Достапни линкови

Стојанова овенчана со „Голема ѕвезда на македонскиот филм“


Македонската актерка Милица Стојанова.
Македонската актерка Милица Стојанова.

Македонската актерска легенда Милица Стојанова е годинешниот лауреат на наградата „Голема ѕвезда“ што ја доделува Друштвото на филмските професионалци на Македонија. Големото признание ќе и биде врачено на 22 септември, на отворањето на 39-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што се одржува во Битола.

По Кирил Ценески, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ и британскиот продуцент Сајмон Пери, кој несомнено има значаен придонес за македонскиот филм, театарската и филмска актерка Милица Стојанова е годинешната добитничка на наградата „Голема ѕвезда“ што ја доделува Друштвото на филмските професионалци на Македонија. Оваа награда е воведена во 2013 година, а традиционално се доделува во рамките на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Режисерот Игор Иванов – Изи, претседател на Друштвото на филмски професионалци на Македонија, во својата експликација за наградата ќе рече дека годинава тие како асоцијација се одлучиле за еден исклучок, за исчекор и да и доделат награда на една легендарна македонска актерка.

„Оваа година се одлучивме за еден исклучок, за еден исчекор во таа смисла и да и доделиме награда на една легендарна македонска актерка која која се појавува токму во филмовите на претходните лауреати на оваа награда, Кирил Ценески и Милчо Манчевски, како и во филмовите на Столе Попов. Ќе ја видите во „Оловна бригада“, во „Исправи се, Делфина!“, Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Прашина“... и беше дел од краткиот филм „Види ја ти неа“ кој неодамна освои награда на фестивалот во Санденс. Се уште работи, има 86 години и се вика Милица Стојанова“, вели Иванов.

Тој и со дополна дека во повеќе од 60-годишната професионална актерска кариера, Стојанова имала стотици театарски улоги, како и значаен број филмски и телевизиски , а најчесто играла лик на мајка. Појаснува дека тоа што актерката немала главни улоги се должи пред сè на положбата на жената во целата македонска кинематографија, особено кога била во своите најдобри години.

„Сметав дека некое образложение и не е потребно додека некои колеги не ми забележаа дека можеби тоа и не е точниот избор, бидејќи таа не играла главни улоги. Но кога некој говори и размислува на овој начин треба да биде свесен за положбата на жената во македонскиот филм во целата наша кинематографија, а да не зборувам кога Милица Стојанова е во своите најдобри години. За жал, нашите филмови се 90 отсто со историска тематика каде мажите водат некакви војни, а жените, според сценаријата, се приморани да бидат мајки или некакви за жалење теткички. Но Милица Стојанова има остварено многу улоги и сите тие се значајни. Тоа што оваа македонска дива ќе биде со нас во Битола на 86-годишна возраст по 60 години присуство на филмското платно е голема работа“, смета претседателот на ДФПМ.

Во прилог на ваквата одлука писателот и театарски и филмски критичар Иван Додовски пишува дека „за Милица Стојанова се напишани многу страници, постојат илјадници фотографии, филмски ленти, дека ни се познати и нејзините запишани размисли, па дури и нејзините таинствени актерски тетратки и елиптични стихови, преку кои таа ја открива тајната на успехот. За неа пишувале и зборувале бројни почитувачи од сите генерации“. Додовски дополнува дека стојат импозантни бројки на остварени улоги во повеќе од шесте децении творештво – 8 статирања и 36 улоги во Македонскиот народен театар, од кои 4 по пензионирањето. Во Драмски театар 61 улога, од кои 11 по пензионирањето. Згора на тоа 10 улоги како гостувања во други театри и вонинституционални проекти, околу 3000 улоги во различни радиопрограми, 26 улоги во ТВ-драми и уште 16 во телевизиски серии , 9 нахсинхронизации на главни женски улоги во македонски филмови, 13 филмски улоги...

За сето ова Стојанова е добитничка на голем број на награди како „11 Октомври“ во 1971 година, Наградата на ЈРТ во 1972, Актерка на годината следната 1973 , наградата „Војдан Чернодрински“ во 1982, „Стериината награда“ две години подоцна, Орден на трудот со златен венец, па повторно наградата „11 Октомври“ овојпат за животно дело во 1984, една декада подоцна и „Водан Чернодрински“ за животно дело, „Златна плакета“ на Драмски театар – Скопје ...

Впрочем, не случајно театарскиот критичар Иван Ивановски во една пригода ќе забележи: Стојанова е цела историја, една институција, една школа, во кои немаше празни одови, во кои се наоѓаше само место за вистинската и длабока актерска уметност“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG