Достапни линкови

Четири месеци без Влада, кризата се продлабочува


Архивска фотографија - Лидерот на СДСМ Зоран Заев на претседателот Ѓорге Иванов му достави доказ за обезбедено парламентарно мнозинство.
Архивска фотографија - Лидерот на СДСМ Зоран Заев на претседателот Ѓорге Иванов му достави доказ за обезбедено парламентарно мнозинство.

Четири месеци по вонредните парламентарни избори на 11 декември, Македонија cè уште нема Влада. Откако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успеаја да се договорат за коалицирање, шансата за формирање влада ја доби СДСМ, но иако обезбеди парламентарното мнозинство, мандатот не го доби. Работата во Собранието е блокирана, а претседателот Иванов остана на истиот став.

Политичката криза во земјата наместо да се реши по изборите таа од ден на ден се продлабочува. Точно четири месеци по изборите, Македонија се уште нема Влада. Конститутивната седница во Собранието заглави на точката за избор на Комисијата за избори и именувања, поради големиот број на пратеници пријавени за збор. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев иако обезбеди парламентарно мнозинство не го доби мандатот од претседателот Ѓорѓе Иванов за формирање влада. Се чини дека нема светло на крајот од тунелот, барем така изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Максимално се трудиме да ја решиме кризата, но не зависи само од нас, туку од сите партии. Некои од партиите ги блокираат државните институции. Сите треба да помогнат за надминување на кризата затоа што се блокирани сите државни институции. Засега не гледам некакво светло на крајот на тунелот, но се надевам дека сите партии ќе дадат свој придонес да излеземе од кризата“, рече Ахмети.

Изборите на 11 декември го донесоа најтесниот резултат досега, но ВМРО-ДПМНЕ со 51 пратеник, односно два повеќе од СДСМ го доби мандатот за формирање влада на 9 јануари. По долгите преговори со ДУИ, во законски определениот рок од 20 дена тие не постигнаа договор за коалицирање. Според ДУИ, причината не беше платформата која и тогаш беше во игра, туку продолжувањето на мандатот на СЈО, на што инсистираше партијата од албанскиот блок. До тогаш, никој не ја ни спомнуваше платформата.

Во меѓувреме повиците на еврокомесарот Јоханес Хан кој во февруари ја посети Македонија за формирање влада на солидна основа не беа слушнати. На 27 февруари започнаа и протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, со цел како што соопштија одбрана на унитарноста на земјата.

Платформата од услов за формирање влада стана пречка за Заев да го добие мандатот. Заев иако на 1 март му ги врачи потписите на Иванов како потврда за обезбедено парламентарно мнозинство тој не го доби мандатот, токму поради платформата, со образложение на претседателот дека го штител уставниот поредок..

Ден подоцна во Скопје и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини го повика Иванов да ја преиспита својата одлука. Но и нејзината посета на вроди со резултат, како и повторната посета на Хан на 21 март кој побара брзо формирање на влада и политичарите да не си играат со оган.

Во истиот ден започна и координацијата на партиите за избор на членовите и претседател на Комисијата за избори и именувања и иако се чинеше дека конечно процесот ќе тргне напред сè уште не се знае до кога ќе трае конститутивната седница за нивно именување.

Попуста беше посетата и на претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск кој за разлика од другите меѓународни претставници беше поблаг, но и тој побара решение за кризата.

Но решение за кризата на повидок нема. ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на спроведување нови избори, како и Иванов, а поддршка во нивното барање имаат и од демонстрантите. Од СДСМ, пак, веќе подолго време соопштуваат дека имаат стратегија, без конкретно да кажат каква и кога ќе ја реализираат со цел избор на спикер на Парламентот и формирање влада.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG