Влада на кревкото мнозинство

Архивска фотографија - Седница во Собрание за именување нови министри во Владата на РМ.

По најавите на Алијансата за Албанците дека излегува од Владата, политичките аналитичари се убедени дека таа нема да падне, туку дека ќе продолжи да работи со кревко парлaментарно мнозинство. Приоритет се реформите и евроатланските интеграции, а не изборите, сметаат тие.

Владиното мнозинство и понатаму ќе остане кревко, но предвремени избори нема да има, прогнозираат политичките аналитичари. Можноста мнозинството во Парламентот да стане помало од 61 пратеник се отвори по директната најава на Зијадин Села дека неговата партија Алијансата за Албанците, која има два пратеника, ја напушта владата. Така мнозинството кое имаше 62 пратеника, сега формално останува со 60 пратеници.

И да сакаат СДСМ и ДУИ избори сега, тие нема да се случат пред сè поради меѓународниот фактор, но и поради тоа што следната година треба да се направи пробив во евроатланската интеграција, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје. Тој смета дека за избори може да стане збор подоцна, на есен идната година или, како што вели, заедно со претседателските избори 2019 година. Дотогаш смета дека владата нема да падне.

„Исто како што за да се изгласа владата треба 61 пратеник, така и за да се распушти треба 61 пратеник, освен ако владата не се самораспушти но тоа е друго, бидејќи е потребен договор на владините партнери“, вели Божиновски.

Инаку, Алијансата за Албанците како коалиција при формирањето на владата влезе со три пратеници, но подоцна Весел Мемеди од Национална демократска преродба ја напушти коалицијата со Села, па во неа останаа двајца пратеници. Мемеди гласа како и другите партии од мнозинството, а министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу кој е од неговата партија останува на позицијата. Ваквиот распоред значи дека сега мнозинството во парламентот би требало да биде 60 пратеници, односно СДСМ и коалицијата 49, десет ДУИ и Весел Мемеди од Национална демократска преродба. Во меѓувреме, Чедомир Саздовски од ГРОМ кои беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ информираше дека ќе биде независен пратеник, а подоцна и Амди Бајрам од Сојузот на Ромите ја прекина долгогодишна соработка со сегашната опозиција.

И извори од СДСМ велат дека очекуваат поддршката на владините реформи од тие двајца пратеници, дополнително и на двајцата од ДПА. Поголемите владини партнери ги имаат направено пресметките за обезбедно мнозинство пред да се збогуваат со Алијансата за Албанците, смета политичкиот аналитичар Џелал Незири. И тој е убеден дека ќе продолжи владата да функционира со кревкото мнозинство што го има.

„Има најава дека кон Владата ќе се приклучи и ДПА со двајцата пратеници и независните кои веројатно ќе гравитираат околу ова актуелно мнозинство така што сметам дека нема да се создаде некаков поголем проблем со тоа што Алијансата повеќе нема да биде дел од владата“, вели Незири.

И претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на средба со новинарите оцени дека без оглед на случувањата кај власата и опозицијата и последните со Алијанса на Албанците, политичката ситуацијата е стабилна. Тој е убеден дека мнозинство ќе има и дека без оглед на можните дебати во Собранието, во работата ќе учествуват сите политички партии.

Премиерот Зоран Заев пак, неделава рече дека не планира во 2018 година да има избори бидејќи тоа е година во која, како што кажа, треба да одработат и граѓаните да го почувствувале тоа. Заев пред да го добие мандатот требаше кај претседателот Ѓорге Иванов да однесе потписи како услов тој да му ја довери можноста да состави влада. Тогаш тој однесе 67 пратенички потписи бидејќи поддршката му ја дадоа и петте пратеници од Беса, но подоцна не се договорија за влегување во Владата.