Сè во стилот на големиот христијански празник Велигден – посланието на митрополит Агатангел да не сме дозволиле „нечестивите“, како што вели, да ни го менуваат името, јазикот, знамето... предизвикало повеќе реакции на фановите на РСЕ, и тоа главно реакции против мешањето на политиката во верата.
Ѓорѓе Јанев, како реплика на митрополитот постирал: „Да не дозволиме попови да возат џипови и ментално растроени ликови да ни ја водат и пљачкосуваат државата“.
Новица Трајковски пишува: „Срамота е ова за целото македонско православие, владикава повикува да го браниме криминалот!“
Ндерим Марку иронично додал: „Да застанеме на браникот на криминалот. Да не дозволуваме да ни секне изворот на пари. Народот уште има пари, па ќе има и за нас“.
Аргос То реагира дека „.... И господ почнаа да го мешаат во валканите игри“, а Вики Ѓоргевиќ пишува: „... Господ знае сè. Знае и кој страда и кои се златољупци. Знае кој би направил сè само да го зачува украденото, а да не одговара за тоа. Кога-тогаш, пред Господ секој од нас ќе одговара! Верата си ја сакам, во Господ верувам, ама во попови никогаш!“
Има огромен број коментари по информацијата за интервјуто на претседателот Ѓорѓе Иванов за австрискиот весник Винер цајтунг, во кое тој повторува дека нема да го даде мандатот на Заев и да ја попречел граѓанската волја.
Постовите се различни, од тоа дека и Груевски се согласил на Платформата, само заради СЈО се откажал, па до тоа дека и Иванов признава оти Владата била договорена и дека Платформата не е проблем туку тоа што „на мафијашите не им се оди во затвор“, како што коментирал Младен Марковиќ.
„Преписката“ помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во саботата пред Велигден, поточно соопштението на СДСМ дека претседателот Иванов нема да ја попречи граѓанската волја и реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека „СДС лаже и на Велика сабота и е партијата која е подготвена да реализира дури и насилно сценарио за погазување на волјата на граѓаните јасно изразена на избори“ го предизвикала Зоран Јанков да коментира: „Некој лаже, некој краде, и на празник и на делник“.