Достапни линкови

Изборот на претседател на Собранието под висок напон


Архивска фотографија-продолжение на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав
Архивска фотографија-продолжение на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав

На инсистирање на СДСМ да се премине на избор на претседател на Собранието, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговори жестоко, повикувајќи се и на народот. Аналитичарите изјавата ја оценуваат за политички некоректна и тенденциозна.

СДСМ и денеска продолжува на собраниската седница да бара да се премине на точката за избор на претседателот на Собранието. Тие бараат да се прекине расправата за избор на членови на Комисијата за избори и именувања, оти со дискусиите и репликите, како што велат, се одолговлекувало и блокирало Собранието. Од 51 пријавен пратеник за зборување досега поминаа шест, па остануваат уште 45 говорници.

Но, ваквото инсистирање на СДСМ предизвика остра реакција од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Викендов, во пресрет на продолжувањето на седницата, тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори жестоко и соодветно доколку СДСМ се обиде на, како што кажа, неделовнички начин да назначи претседател на Собранието, а и народот немало да остане со скрстени раце.

„Го предупредувам Заев да не си поигрува со демократијата во Македонија и со народот, бидејќи оваа држава не е негова, туку е на народот“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како исклучително политички некоректна и тенденциозна изјава ја оценува ваквата порака на Груевски, универзитетскиот професор Никола Дујовски.

„Ова веќе станува премногу сериозно. Не може на таков начин да се занемарува парламентарно мнозинство од 67 пратеници и да се заканува поранешен премиер дека народот немало да седи со скрстени раце во вакви чувствителни моменти“, вели Дујовски.

Тој смета дека во земјава има капацитет да се случуваат, како што вели, изолирани инциденти. Затоа смета дека политичарите треба по остро да реагираат и да ги осудат ваквите изјави.

„За ваквите изјави, во едно нормално општество, се преземаат сериозни чекори против тој кој што ги искажува. Во Македонија за жал, ниту институциите, а и политичарите немаат доволно зрелост. Потребно е да се повика на смирување на состојбите, а не на народ“, вели Дујовски.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири, пак, смета дека реално може да се блокира работата на Парламентот и на Владата и тука, како што вели, завршува приказната.

„Повеќе од тоа ништо не може да се случи, затоа што и полицијата денес не е под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, туку на ДУИ “, вели Демири.

Слична реторика употребија и од иницијативата „За заедничка Македонија. Еден од организаторите на протестите, Богдан Илиески, повика на мобилизација овие три дена, кој како што рече, биле клучни. Ќе се обиделе, рече тој, да изберат претседател на Собранието, а потоа и Влада, а тоа не смееле да го дозволат. Истовремено, речиси секојднево, се појавуваат македонски патриотски здруженија. Во својата повелба за стратегиска определба се наведува дека се подготвени со сите ненасилни или насилни средства да ја бранат татковината, односно националните и државни интереси.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG