Достапни линкови

Побогата Армија за подобра безбедност


Поголемиот буџет на АРМ ќе го покрене и моралот на војниците, тврдат познавачите кои велат дека се осовременува само контингентот за странски мисии. Тие додаваат дека недоволното финансирање на АРМ може да биде опасно за земјава.

Речиси секоја година, на денот на Армијата на Македонија се бара поголем буџет и модернизација, а парите што ги добива војската се сè помали. Годинава во пресрет на Денот на АРМ од Синдикатот на професионални војници потстетија и на лошите услови во касарните и дека војниците често иста униформа носат и по повеќе години.

Меѓутоа мисијата за зачувување или изградба на мирот е само една мисија и тоа четрвтостепена, а прва мисија е обезбедувањето на сопствената безбедност и одбрана на земјата што во овој момент фактички се става во втор степен.
Благоја Марковски, воен аналитичар.

Според воениот аналитичар Благоја Марковски во финансирање на одбраната треба да се внимава на нејзиното осовременување со што и моралот на војниците би бил повисок. Актуелниот политички врв не го согледува ова прашање, туку единствено значење дава на опремата на делот од контингентот кој оди во странски мисии, тврди Марковски.

„Меѓутоа мисијата за зачувување или изградба на мирот е само една мисија и тоа четрвтостепена, а прва мисија е обезбедувањето на сопствената безбедност и одбрана на земјата што во овој момент фактички се става во втор степен, а во прв се става извршувањето на задачите во разни мисии. Од тука таа нелогичност доведува до разни незадоволства, па и од разни реакции на припадниците на АРМ кои за жал до денес не се услушани,“ вели Марковски.

Тоа е опасно затоа што ако во Армијата имаш незадоволство од условите и од нивните примања тоа за државата е голем хендикеп.
Исмет Рамадани, Евроатлански совет на Македонија.

И претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани вели дека недоволното финансирање на Армијата може да биде опасно за земјава.

„Тоа е опасно затоа што ако во Армијата имаш незадоволство од условите и од нивните примања тоа за државата е голем хендикеп, а дури и во однос на надворешните гледања се перцепира тоа како да не сме заинтересирани да имаме професионална војска која ќе одговори на стандардите на НАТО“, вели Рамадани.

Во пресрет на денешното одбележување на денот на армијата дојде и до смена на началникот на генералштабот на АРМ. Претседателот Ѓорѓе Иванов го потпиша указот за именување на Методија Величковски од како претходно беше разрешен Горанчо Котевски. Се јавува и за поголеми промени во генералштабот односно дека од вкупно 8 формациски места со чин генерал во структурите на АРМ, дошло до промена на 6 генералски места со напредување со систем во кариера.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG