Разликите во ставовите меѓу опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачките партии за Законот за јазици и прашањето со притворите на дел од нивните пратеници никако да се приближат по повеќе од два месеца откако опозициската партија не учествува во работата на македонското собрание. Аналитичарите велат дека ситуацијата е загрижувачка, а Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека работата на законодавниот дом може да се придвижи доколку од дневен ред се повлече Законот за јазици.
„Моменталната состојба во Собранието ги става на коцка стратешките интереси на Македонија и од тој аспект првенствено треба да се направи повлекување на Законот за јазици, кој треба да биде донесен во поинклузивна постапка. Тоа е најлесниот начин, зашто законот не е поврзан со евроинтеграциските процеси кои во моментот се приоритет“, вели Трошановски.
Аналитичарот Насер Зибери оценува дека голема улога за блокираната работа на Собранието, а со тоа и на реализацијата на планот на владата 3–6–9 има опозицијата, но оти и власта не направи доволно за усвојување напотребните закони во Собранието.
„Секогаш кога има блокада пожелно е да има дијалог, но отсуствува политичка волја и тоа пред сè кај ВМРО-ДПМНЕ. Тие калкулираат со процесите кои се водат пред судовите и со тоа сакаат да ги уценуваат партиите на власт со деблокада на Собранието. И власта не прави доволно зашто често и парламентарното мнозинство не е во состојба да обезбеди кворум за закони за кои не е потребно двотретинско мнозинство“, изјави Зибери.
Тој оценува дека ентузијазмот е спласнат и очекува дека посетите од европарламентарци и од високи делегации на Европската комисија може да ги принудат политичките субјекти да бидат поажурни и поефикасни.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, деновиве изјави дека неговата партија не се договорила со владејачкото мнозинство да се врати во Собранието и да се изгласа Законот за јазици, а за возврат да бидат ослободени притворените за настаните во законодавниот дом на 27 април, како што претходно посочи претседателот на Собранието. Во меѓувреме, најавена е и средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски со претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Но, Зибери оценува дека политичкиот дијалог е западнат во големи проблеми и тој се сомнева дека постои расположение меѓу политичките партии да седнат на заедничка маса. Со оглед на тоа што политичкиот дијалог е закочен подолго време, има размислувања дека е време да се свика и лидерска средба, но според оценката на Зибери, авторитет кој тоа ќе го покрене во овој момент не постои.
„Иванов е со многу дискутабилен кредибилитет кај СДСМ и ДУИ и не сум убеден дека тој би бил катализатор на една таква средба. Песимист сум дека може да дојде до некоја посериозна средба меѓу лидерите на политичките партии во полза на деблокирање на функционирањето на собранието“, вели Зибери.
Деновиве, претседателот на Собранието Талат Џафери наведе дека пратеничките групи на сите политички партии, по средбите со европратениците Иво Вајгел, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои ја посетија Македонија, првично постигнале договор да биде одржана средба од 15 до 17 март во Охрид во рамки на дијалогот „Жан Моне“, но Џафери додаде дека алтернативно ќе им биде јавено од Брисел ако средбата биде одложена за во мај.
Зибери вели дека добро е ако има средба во рамки на иницијативата Моне во март, но укажува дека останува мал временски простор во кој може да се направи нешто што земјата ќе ја придвижи на нејзиниот евроатлантски пат.
„Средбите во т.н иницијатива Жан Моне се можност да се седне на маса меѓу сите лидери на политички партии. Би било добро да се случи во март, а не да се одложи за мај, зашто при крајот на мај истекуваат многу рокови за закони кои треба да се донесат во Собранието од планот 3-6-9 и во пресрет на Самитот на ЕУ каде и Македонија треба да биде на дневен ред и ние сите се надеваме дека ќе добиеме датум за отпочнување преговори“, вели тој.
Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека улога за блокирана работа на Собранието нема да има само опозицијата ако од дневен ред не се повлече Законот за јазици. Според него, ако тоа не се случи, тогаш лидерска или некоја друга средба нема да помогне многу во одблокирање на работата на Собранието.
„Ако не се постапи на тој начин, вината е на двете страни, само опозицијата не може да се обвини за бојкотот и во тој случај лидерска средба или Жан Моне опција нема да придонесат за подобрување на околностите, зашто постојат партиски консултации и ако имаше можност за решение ќе се изнајдеше“, вели Трошановски.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ од средината на декември не учествува во работата на македонското Собрание, откако претходно на шестмина нејзини пратеници им беше определен притвор за случувањата во Парламентот од 27 април минатата година.