По објавувањето на прислушуваните материјали, структурите на власта се во постојана изборна кампања, зашто главно се насочени кон подобрување на нивниот рејтинг, велат експертите. Тие изразуваат сомнеж дека доминира популизмот чија цел е популаризација на владата, а како најнов пример за тоа го наведуваат огласот на МВР за вработување на 652 извршители.
Имајќи го во вид сплетот на околностите настанат со т.н бомби на Заев и високиот степен на компромитираност на актуелната власт, таа сака што е можно повеќе да се доближи до граѓаните. И во функција на тоа добивање на поени се овие вработувања.Темелко Ристевски, универзитетски професор.
Кога некои политичари кои се наоѓаат во таква состојба носат и натаму одлуки да вработуваат луѓе во клучни институции, тогаш се поставува прашањето каква порака им се праќа на граѓаните, укажува професор Темелко Ристевски во својот коментар по повод огласот.
„Имајќи го во вид сплетот на околностите настанат со т.н бомби на Заев и високиот степен на компромитираност на актуелната власт, таа сака што е можно повеќе да се доближи до граѓаните. И во функција на тоа добивање на поени се овие вработувања“, вели тој.
Како што одминува времето и како што се ближат предвремените избори ние ќе бидеме сведоци на вакви мерки кои секако ќе остават тешки последици врз буџетот и општата економска состојба.Насер Зибери, поранешен пратеник.
Експертите често изразуваат критики дека во администрацијата во Македонија владее политизација, дека во овој период тој процес е силно изразен и оти партиите ја сметаат администрацијата за своја сопственост.
Тоа мора да прекине, истакна Ристевски и наведе дека во јавната администрација има и квалитетни кадри, но оти мора да се прекине со вработувањето партиски кадри. Ристевски, говорејќи за извештајот што пристигна од експертите од Европската комисија, укажува дека прекубројноста на администрацијата е едно од прашањата кои ги оптоваруваат институциите.
„Не е добро кога покрај другото Македонија е и критикувана поради таа пребројна и партизирана администрација. Еве конкретно да го споменам извештајот на Европската комисија. Ова не дава добра слика за Македонија. Излегува дека органите на ЕУ може да зборуваат што сакаат, ние ќе си работиме што сакаме и како сакаме“, вели тој.
Како загрижувачки податок, аналитичарот Насер Зибери го истакна податокот дека администрацијата е предимензионирана и дека новите огласи за вработувања не соодветствуваат ниту со економската состојба.
„Како што одминува времето и како што се ближат предвремените избори ние ќе бидеме сведоци на вакви мерки кои секако ќе остават тешки последици врз буџетот и општата економска состојба“, вели Зибери.
Граѓаните често се жалат на лошата управа во јавната администрација и дека тоа влијае на нивниот однос кон државата. По последниот оглас за вработувања во МВР, Насер Зибери изрази сомнеж дека Владата покажува амбиции да ја концентрира власта во свои раце и безбедносните структури да ги стави под своја контрола.
„Единствено во таа функција се овие мерки. Еден чекор кој значи поткупување на гласачи и создавање клиентелистички структури кои би биле на испомош на владејачките партии, пред сè на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, вели тој.