Достапни линкови

Велигден, Исус и Јуда во политичката битка


Архивска фотографија-протест во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“
Архивска фотографија-протест во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“

Се манипулира со религиозните чувства на граѓаните во политички контекст, што е недозволиво, сметаат упатените, откако дел јавни личности ги споменуваат велигденските празнувања во контекст на домашната политичка криза.

Велика среда, постите, Велигден се дел од термините кои ги употребија пратениците на седницата на која требаа да дискутираат за избор на членови на Комисијата за избори и именувања. Потоа си дадоа дополнителен неработен ден и продолжението го закажаа за по Велигден, во вторник.

Не треба да зачудува користењето на верските наративи во контекст на актуелната политичка криза, оценуваат упатените. Во Македонија голем дел од населението има силна верска идентификација наспроти граѓанскиот идентитет, а нивниот вредносен систем е длабоко поврзан со религиозните верувања и догми, вели комуникологот Марко Трошановски.

„Поврзувањето на политичките прилики и ставањето во контекст на некакви религиозни наративи е подобно за влијание врз ставовите на гласачите“, вели Трошановски.

„Денес Jуда го предал Исус- да видиме македонскиот Јуда, Зоран Заев за колку ќе ја предаде Mакедонија?“- со ваков наслов дел медиуми објавија текстови на насловните страници на денот кој верниците го празнуваат како Велика среда. Вечерта, пак, на протестот на иницијативата „За заедничка Македонија“, актерот Владо Јовановски исто така направи поврзување на актуелната политичка криза и религиозниот контекст.

„Среда пред Велигден, знаете ли што се случи пред околу 2000 години на денешен ден? Јуда го предаде Христа бога за 30 сребреници...За колку сребреници денешниов Јуда сака да ја продаде Македонија? „ рече Јовановски.

Јуда и неговото предавство на својот профил Фејсбук го споменува и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, објавувајќи фотографија од нивниот политички противник претседателот на СДСМ Зоран Заев и поранешниот разузнувач Зоран Верушевски.

„Туѓи платформи против Македонија, за 30 сребреници!“, напиша Милошоски.

Во Македонија 84 отсто од населението е религиозно, десет отсто нерелигиозно, а еден отсто се изјаснуваат како атеисти. Дури 88 отсто од Македонците се изјаснуваат дека веруваат во Господ покажува анкетата што ја спроведе Брима Галуп врз репрезентативен примерок од 1.210 испитаници на возраст над 15 години.

Се манипулира со религиозните чувства на граѓаните во политички контекст, што е недозволиво, смета Зоран Бојаровски, долгогодишен новинар и познавач на религијата.

„Овие појави ги оценувам како крајно неодговорни, како начин на крајна злоупотреба на верските чувства на верниците во Македонија и се ставаат во апсолутно погрешен контекст без никаква врска со основните принципи на верата“, вели Бојаровски.

Престојниот празник го споменуваа пратениците и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. И двете страни се повикуваа на големото значење на празникот и бараа од другите да не ги злоупотребувале овие денови за партиски цели.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG