Директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија Кристијан Даниелсон изјави дека со ратификацијата на Договорот од Преспа е затворен 25-годишен проблем и оти тоа е импресивен чекор кој треба биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ, но нагласи дека сега претстои период во кој е потребно да се испорачаат резултати во реформите за да може државата да продолжи да оди напред на нејзиниот европски пат.
Осврнувајќи се врз предлогот за одржување предвремени избори заедно со претседателските, Даниелсон рече дека таков процес ќе го оддалечи фокусот од реформите кои треба да ги испорачаат.
„Овој момент треба да се испорачуваат резултати во реформите. Предвремени избори нема да ја дадат потребната енергија да се испорачаат реформи во правосудството, борбата против корупцијата и криминал, во безбедносните служби и во јавната администрација“, изјави Даниелсон.
Даниелсон, кој од вчера престојува во Македонија, нагласи дека во овој момент од државава се очекува уште позасилена работа и резултати во клучните области во периодот до Европскиот совет во јуни. Тој се осврна и врз реформите во судството и рече дека е потребно судиите во иднина да одлучуваат независно и без влијанија. Коментирајќи ги случувањата во антикорупцискатa комисија која е во процес на создавање, тoj повика на конкурсот за кандидати да се пријавата силни и независни личности.
На прашањето како ќе се одрази на европскиот извештај за Македонија тоа што е усвоен нов закон за борба против корупцијата и оти во тек е комплетирање на новиот состав на комисијата за борба против корупцијата, како и тоа што во најновиот Индекс за перцепција на корупцијата во 2018 година, што Транспаренси Интернешнал го објави денеска, земјава е меѓу најкорумпираните на Балканот, Даниелсон рече дека важно е да се имплементираат решенијата што се носат.
„Јасно е дека и антикорупцискатa комисија ќе биде дел од извештајот. Во законодавниот дом усвоен е законот за борба против корупцијата, но важна ќе биде и имплементацијата“, изјави Даниелсон.
На прашање дали во иднина Македонија нема да биде попречувана од Грција на нејзиниот пат кон ЕУ, Даниелсон рече дека во фокусот на земјата треба да бидат реформите.
Тој рече дека на средбите со претставниците на владата тие го информирале за заложбите за остварување на понатамошен напредок во реформските процеси и оти тој заминува од Македонија охрабрен од решеноста и одлучноста на Владата да ги спроведе реформите. Даниелсон ја повика и опозицијата да се придружи во поддршка на процесите кои се важни за да обезбедат доволно аргументи за земјите членки да донесат одлука за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година.
Директорот Даниелсон, со прес- конференцијата во ЕУ инфо центарот во Скопје, ја завршува неговата посета на Македонија. Тој во Скопје имаше средби со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.