Еврокомесарот Јоханес Хан утре доаѓа во посета на Македонија за почеток на техничкиот дел на процесот на скрининг со Владата. Тоа значи дека Европската комисија ќе подготви распоред за поглавјата кои ќе се отвораат, а македонските институции треба да ги обезбедат бараните податоци. Хан пред неколку дена изјави дека скринингот значи проверка на состојбата со владеењето на правото и поглавјата 23 и 24, но пред тоа ќе го дефинираат целиот патоказ и ќе назначат координатор за скринингот.
Премиерот Зоран Заев неодамна најави дека први ќе се отворат токму поглавјата 23 и 24.
„Сите земји мора да го направат скринингот. Мора да формираат тимови за преговори. Мора да си ги подготват соодветните институции. Веќе знаеме дека поглавјата 23 и 24 се први кои се отвораат. Ние треба да бидеме паметни и во јуни 2019 да ги отвориме првите поглавја. Тоа е тоа што зависи сега од нас“, изјави Заев.
Поглавјето 23 се однесува на судството и фундаменталните права, тоа подразбира, како што е наведува ЕК, воспоставување независно и ефикасно судство и ефикасна борба против корупцијата. Поглавјето 24 се однесува на правдата, слободата и безбедноста. Со ова поглавје се регулираат прашањата кои се однесуваат на граничната контрола, визите, надворешната миграција, азилот, полициската соработка, борбата против организираниот криминал и против тероризмот, соработката во областа на дрогата, царинската соработка и судската соработка во кривични и граѓански прашања.
Политичкиот аналитичар Џелал Незири очекува реформите во судството да бидат најтешки за спроведување.
„Таа е точка во системот за која Македонија има добиено најсериозни критики во изминатиов период. Ќе се оди во еден подолг процес кој значи и вклучување на останатите политички чинители во Македонија, особено опозицијата и ќе биде мислам најтешката задача на земјата да ги прилагоди нејзините вредности со тие на ЕУ“, вели Незири.
Зоран Нечев од Институтот за демократија смета дека една година е доволно време за Македонија да покаже позитивно портфолио за имплементација на реформите.
„Македонската администрација има капацитети да влезе подготвена во овој процес во водењето на преговори. Колкав е тој капацитет дополнително ќе се утврди, но јас сум уверен дека го има“, додава Нечев.
На ист став е и Незири кој порачува дека има квалитетни кадри во македонската администрација, но треба да се направи добра селекција. По скринингот, Комисијата треба да подготви извештај со кој му препорачува на Европскиот совет дали да бидат отворени преговори за зачленување на Македонија во ЕУ.