Меѓународни напори за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ

Советот на ЕУ за општи работи утре ќе расправа за проширувањето на ЕУ, односно почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија. Грција повеќе не е пречка за Македонија по договорот за името, но сега Франција се противи на проширувањето на ЕУ.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, според најавите, денеска ги испраќа писмата до ЕУ и НАТО, дека Грција нема да се противи за евро-атлантската интеграција на Македонија, со што го исполнува својот досегашен дел од Договорот за решавање на спорот за името.

Советот на ЕУ за општи работи утре ќе расправа за проширувањето на ЕУ, односно почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија. Во петок на самитот на ЕУ е предвиден состанокот на шефови на држави и влади на членките на Унијата.

Коѕијас говорејќи пред новинарите на крајот од конференција на грчкиот остров Родос во петокот, потврди дека ја добил нотата од македонското МНР оти Договорот е ратификуван. Тој објасни дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Франција е единствената земја која се противи на Македонија месецов да и се одреди датум за старт на преговори. Во обид да се убеди Франција, земјите членки прифатиле да се одреди условена одлука за преговори без временски рок кога конкретно тие би почнале, но ниту тоа не ги убедило Французите. Париз прифаќа да има „што попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија, но смета дека преговори во јуни не се можни.

И државниот секретар на САД Мајк Помпео побара од Франција да не го блокира пристапувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ.

"Државниот секретар Помпео побара од франускиот министер за надворешни работи Ла Дриан да ја поддржи поканата од НАТО за приклучување на Македонија, како и отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, по потпишувањето на договорот за името меѓу Грција и Македонија", се наведува во соопштението објавено на веб страницата на Стејт департментот.

Премиерот Зоран Заев изрази надеж дека дека, како што рече, ќе омекне срцето на францускиот претседател Емануел Макрон и дека и Франција нема да се противи.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини и денеска повторно ги повика земјите членки да го препознаат напредокот кој го остварила Македонија.

Знаете дека препорачавме отворање преговори со Скопје и Тирана, овој процес мора да се заснова на заслуги, што значи дека кога има напредок тој мора да биде признаен и да биде охрабрен и придружуван. Се надевам дека земјите членки ќе ја донесат вистинската одлука“, порача Могерини.

Претседателот Ѓорѓе Иванов треба во рок од 7 дена да го потпише законот за договорот за името, кој беше ратификуван во Собранието на 20 јуни и кој истиот ден бил испратен на негова адреса. Иванов најави вето и доколку тоа се случи законот ќе биде вратен во собраниска процедура и ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.