Владата во Скопје извести дека, влегува во сила Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, што Министерството за надворешни работи соодветно го објави во Службен весник".
Според владата, исполнети се условите за влегување во сила на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до ХХХVI на Уставот на Република Северна Македонија, што Собранието на Република Северна Македонија ги донесе на 11 јануари 2019 година. Истите влегуваат во сила на 12 февруари 2019 година со соодветната објава од страна на Владата во Службен весник.
Обврски од Конечната Спогодба и Уставните амандмани
Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба соопшти дека по одржаниот прв состанок ги донесе следните одлуки во врска со потребните мерки и активности со индикативни временски рокови за нивна реализација:
1. Царинската управа да стави налепници на таблите на граничните премини, државната граница на Република Северна Македонија и на двата аеродроми во Република Северна Македонија, во рок од 3 дена;
2. Секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија во рок од 7 дена да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.
3. Генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.
4. Сите институции да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, медиуми итн.) во рок од 3 дена.
5. Сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од 2 недели.
6. Министерството за надворешни работи, да ги замени таблите во министерството како и печатите и штембилите во министерството во рок од 2 недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од 3 недели.
7. Министерството за внатрешни работи да започне со издавање на нови регистерски таблички, во рок од 4 месеци. Во меѓувреме, како преодно решение, МВР ќе обезбеди налепници со ознака ‘NMK” за регистерските таблички на возилата.
8. Министерството за внатрешни работи да ги преземе потребните мерки и активности за спроведување на решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање на нови патни исправи. Издавањето на нови пасоши да започне од крајот на 2019г. Во преодниот период, Министерството за внатрешни работи при излез од или влез во Република Северна Македонија, во постојните и новоиздадените во преодниот период патни исправи ќе биде ставен печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.
9. Народната банка, со оглед на комплексноста на постапката, да направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност; првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020г. и потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отварањето на релевантното ЕУ поглавје.
10. Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо) да се променат во рок од 2 месеци.
11. Во рок од 6 месеци да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности.