Без да звучиме претенциозно, се чини дека Македонија е единствена по многу нешта, па ете, доживеавме историски грабеж на банка, вест што ја објавија сите печатени медиуми, и тоа пред оние за политичката криза. „Милионски грабеж во НЛБ банка: крадецот фатен, парите ги нема – полицијата истражува како е можно 40-годишниот скопјанец да изнесе 3 милиони евра од банката каде што бил вработен“ – гласи насловот во Утрински. Нова Македонија додава: „Трезористот од Тутунска банка крадел од минатиот четврток“.
Некаде сме на врвот и меѓу оние земји во светот каде што огромен процент од населението е религиозно: „Религиозно 84 отсто од населението во Македонија“, го објави Утрински, а и другите весници, истражувањето на Брима Галуп. Степенот на религиозност опаѓала кај луѓето со повисок степен на образование и поголеми примања, открила анкетета спроведена во повеќе земји. Заклучок може да си изведе секој.
Инаку, пред Велигденските празници, за Дневник е најбитно „Како Македонецот на светиот Павле стана човек од Македонија“ и „Експертите за смртта на синот Божји“. Вечер Велигден го комбинира со политика: „СДСМ го реализира сценариото за државен удар – Велигден со протести и провокации! За Божик беше составена Тиранската платформа, дали за Велигден Македонците ќе добијат Албанец за претседател на Собранието?“ – насловува весникот.
Утрински објавува: „Расплет до Велигден или блокада до недоглед – во СДСМ расте повторно оптимизмот, во ВМРО-ДПМНЕ нервозата, во Брисел очекувањата“.
А пропо религијата и политиката, Слободен печат прашува: „Се вклучува ли Црквата во промоција на паравојската? Црни мантии зад црни кошули“ и, како пандан на поддршката на владиката Петар на некои групи кои објавија дека ќе ја заштитувале Македонија, изјавата на владиката Тимотеј: „Мешањето на национализмот со верата не е ерес, но е грев!“
А како што поминуваат, веќе месеци, а Собранието никако да ја доврши својата работа, Утрински ја објавува анализата од неодамнешното истражување на јавното мислење спроведено од американскиот Национален демократски институт според која „Постизборните маневри ја топат поддршката за партиите“. Имено, според НДИ, најочигледен е падот кај ДУИ, потоа кај ВМРО-ДПМНЕ, па кај СДСМ.
И една загришувачка информација, исто така во Утрински: „Во рамките на економскиот извештај за земјите од Западен Балкан на Светска банка, соопштен е податок кој шокира – дека повеќе од 2/3 од 15-годишниците во Македонија не поседуваат функционална писменост во читање, математика и природни науки“. Веста Утрински ја објавува со наслов: „Функционалната неписменост го парализира општеството“.