Состојбите во државната администрација и јавниот сектор во Македонија тешко се менуваат, а јавноста со години знае дека партиите кои ја освојуваат власта таму вработуваат луѓе од кои потоа за возврат очекуваат одредени услуги, најчесто да гласаат за нив на избори.
Клучната реформа во јавната администрација е професионализација и деполитизација на државната служба, се вели во Извештајот на Европската Комисија од 2015 година. Во низа европски извештаи во изминатите години ЕК наведува дека постојат притисоци врз вработени во јавната администрација за избори, дека има недостаток на транспарентност, вештачко зголемување на вработувањето во јавниот сектор без почитување на начелото на заслуга...
Професорот Темелко Ристески од Универзитетот ФОН, стручен за областа, вели – јавната администрација ефикасно ја сервисира само владејачката гарнитура, таа е гломазна, преобемна и бројот на вработени е поголем од оној што го објавуваат владините служби.
„Бројката секако дека е поголема, повеќе сум склон да верувам дека бројката се приближува до 180 илјади, отколку до она што тие го велат над 120 илјади вработени. Тие имаат интерес да го кријат од граѓаните бројот на вработените во јавната администрација, затоа што факт е дека таа го оптоварува буџетот“, вели Ристески.
Ристески вели дека решавањето на проблемот во јавната администрација ќе трае долго, а реформи треба да се спроведуваат постепено со прераспределба на кадарот на соодветни работни места за ефикасно да ги извршуваат работните задачи.
Министерството за информатичко општество и администрација неодамна објави Годишен извештај за вработените во кој се вели дека во јавниот сектор се вработени над 129 илјади лица со просечна возраст од 45 години во вкупно 1291 институција во сите дејности на локално и централно ниво.
Од Министерството наведуваат дека се подготвува стратегија за реформа во јавната администрација во следните пет години, согласно заложбите на Владата за воведување суштински реформи, како воспоставување на целосен „мерит“ систем, зголемена ефикасност, транспарентност, отчетност, одговорност.
Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје учествуваше во подготовката на извештајот. Тој вели дека во него не е ставен бројот на вработени во трговските друштва во државна сопственост и вработените со договор на дело, кој изнесува околу 25 илјади лица.
Во однос на забелешките во европските извештаи, Давитковски вели дека законите за вработените во јавниот сектор и административните службеници формално правно се усогласени со законите и стандардите на ЕУ, но за вистински да заживеат таквите закони е потребна политичка волја.
„Секој пат во Македонија тоа било проблемот, да има политичка волја да се направат вистински реформи. Во светот постојат два модела на администрации, едниот е во функција на остварување на човековите права и вториот е во функција на остварувањето на владините политики. Сите западноевропски земји го имаат првиот модел, а, за жал, Македонија се уште е во фаза државната администрација да е во функција на остварување на политиката на владејачката врхушка“, вели Давитковски.
Инаку, според податоците во Годишниот извештај најмногу од вработените во јавниот сектор се со завршено високо образование, односно над 48 илјади луѓе, со средно образование се над 36 илјади, над девет илјади се со основно, има над две илјади магистри и 1.771 доктори на науки. Останатите се висококвалификувани, со вишо образование, полуквалификувани, а има и околу 500 без образование.