Потпирајќи се на изворната идеја „да откријат, промовираат и афирмираат свежи филмски приказни на нови автори кои се сè уште недоволно истакнати во светската филмска јавност“, на урбано Скопје и современата македонска култура, од 3 до 12 октомври, овојпат под мотото „Првиот никогаш не се заборава“, ќе им се случи третото издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова“, еден од ретките во светот.
А, на него во официјалната програма од 5000 пријавени дела од 150 земји во светот, ќе бидат прикажани осум филма – шест од Европа и по еден од Иран и од Перу. Тие ќе бидат во конкуренција за наградите за најдобар дебитантски филм, најдобар режисер, најдобро сценарио и за специјална награда од меѓународното жири.
Во рамките на оваа стожерна програмска целина ќе бидат прикажани филмот „Блискост“ на Кантемир Балагов од Русија (станува збор за пуленот на култниот Александар Сокуров, кој нуди сосема ново, поинакво видување на нештата), потоа „Без датум, без потпис“ на режисерот Вахид Џалил Валанд инаку вистински репрезент на иранското кино, „Цветна долина“ на Ласло Чуја, ремек-делото снимено со натуршчици од надоаѓачката унгарска кинематографија, филмот „Гутланд“ на Говинда ван Меле, една луксембуршко-германска копродукција (еден вид искрен авторски одговор на култниот „Догвил“ на Ларс фон Трир), одличниот „Ретабло“ на Алваро Делгадо Апарисио од Перу, достоен репрезент на возбудливата јужноамериканска кинематографија („филм кој ќе нè искачи во висините на недостижните Анди, суптилно отворајќи ја и темата на хомосексуалноста, раскажувајќи ни универзална приказна која никого нема да остави рамнодушен“), „Крадци на гулаби“ на режисерот Осман Добен од Турција и визуелниот спектакл „Ага“ на Милко Лазаров од соседна Бугарија, кој летово ја доби главната награда „Срцето на Сараево“ на Сараевскиот филмски фестивал.
Видете и ова: Министерството за култура со осуда на јазикот на омраза во „Ругање со Христос“Она што е посебно интересно за македонската публика е тоа што официјалната програма, на 5 октомври, ќе започне со „Ругање со Христос“, првиот долгометражен филм на режисерот и сценарист Јани Бојаџи, кој светската промоција ја имаше на фестивалот во Монтреал каде освои награда за иновативност.
„Овојпат, според концептот на „Киненова“ имавме плодна и добра година и токму затоа беше тешко да се изберат осум филмови во официјалната конкуренција, но тоа се убави маки кои на крај еве вродуваат со одлична селекција од осум дебитантски остварувања од различни делови на светот“, вели Игор Анѓелков, новиот програмски селектор на Фестивалот.
Небојша Јовановиќ, директорот на „Киненова“, вели дека нивен императив бил да ги пронајдат оние автори и дела кои бескомпромисно се борат и го практикуваат слободното уметничко изразување и не тргуваат со уметничкиот и личен интегритет.
„Имаме навистина храбри филмови и храбри автори кои се зафатиле со теми што се ставани на страна или игнорирани во одредени земји и поднебја“, смета Јовановиќ.
Прашани, пак, дали со македонската премиера на „Ругање со Христос“ тие како Фестивал и филмски творци го кажуваат својот став во однос на осудата на филмот од страна на Министерството за култура, Анѓелков и Јовановиќ со појаснување дека „филмот бил избран зашто го исполнува критериумите да е дебитантски и поради заложбата на „Киненова“ да има и македонски дебитантски филм во програмата“. Дека воопшто не го знаеле ниту го предвиделе тој општествен контекст околу филмот. Тие едноставно се воделе според принципите на квалитетот на филмот и дали заслужува да биде во натпреварувачката селекција. Сметале дека заслужува и дека е „необичен и храбар авторски филм во смисла на филмска нарација“, кој обработува регионална тема и „воопшто не е фокусиран на она што можеби го претставува трејлерот“. Јовановиќ е убеден дека по премиерата целата тензија ќе спласне и дека во него „практично и нема нешто од кое некој треба да се плаши или да се чувствува навреден“.
„Она што нам ни е битно да го одбраниме правото на слободно уметничко изразување. И тука запира приказната. Ние се бавиме со следење на филмската уметност, ја создаваме филмската уметност и затоа битна ни е уметничката слобода и ништо повеќе од тоа“, категоричен е Јовановиќ.
Инаку, грижата на „Киненова“ за современиот домашен филм ќе биде сторена и со специјални проекции на „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески и „Копање“ на Мартин Иванов и Ивица Димитријевиќ, по што ќе следуваат и сесии на прашања и одговори за присутните гледачи.
Од друга страна, сцецијален гостин на Фестивалот ќе биде турскиот режисер и сценарист Зеки Демиркубуз кој ќе одржи мастекласа во Кинотека на Македонија, а ќе бидат прикажани четири негови филмови. Во Скопје со слична задача ќе биде и Анте Томиќ, сценарисот на филмот „Уставот на Република Хрватска“ кој, патем, ќе говори за „триковите во пишувањето филмски дијалози“.
Во рамки на фестивалот првпат во Македонија ќе биде претставена норвешката кинематографија со проекција на пет филма, од кои два од најпознатиот режисер на таа земја - Ерик Попе. Ќе има и „Балканска филмска програма“, проекции на „Криза“ и „Кризата во нашата љубов“, првите два филма на великанот Ингмар Бергман од 1946 година, кои пак се дел од манифестацијата со која Шведкса ги одбележува 100 години од неговото раѓање.
Згора на ова организаторите најавуваат и детска филмска програма, како и две работилници - за филмска анимација наменета за деца со посебни потреби и работилница во соработка со УНИЦЕФ за зголемување на свесноста за ненасилство врз децата.