат. ВМРО-ДПМНЕ може да вети, јас можам да ветам дека откако ќе ја добијам довербата на граѓаните, ќе сторам сè што е во моја моќ процесите да ги изменам. За мене постоела, е и ќе остане Република Македонија, а сето ова останато го сметаме за историска грешка и тука немам што да додадам и што да изгубам.
Повторно може ли една поширока дефиниција, што подразбирате под ќе направиме „сè“. Дали тоа значи непочитување на Договорот од Преспа?
Ние може до задутре вака да си играме со прашањето што подразбирате откако ќе се случи тоа и тоа, но јас ви го дадов одговорот најпрвин треба да ја добиеме довербата од граѓаните, а потоа ќе бидете сведоци на сите чекори и на сите интерации коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги направи во процесите кои следат. И ова не го зборувам како политиканство, ова го зборувам затоа што го мислам.
Целото интервју со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, проселдете го во видеото на почетокот од текстот.